Во период од една година, бројот на регистрирани фотоволтаични електрани што произведуваат струја од сонцето како обновлив извор на енергија е зголемен за 28 нови објекти. Во 2021 година имало 168 соларни електрани со моќност од 23,83 мегавати, додека годинава заклучно со 16 мај, нивниот број е зголемен на 196 фотоволтаични електрани коишто имаат моќност од 30,83 мегавати.
Ваквите податоци ги објави Агенцијата за енергетика во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Станува збор за соларни електрани коишто произведуваат струја не само за сопствени потреби, туку истовремено ја пласираат електричната енергија на продажба. Бројот на фотоволтаични електрани што произведуваат струја за сопствени потреби е уште поголем, но тие не се регистрирани поради тоа што не им се потребни никакви лиценци ниту одобрувања.
Во период од една година, бројот мали хидроелектрани во земјава пораснал од минатогодишните 98 на 102 мали хидроелектрани годинава. Заклучно со 16 мај годинава, нивната моќност изнесувала 90,62 мегавати. Податоците на Агенцијата за енергетика покажуваат дека нема позитивни поместувања во отворањето на нови ветерници, електрани на биогас и на биомаса во периодот од мај 2021 година до денес, иако целиот свет во овој период минува низ енергетска криза која има свое сериозно влијание и во земјава.
Заклучно со 16 мај годинава, Северна Македонија има само еден ветерен парк со моќност од 36,8 мегавати, 3 биогасни електрани со моќност од 6,999 мегавати и една електрана на биомаса со моќност од 0,9 мегавати. Севкупно заедно, сите електрани кои ги користат обновливите извори на енергија и се запишани во Регистарот на Агенцијата за енергетика имаат моќност од 165,84 мегавати. Сите заедно, тие имаат помала моќност од термоелектраната „Неготино“, или можат да произведат струја помалку од еден блок на РЕК „Битола“.
Сепак, актуелната енергетска криза значително го зголеми интересот на македонските компании за инвестирање во сопствени енергетски капацитети, првенствено во соларните електрани. Мета.мк веќе пишуваше дека инвестирањето во фотоволтаични електроцентрали во моментов е единствената опција, преку која компаниите од земјава може да стигнат до пониска сметка за електрична енергија, но и да добијат доверлив извор што ќе ги снабдува со струја производствените капацитети и во наредниот период.
Целиот текст на Мета.мк
Фото – Wikimedia