Денес, на Светскиот ден на Велосипедот, во Струмица ќе се одбележи и официјалниот почеток со реализација на проектот “Струмица – Паметен Вело Град“.
Овој проект е финансиран од Европската Унија и директно Општина Струмица, а се однесува на иновативно и ефективно решение со кое ќе се стимулира и поттикнува употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност. Во рамки на “Струмица – Паметен Вело Град“ предвидени се серија активности за изградба и обележување на градски велосипедски патеки. Проектот предвидува надградба на постојната сообраќајна инфраструктура и набавка на потребна опрема за нејзино одржување. Целта на овој проект е прогрес кон одржлив, “паметен вело град“ во кој, примената на велосипедите како примарно средство за движење ќе стане секојдневие за сите генерации во Струмица.
Со реализацијата на “Струмица – Паметен Вело Град“, Струмица ќе стане првата општина на територијата на Македонија која воведува нов и современ вид на сообраќај, сѐ во согласност со меѓународните стандарди за системско обезбедување на основната инфраструктура за негова реализација – велосипедски патеки.
Официјалниот почеток со реализација на проектот “Струмица – Паметен Вело Град“ ќе биде одбележан вечер (03.06.2022), со почеток од 20:30 часот во Старата чаршија во Струмица, како Централен настан во рамки на првиот фестивал од ваков тип во Македонија посветен на љубителите на велосипедизмот – “Вело Струмица“.
На настанот ќе присуствуваат: г-дин Костадин Костадинов, Градоначалник на Општина Струмица; Н.Е. Дејвид Гир (David Geer), Амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија; Н.Е. Андреа Силвестри (Andrea Silvestri), Амбасадор на Република Италија во Република Северна Македонија; Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија (José Luis Lozano Garcia), Амбасадор на Кралство Шпанија во Република Северна Македонија и г-дин Винсент Зарагоза Алберола (Vicente Zaragozá Alberola), Градоначалник на општина Сиља, Валенсија, Шпанија.