Сателитската интернет-услуга Starlink на компанијата Space X од минатата недела е достапна во 32 земји во светот.
Според соопштението на компанијата и објавената мапа, може да се види дека Starlink сега е достапна во поголемиот дел од САД, Европа, Нов Зеланд, Канада, Австралија и Јужна Америка.
Од Space X велат дека услугата во овие земји ќе биде испорачана веднаш, што претставува напредок во споредба со минатото кога купувачите чекаа со месеци за да ја добијат платената услуга.
Според објавената мапа, поголемиот дел од остатокот од светот е обоен во темно сина боја, што означува дека во тие делови услугата ќе стане достапна наскоро. Меѓу овие земји е и Северна Македонија, за која пишува дека Starlink ќе стане достапен во вториот квартал од годинава, исто како и во Албанија.
Во Босна и Херцеговина сателитската интернет-услуга на Space X ќе стане достапна кон крајот на годинава, додека во Србија ќе биде воведена во 2023 година.
Starlink ветува поголема брзина и помала латентност од другите сателитски провајдери. По неколку години лансирање, компанијата собра констелација од над 2.000 сателити во ниската орбита на Земјата.
(Meta.mk)
(фото: Starlink)