Во понеделник го отвораме Ино Фаб Лаб на Технолошко-металуршки факултет! Лабораторија за иновации отворена за сите млади!

- Advertisement -

Во понеделник официјално ќе почне со работа првата лабораторијата за производство и прототипирање ИНО ФАБ ЛАБ, лоцирана на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје. Во неа под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор младите на возраст од 15 до 29 години ќе може да развиваат иновативни идеи, да ги тестираат и да создаваат прототипи.

Првата Фаб Лаб лабораторија во нашата земја е основана од страна на Здружението Ино Тех Клуб со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на „Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, Амбасадата на САД и повеќе компании од различни индустрии: Maкстил, Цементарница Усје, Кабтел, Завар Компани и Textile Solutions.

- Advertisement -

По овој повод разговаравме со д-р Игор Јорданов, професор на Технолошко-металуршки факултет и претседател на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип.

Разговараше- Сања Наумовска

- Advertisement -

Професор Јорданов, кажете ни поконкретно што е Ино Фаб Лаб и кој нејзиниот концепт на работење?

Лабораторијата за производство Ино Фаб Лаб, лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, е место каде младите кои имаат иновативни идеи и техничко-технолошки аспирации ќе можат слободно да ја користат иновативната опрема во лабораторијата и да добијат менторска поддршка од стручни лица. Клучната цел на формирањето на вакви лаборатории е да се зајакне инфраструктурата во земјава за поттикнување иновативни идеи но и место каде истите ќе се истестираат и прототипираат. Ваквиот пристап и формирањето на првите лаборатории за производство би требало да го поттикнат истражувачкиот, иновативен дух на младите и да ги зајакнат техничките вештини, кои во моментов се сметаат за слаба точка.

Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, преку овој проект во период од 12 месеци, ќе им овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работа на конкретни проекти кои ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипи.
Тимовите кои ќе добијат пристап до лабораторијата ќе се избираат врз основа на проектна идеја, а ќе аплицираат на нашите јавни повици. Се очекува тимовите  да бидат составени од 6-8 млади лица чии идеи имаат најголем потенцијал за развој на иновативен производ. Откако ќе бидат избрани, тимовите заедно со нивните ментори ќе имаат период од четири месеци за работа во лабораторијата за производство.Сакам да нагласам дека најмалку 40% од тимовите ќе бидат девојчиња, затоа т+што навистина сметаме дека е неопходно нивно поголемо вклучување во СТЕМ едукацијата (наука, технологија, инженерство и математика).

- Advertisement -

Нашата навистина силна страна во целава оваа иницијатива е големата менторска мрежа која ја развивме за време на имплементацијата на Ино Тех проектот за популаризација на науката, техниката и иновациите. Во нашата менторска мрежа, односно експерти кои ќе работат директно во лабораторијата со избраните тимови, се наоѓаат искусни и стручни лица од редот на факултетски професори од повеќе универзитети, професори од средни училишта, искусни инженери и менаџери од домашни и странски компании во земјава, експерти со богато практично искуство во повеќе индустриии.

Веруваме дека преку оваа уникатна едукативно-практична програма за развој на производ или подобрување на некој процес, учесниците ќе навлезат подлабоко во светот на техниката и технологијата и ќе се стекнат со искуство и вештини кои ќе им помогнат во успешно трасирање на нивните идни кариери. Дополнително на оваа менторска програма, на учесниците ќе им биде овозможена и дополнителна обука за основни бизнис и претприемнички вештини.

Какви технички можности нуди Ино Фаб Лаб? 

Inno Fab Lab ќе биде опремена со следнава опрема: ласерска машина за сечење во 2D и 3D; 3D печатар; CNC машина со висока точност за обработка на струјни кола, калапи и др.; шредер за ситнење на пластичен, текстилен и земјоделски отпад; мини екструдор за екструдирање делови од рециклирана пластика и зајакнувачи од отпад; мини преса за добивање композити од обновливи хемикалии базирани на циркуларната економија; 3D скенер и компјутери. Целата оваа опрема ќе биде ставена во функција на тимовите кои ќе работат во истите, со крајна цел идеите да се истестираат и да се произведат прототип на нови или подобрени производи.

Сакам да потенцирм дека од голема важност е фактот што лабораторијата ќе биде сместена на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, кој со своите програми ги опфаќа речиси сите инудустрии во земјата. Овде се креираат кадри за прехранбената, текстилната, металуршката, хемиската и индустријата за производство на материјали.

А, од каде всушност дојдовте до идејата за формирање на Фаб Лаб и мотив да влезете во една ваква иницијатива?

Формирањето на Ино Фаб Лаб воопшто не е случајно. Нашата организација во 2020  година со поддршка на Alumni Engagement Innovation Fund на американската влада реализираше проект за мотивација на младите во земјава да изберат образование и кариера во областа на технологија, наука и иновации. Тоа вклучуваше посета на голем број на средни училишта и факултети ширум земјава, организација на повеќе Ино Кафе настани на кои зборуваа млади кои сериозно се навлезени во овие области, претприемачи и менеџери од познати технолошки и производни компании во земјава како и професори и истражувачи. Она што произлезе како очигледен заклучок од едногодишната работа на терен и силната комуникација со младите е дека на младите им треба практична работа, а не самo теоретско знаење. Им треба неформална атмосфера за искажување на нивните идеи и секако им треба стручна и инфраструктурна поддршка за нивна реализација. Од друга страна, на компаниите во земјава кои се занимаваат со производство, со имплеменатција на техноилогија континуирано им недостигна стручен кадар, но и пристап до млади креативни од кои може да се добијат иновативни идеи.

Секако овде е и инспирацијата од имплементираниот концепт на fab labs во други земји. Непосредно пред почетокот на пандемијата имавме прилика да ја посетиме fab lab лабораторијата на Електри-техничкиот факултет во Љубљана, каде студентите и сите заинтересирани може да ја користат нивната лабораторија. Таа функционира многу успешно и од нејзе веќе се излезени и одредени технички решенија кои се во процес на пантентирање.

Веруваме дека ваквите лаборатории во нашата земја ќе дадат силен импулс за зголемување на техничкиот и иновациски потенцијал на младите во земјава.

Значајно е тоа што за оваа иницијатива добивте поддршка и од други институции и  компании.

Да, иницијативата за воспоставување на првата фаб лаб лабораторијата е препознаена од повеќе места. Проектот освен од Финдот за иновации и технолошки развој е поддржан и од Alumni Outreach Програмата на Американската Амбасада во земјава, а за одбележување е тоа што неколку компании со финансиска и стручна поддршка исто така се вклучија во иницијативата. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на: Макстил, Усје, Завар Компани, Textile Solutions, Кабтел кои во Ино Фаб Лаб гледаат како на место каде ќе може да тестираат некои иновативни идеи, или пак да добијат нови идеи од младите луѓе кои ќе работат и креираат во овој простор. Тоа е и долгорочната визија на оваа лабораторија, да прерасне во самоодржлив центар кој на македонските компании ќе им биде десна рака во нивните истражувачки и развојни иницијативи.

Како планирате да ја ширите мисијата што повеќе млади од земјава, наместо да се иселат, да останат овде и да се одлучат да градат кариера поврзана со технологија, производство, наука и иновации? 

Поаѓајќи од премисата дека секоја добро завршена работа треба и добро да се презентира планираме работата на тимовите од Ино Фаб Лаб и пред се добиените резултатите и прототип-производи да се презентираат пред потенцијални инвеститори и бизнис ангели на Ино Кафе настани. Овие настани или “пичинг сесии“ ќе се организираат во три наврати, по завршување на практичната работа на секој од тимовите кои ќе ги развиваат своите идеи во лабораторијата.

За успешна организација и реализација на овие преземтации Inno FABLab ќе ја искористи мрежата на Inno Tech Club, но и Стартап Македонија, X Фактор Акцелератор, МАМЕИ и Амчам за да привлече менаџери и сопственици на домашни и странски компании во земјава, како и потенцијални инвеститори кои би биле заинтересирани финансиски да ги поддржат нивните иновативни идеи. На настаните ќе бидат присутни и компаниите кои изразија поддршка за формирањето на лабораторија за производство, како и сите други заинтересирани компании.
Искуството од Ино Кафе настаните кои ги организиравме во изминатиот период е дека презенацијата на иновативни идеи и лични искуства во развој на иновации и нови производи привлекува огромно внимание. Преку овие настани се уверивме дека во земјава недостига платформа за споделување на искуства и размена на идеи. Исто така, овој тип на настани се доста атрактивни и за самите компании, кои веќе во континуитет укажуваат на надостигот од квалификувана работна сила и млад кадар кој ќе има можност да расте и да се развива  во нивните компании. Затоа сме уверени дека овие „пичинг“ настани ќе бидат од голема корист за самите младински тимови кои ќе презентираат ќе значат промоција на нивната работа и шанса да добијат поголема визибилност; за компаниите е можност да добијат свежи, иновативни идеи кои во иднина би можеле да се доразвиваат за нивни потреби. За инвеститорската јавност може да бидат важен извор за нови иновации со пазарен потенцијал.

Сподели!
- Advertisement -