Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе функционира со хибриден систем на образование

- Advertisement -

Универзитетот „Гоце Делчев“ донесе одлука оваа академска година образованието да го реализира во хибриден начин. Дел од наставата ќе се одвива преку интернет, а дел ќе се одвива во живо, пренесува универзитетскиот портал УГД Лајф.

Според донесената одлука, во студиската година што следува теоретската настава ќе се одржува преку интернет. Практичната настава (вежбите – лабораториски и клинички) ќе се одвива комбинирано. Тоа би значело дека оние кои би можеле да се одвиваат со физичко присуство ќе се одвиваат така, а оние кои ќе дозволуваат онлајн одржување би се одржувале на тој начин. Испитите, колоквиумите и другите форми на проверка на знаење ќе се одржуваат исто така комбинирано. Дел од нив ќе се одржуваат онлајн, а дел со физичко присуство зависно од спецификите и големината на групите.

- Advertisement -

„Оваа одлука ја донесовме затоа што ние имаме можност да функционираме и онлајн и со физичко присуство. Хибриден систем на образование значи дека дел од предавањата ќе се одржуваат онлајн, а практичната настава ќе се одвива со физичко присуство. Има факултети каде што практичната настава е задолжителна за стекнување знаења, па тие ќе имаат вежби со физичко присуство“, изјави проректорот за настава проф. д-р Мишко Џидров.

Универзитетскиот портал пишува дека ваквата одлука е донесена со оглед на тоа дека УГД користи најсофистицирани ИТ решенија во имплементирање на образовниот процес и беше единствениот универзитет во државата кој беше издвоен како успешен пример за целосно имплементирање на учење на далечина.

Сподели!
- Advertisement -