Американскиот милијардер, бизнисмен и визионер Илон Маск тврди дека до 2050 година веројатно во секој дом ќе има хуманоиден робот. Маск во едно неодамнешно интервју изјави дека неговата компанија „Тесла“ развива технологија за самоуправување и ја пренесува својата работа на роботиката, а исто така рече дека повеќето домови ќе поседуваат хуманоиден робот во не толку далечна иднина. Тој како услов го наведе напредокот на технологијата за вештачка интелигенција.
Додека го решаваме проблемот со технологијата за вештачка интелигенција за автомобили, кои всушност се роботи на тркала, можеме исто така да ги генерализираме решенијата и за роботите на нозе – вели Маск.
Тој го истакна фактот дека компаниите како „Бостон дајнамикс“ го покажаа својот потенцијал во развојот на хуманоидни роботи, но исто така рече дека сè уште не сме многу блиску до користење на технологијата за вештачка интелигенција како помош во домаќинствата.
Работите што моментално недостигаат се доволна интелигенција за роботот да се движи наоколу во реалниот свет и да прави корисни работи без потреба од експлицитни инструкции. Тоа се работи во кои ние во „Тесла“ сме многу добри. Треба да дизајнираме специјализирани актуатори и сензори што се потребни за хуманоидниот робот. Луѓето сè уште не се свесни за тоа, но ова ќе биде позначајно од автомобил – рече Маск.
Тој нагласи дека светот ќе мора да работи напорно за да избегне дистописко сценарио кога е во прашање технологијата на вештачка интелигенција. Неговата компанија „Неуралинк“ е делумно основана за да се „ублажи заканата од АИ-технологијата“.
Американскиот бизнисмен рече дека локализираниот чип на РОМ што нема можност за ажурирање „преку воздух“ може да помогне во одржувањето на безбедноста, вклучувајќи ја и способноста роботот да ја препознае командата и да ги прекине тековните активности кога некое лице го сака тоа. Тој исто така додаде дека треба да има регулаторна агенција за технологијата на вештачка интелигенција. Маск верува дека хуманоидниот робот прво ќе извршува опасни и здодевни задачи, кои човекот не сака да ги прави, а потоа ќе стане понапреден и тоа ќе му овозможи да се грижи за луѓето, да приготвува оброци, да коси тревник и многу повеќе.
Мислам дека ќе имаме интересен прототип оваа година. Можеме да добиеме нешто корисно следната година, но поголеми се шансите тоа да се случи за две години – рече Маск.
Извор – Нова Македонија