На Антарктикот се откриени бактерии со ген за природна отпорност на антибиотици и антимикорбни материи и имаат потенцијал да се прошират надвор од поларните предели, предупредуваат научници од Чиле.
Андрес Марколета, научник од Универзитетот во Чиле, кој ја предводел студијата објавена во списанието Science of the Total Environment во март годинава, вели дека тие супермоќи на бактериите, кои еволуирале за да ги преживеат екстремните услови, се содржани во подвижни фрагменти на ДНК, кои лесно може да се пренесат на други бактерии.
„Знаеме дека на Антарктичкиот Полуостров, едно од поларните подрачја најмногу погодени од топењето на ледот, е дом на многу разнолики бактерии“ вели Марколета и додава дека некои од нив претставуваат потенцијален извор на гени од предци кои им даваат отпорност на антибиотици.
Научниците од Универзитетот Чиле собрале неколку примероци од Антарктичкиот Полуостров во периодот од 2017 до 2019 година. Гените кои им ги даваат супермоќите на бактериите во едно сценарио би можеле да го напуштат тој резервоар и да поттикнат појава и ширење на заразни болести, вели Марколета.
Научниците откриле дека бактериите псеудомонас, кои се најчести на полуостровот, не се патогени, но може да бидат извор на гени на отпорност, кои не ги стопираат вообичаените дезинфиценси како што се бакарот, хлорот или кватернарниот амонијак. Но, друга врста бактерии што ги истражувале, бактериите поларомонас, имаат потенцијал да ги деактивираат бета-лактамските антибиотици, кои се неопходни за лекување на разни инфекции, објаснува Марколета.
(Zimo)
(фото: Pixabay)