Им помагаме на компаниите за само пет дена да проверат дали нивната бизнис идеја ќе биде успешна на пазарот!

- Advertisement -

Сања Митрoвска е основач и главен извршен директор (CEO) на Networker, стартап компанија со мисија да ја изгради следната генерација на компании кои ќе го менуваат општеството, обединувајќи претприемачи, големи идеи и инвестициски капитал!
Повод за интервјуто за „Иновативност“ е настанот “Longest Pitch marathon“, прв од ваков тим во нашата земја и на кој може да се освои инвестиција од 25 илјади евра!

Но, разговараме и за други инетресни аспекти на стартување и водење сопствен бизнис!

- Advertisement -

Новинар – Верица Јорданова

Longest Pitch marathon e нешто за што деновиве многу гласно се слуша во јавноста. За што конкрретно станува збор? Зошто решивте да организирате ваков настан во МК? Каков е досега интересот?

- Advertisement -

На наше големо изненадување целата позитивна енергија околу настанот сеуште не запира, иако официјално го лансиравме на крајот на март и веќе половина капацитет е пополнет. Споменатото, уште повеќе ни ја потврдува причината зошто и се одлучивме за еден ваков настан, а тоа е да докажеме дека и во Македонија може да рушиме рекорди со интелект и бизнис иновации.

Во нашето работење од три години, 50+ Google Design Sprint работилници и најмалку 1000+ „убиени идеи“ кои одново ги реизградивме, дојдовме до следниот заклучок. Инвестициски капитал постои во нашава држава, но немаме доволно идеи спремни за инвестиција. Кога ќе кажам спремни, мислам на идеја која веќе има некакво демо и претприемачот бар поразговарал со најмалку 5 потенцијални клиенти, покрај фамилијата и пријателите. Проблемот е што еден дел од идеите никогаш не стануваат спремни за инвестиција бидејќи нивното валидирање побарува големи ресурси, но имаат голем потенцијал за развој и скалабилност подоцна.

- Advertisement -

Токму затоа, одлучивме да пријдеме на стартапите од друга страна. Да организираме настан на кој ќе се руши Гинисов рекорд за најдолгата презентација во светот на идеи пред инвеститори. На овој начин ќе се претстават повеќе од 90 идеи пред нас и 5 победници од нив ќе се финансираат во износ од 25.000 евра за развој на демо на нивниот продукт, добивање на директен фидбек и можно прилагодување на пазарните потреби. 

Велите дека целта е да стигнете до вистинските претриемачи и нив да ги однесете до големите светски инвестициски пазари! Има ли нашата земја потенцијал за такви претприемaчи?

Апсолутно! Како компанија чие мото е „We help startups, startup“ од прва рака може да споделиме дека сé повеќе младите генерации се спремни да ја превземат судбината во свои раце и започнат сопствен бизнис, наместо да го бараат решението надвор од државата работејќи за друг. Причината претпоставувам е што КОВИД кризата ни покажа дека ништо не е сигурно, вклучително и работата за друг која секогаш погрешно не асоцира на сигурност.

Токму овие млади луѓе се успешни во тоа што го прават и странски инвестициски фондови се заинтересирани за нив. Доказ дека овие фондови се отворени за идеи од нашава земја се неколку, а во нашето искуство од 3 години директно знаеме три бизниси кои во моментов вредат неколку милиони евра. Еден од нив е Upshift кој доби инвестиција од 4 милиони долари, укажувајќи на фактот дека компанијата најмалку вреди 10-тина милиони долари.

Идентична е приказната на Bike Computer која во моментов е најсимнуваната македонска апликација со над 2 милиони корисници. Зборуваме за вредност повторно од неколку милиони евра.  И на крај најнова е приказната со Howitzer, млади дечки кои добија инвестиција од пола милион евра, за идеја во многу рана фаза. 

Кои се условите за добивање на инвестицијата од 25.000 евра и дали истите се повратни?

Инвестицијата од 25.000 евра по бизнис е неповратна. Впрочем и затоа ја нарекуваме инвестиција, а маратонот е longest pitch marathon. Тоа значи дека претприемач со идеја, во многу рана фаза (дури и без основана компанија) ќе може во 10 минути, користејќи темплејт за презентација кој ние ќе му го пратиме после пријавата, да се претстави пред комисијата.

Инвеститорите од друга страна, судејќи по неколку критериуми би одлучиле дека веруваат во него и идејата и би ги вложиле финансиите во замена на сопствеништво од бизнисот кој би се основал. Тоа значи дека инвеститорот го дели ризикот заедно со претриемачот бидејќи верува во идејата. Во однос на сопствеништвото, најголемиот процент кој може да се земе е 20% и тоа е во ситуација кога бизнисот ни ни постои и нема изградена бета верзија/ прототип од истиот.

Освен финансиите, се добива вмрежување со странски инвестициски фондови и менторство од инвеститорите, бидејќи самите тие веќе имаат искуство во градење на бизниси.

Дополнително, Нетворкер петте победници ќе ги земе „под своја закрила“ и ќе се започне процес од Google Design Sprint работилници кои во рок од 5 месеци ќе овозможат на бизнисите да изработат демо од идејата, да ја лансираат првата бета верзија, брзо да учат од пазарот, да го прилагодат својот бизнис и реализираат прв приход.

Целта е едноставна – да покажеме капацитет за излез на странски пазари и добивање на инвестиција од инвестициските фондови во Швајцарија, Англија итн.

Сања, кажете ни нешто повеќе за работата на Нетворкер? За методите кои ги користите за развој на нови производи?

Нетворкер постои за да ја развие следната генерација на стартапи кои имаат потенцијал да го менуваат општеството, спојувајќи претприемачи, идеи и инвестициски капитал.

Споменатото го правиме преку Google Design Sprint методологии кои вклучуваат низа на креативни работилници за создавање, тестирање, добивање фидбек од клиентите и повторно прилагодување на продуктот додека не го најде својот маркет-фит. Оваа методологија компресира неколку месеци потрошени во дизајнирање, градење, лансирање и процесирање на идејата во само неколку дена.

Каков бенефит се очекува да имаат бизнисите, како краен продукт од „Дизајн спринтот“?

Бенефитот од Дизајн спринтот на секој бизнис е можноста да се види дали една идеја е исплатлива или не и на каков начин истата да се реализира без да треба да се инвестираат премногу финансиски средства, за да се провери дали истата таа идеја би била успешна на пазарот.

Сé претходно споменатото има една цел- добивање на инвестиција за реализација! Односно, тоа подразбира докажување дека идејата на клиентот е потребна на пазарот и базирање на повратот на инвестиција во истата со помош на реални докази, а не само информации од секундарни извори.

Крајниот продукт е „клуч на рака“ од бизнисот до кој се стигнало само со идеја на претприемачот. Тоа подразбира веќе направен прототип, негово тестирање на реални корисници, финансиска анализа за исплатливоста на развојот на еден ваков продукт после тестирањето, прилагодување на продуктот и негово лансирање на пазарот.

Исто така важно е да се каже дека Дизајн спринт методологијата  ги употребува различните размислувања во создавање нови креативни решенија а со тоа му дава двојна улога на поединецот во тимот. На пример секој финансиски аналитичар може да даде креативна идеја, или секој дизајнер може да има интересен предлог за нов канал на продажба.

Кои се вашите клиенти? Каков успех имате постигнато досега?

Наши клиенти се луѓе кои имале бизнис идеја, но не знаеле како да ја реализираат, но исто така и компании кои дошле до некаква интересна, иновативна бизнис идеја, која со помош на нашите услуги се развила во уште една успешна гранка на нивниот бизнис. Во нашите досегашни резултати од неполни три години постење имаме реализирано повеќе од 50 дизајн спринт работилници и обезбедено средства во висина од над 1 милион евра.

Кои се вашите планови за во иднина?

Да станеме првиот приватен инвестициски фонд во Македонија кој ќе вложува во стартапи и истите да ги развиваме по примерот на YCombinator од Селиконска Долина. Тоа е фонд од кои излегле најголем број на unicorns (екстремно успешни стартапи) а истиот покрај незначителна инвестиција дава развој на продуктот, спојување со инвестициски фондови специјализирани за скалабилни бизниси и нетворкинг за успех на странски пазари.

Дали ова е нескромно? Да! Затоа и тргнуваме со рушење на Гинисов Рекорд кој ќе ја охрабри претпримничката заедница кај нас, преку победнички 5 стратапи од кои верувам дека барем еден ќе биде првиот unicorn од нашата земја. Доказ дека тоа можеме да го направиме е фактот што Грција и Бугарија веќе имаат неколку.

Сподели!
- Advertisement -