Дури 33 крајбрежни градови во светот полека тонат, но не поради причините кои мислите. Најголем дел од тие градови се наоѓаат во Азија. Кинескиот град Тианџин тоне најбрзо од нив – дури 5,22 см годишно. Џакарта во Индонезија тоне 3,44 см годишно, поради што беше донесена одлука седиштето на престолнината да се премести за 2.000 км на островот Борнео.
И американскиот град Хјустон е меѓу првите топ 10 градови кои тонат. Тој тоне со стапка од 1,95 см годишно.
Причината за тонењето на овие градови е нешто што се нарекува слегнуваање, а се случува кога почвата ќе се спушта надолу и станува покомпактна затоа што луѓето испумпуваат подземна вода, ископуваат нафта и природен гас или поради премногу градежни активности.
Тонењето од 1 см годишно е 5 пати побрзо отколку покачувањето на нивото на морињата и океаните годишно, што значи дека мора да се земе предвид стапката на тонење за прецизно предвидување на поплавите.
Слегнувањето на почвата може да предизвика и срушување на згради, како што се случи во Сурфсајд, Флорида во 2021 година, кога погинаа 98 луѓе. Слегнатата почва не може да се врати назад, но може да се забави, а тоа главно може да се постигне со регулирање на екстракцијата на подземна вода.
На пример, пред 30 години, пред да се воведе многу построга контрола на ископувањето подземна вода, Џакарта тонеше по 30 см годишно. Сега тонењето е сведено на една петтина. Годинава северниот дел од Џакарта целосно го забрани ископувањето подземна вода.
(World Economic Forum)
(фото: Wikimedia)