АнаМарија Павлова и Бојан Андонов се млади авантуристи и ентузијасти од Штип имаат уникатна идеја, да отворат градинка на отворено каде децата секој ден ќе се чувствуваат како да се во извиднички камп. Идејата за градинката „Камп“ беше избрана и како една од двете победнички идеи на натпреварот RISE на АРНО.
Ана Марија и Бојан претставувајќи ја својата замисла, за Иновативност велат дека нивната цел е да ги поттикнат децата да живеат здрав живот уште од мали нозе, здраво да се хранат, да ја почитуваат животната средина и да поминуваат што повеќе време на отворено со физички активности и запознавање со природата. Тоа ќе им овозможи правилно да се развиваат и да градат вистински навики, што ќе им помогне да се соочат со сите животни предизвици кои ги очекуваат.
Новинар – Сања Наумовска
Ана Марија и Бојан, кажете ни нешто повеќе за „Камп“, вашата градинка на отворено.
Идејата за „Камп“-градинка на отворено е прв ваков концепт во Македонија. Преку градинката, нашата мисија е да ги запознаеме децата со природата, бенефитите што таа ги нуди, да ги поттикнеме да бидат активни и да водат целокупно здрав живот. По победата на RISE натпреварот на АРНО се фокусиравме на барање партнери за долготрајна соработка како и мапирање на идеалната локација. Засега имаме добри услови за почеток и планираме да започнеме со стекнување на потребната опрема.
Како дојдовте до идејата да развивате токму ваков концепт на згрижување дечиња?
АнаМарија: Инспирацијата за ваква градинка во Македонија, произлезе од моето искуство по еднонеделно волонтирање во шумска градинка во Литванија. Имав можност да видам како таму одлично функционира концептот и покрај воглавно врнежливото време. Заради тоа решивме дека ние, како земја со 300+ сончеви денови, имаме далеку подобри услови за реализација ваков сличен концепт.
И јас и Бојан сме љубители на природата и активностите на отворено. Дополнително на тоа, од нашето лично искуство знаеме како образованието, за мене формалното, а за Бојан неформалното, ни влијаело во оформувањето на ставовите и мислењата. Според тоа, откако се согласивме да ги здружиме силите, ни беше јасно дека овие две нешта мора да се комбинираат за да се добие најдобриот резултат, како за правилниот психо-социјален развој на децата, така и за подобрувањето на нивното физичко здравје.
Според вашите замисли, како треба да изгледа градинката „Камп“ и какви активности треба да спроведува?
Бојан: Градинката Камп би била лесно достапна за родителите, но во ист момент би будела чуство како да се наоѓа во срцето на планината. Со предвидените активности, децата од најмала возраст би учеле како да бидат продуктивни, извршувајќи ги своите одговорности и справувајќи се со предизвиците кои ги носи секојдневието. Градинката би била наменета за деца од три до шест години, период кога се оформува најголем процент од карактерот на детето.
Велите дека имате искуство од волонтирање во слична градинка во Литванија. Какви се вашите впечатоци, има ли и други слични примери во светот?
АнаМарија: Да се види како овој концепт функционира во Литванија беше едно навистина незаборавно искуство. Дури се запрашавме како никој до сега не се обидел да го спроведе истото и кај нас. Оваа идеја потекнува од скандинавските земји каде што родителите ги учат децата да не се плашат од временските услови, бидејќи за нив е здраво и од поголема полза да се прилагодат на времето, отколку да се кријат од него. Додека бевме во посета на шумските градинки, можевме јасно да ја видиме бестрашноста во љубопитноста на децата, самостојноста која ја развиваат кога им е дозволено слободно да истражуваат и способноста да се грижат за себе и другарчињата.
Кои се бенефитите од престојот во градинката на отворено, како ќе ги привлечете родителите да ви ги доверат децата?
Бојан: Бенефитите се многу, како за децата и родителите, така и за општеството. Децата од најмала возраст би учеле колку е значајна природата за сите и како да ја заштитиме. Во самиот тој процес децата стекнуваат секојдневни здрави навики, се учат на одговорност, ја зголемуваат својата самодоверба, ја развиваат свеста и логиката како да направат промена и се стекнуваат со вештината на критичко размислување. Сметам дека родителите самите ќе сфатат дека нашиот вид на едукација и пристап кон децата е тоа што ни е потребно во 21 век.
Камп е идеја која неодамна беше прогласена за една од победничките од проектот RISE на АРНО. Што значи за вас ова искуство?
АнаМарија: Победата ни укажа дека сега е вистинското време да се започне со оваа идеја, особено по пандемијата која сите не присили да се затвориме во домовите и да се прилепиме кон технологијата. Истовремено, ова беше најдобриот начин да дебитираме пред јавноста, покажувајќи ја поддршката на АРНО зад нас и целиот процес на учење, менторирање, осмислување и презентирање на нашата идеја.
Кои се вашите планови за иднината?
Бојан: Откако ќе ја прецизираме локацијата каде што ќе се наоѓа градинката, планираме да започнеме со опремување и официјално да започнеме да се дружиме со дечињата. Паралелно на тоа планираме да организираме посета на локални општествено одговорни организации кои промовираат здрав начин на живот, зачувување на природата и слично.