Последната мисија на Марс со која роверот Perseverance беше спуштен на Црвената планета е посебна од многу причини. Една од нив е тоа што со таа мисија на Марс слета и Ingenuity, хеликоптерот кој веќе над една година лета над површината и испраќа фотографии и снимки на Земјата.
Последните фотографии се од пред десетина дена, но ги објавија дури неделава и посебно го одземаат здивот затоа што изгледаат неверојатно, особено кога ќе помислиме дека се од Марс.
На фотографиите кои ги направил хеликоптерот се гледаат остатоците од леталото со кое слетале Perseverance и Ingenuity на Марс, а дури се гледа и падобранот кој им помогнал побезбедно да слетаат и изгледа дека е во одлична форма.
Тоа се одлични вести за научниците кои работеле на технологијата за слетување затоа што процесот на слетување е многу комплициран и тежок и леталото при влегувањето во атмосферата на Марс е изложео на многу високи температури, а брзината со која се движи изнесува дури околу 20.000 км/ч.
Најновите фотографии се направени од висина од десетина метри и може да им помогнат на инженерите на НАСА во планирањето на идните мисии на Црвената планета. Моментално најбитната таква мисија, во која учестува и Perseverance, е да се соберат примероци од почвата на Марс и да се донесат на Земјата. Тие примероци вo иднина треба да ги земе друг ровер и да ги донесе овде. Се разбира, тоа не е едноставно и ќе помине доста време додека да се случи тоа.
Од НАСА велат дека ноивниот хеликотпер со секој нов лет покрива досега неоткриен дел од планетата и дава нова перспектива за површината на Марс, Ingenuity ќе продолжи да лета и се надевавме дека наскоро ќе видиме нови спектакуларни фотографии од Марс.
(CNN)
(фото: НАСА)