На кус рок – таргетирани мерки за поддршка на ранливите категории на граѓани и фирмите кои се директно засегнати од кризата и одржување на стабилноста. На среден и долг рок – поттикнување на конкуретноста и растот преку фокус на структурните реформи: зелена транзиција, енергетска ефикасност, дигитализација, вложувaње во човечки капитал и поврзување со земјите во регионот. Ова е пораката од првиот панел на Скопскиот економски форум – #СЕФФ2022, кој е се однесува како да се одговори на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, а во насока на одржување на економскиот раст.
На панелот учествуваа министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за финансии и економија на Албанија, Делина Ибрахимај, министерот за финансии, труд и трансфери на Косово, Хекуран Мурати, министерот за финансии на Црна Гора, Александар Дамјановиќ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, алтернативниот извршен директор на ММФ, Лук Дресе, како и резидентниот претставник на ММФ, Стефани Ебле, Владимир Глигоров – истражувач на Виенскиот иснтитут, Глигор Бишев – претседател на Советот за едукација и стратешко истражување при Стопанската комора и Александар Стојков – универзитетски професор. Со панелот модерираа Зоран Јовановски – економист и Владимир Шимиќ – универзитетски професор на Факултетот за економија, бизнис и туризам во Сплит.
Како што беше истакнато, изминатите две години светот и економијата постојано беа соочени со нови шокови и искушенија – прво пандемијата, која е најдлабоката рецесија од Втората светска војна наваму, а потоа и нарушување на синџирите на добавување што предизвикаа раст на цените на примарните производи, особено енергентите, како и затегнување на условите на финансиските пазари. Војната во Украина ја имаше улогата на катализатор во растот на цените на примарните производи, предизвика дополнителни нарушувања на синџирите на добавување и раст на претпазливоста кај инвеститорите и потрошувачите. Заканите од пандемијата се се уште присутни, а светската економија се соочува со повеќе кризи едновремено.
На панелот беше посочено и дека кризата предизвикана од ковид-19 пандемијата, покажа дека економските и финансиските системи станаа пожилави од глобалната финансиска криза наваму. Креаторите на политики, исто така, беа побрзи во одговорите. Фискалните власти преку силен стимул, кај голем број економии, успеаа да го амортизираат влијанието на Ковид-19 врз економската активност.
Од друга страна, како резултат на кризата, фискалниот простор е намален, додека јавниот долг и фискалниот дефицит зголемен. Ова наметнува потреба од потаргетирани фискални одговори за време на новата криза.
Како што беше посочено, монетарната политика сега има сосема различна улога во однос на претходната криза. Ако за време на пандемијата преку прилагодливата монетарна политика се обезбеди потребната дополнителна ликвидност за одржување на економската активност и работните места, сега монетарните власти ја затегнуваат со цел да ги намалат инфлациските очекувања.
Во дискусијата беше нагласена и важност од координацијата на фискалната и монетарната политика, со цел да се одржи стабилноста.
Заклучокот е дека за да се одржи проспектот на раст, треба да се продолжи со структурните реформи и во време на криза, бидејќи само на тој начин може да се унапреди конкурентноста, продуктивноста и да се постигне забрзан и одржлив економски раст на долг рок.