32.8 C
Skopje
понеделник, јули 4, 2022

Oва се првите еко-плочки направени од отпадна пластика од Гевгелија и Кочани

Kabtel desktop

Што помалку пластика да заврши на депонија, а што повеќе да се искористи и да се произведе нов, иновативен продукт со додадена вредност. Тоа е целта на проектот што го спроведуваат две граѓански организации од Гевгелија и Кочани, „Еко лајф“ во партнерство со компанијата „Близнак Ком“ и „Еко тим исток“ во партнерство со „Екопроект-Ко“.

Тие започнаа со производство на еколошки плочки од отпадната пластика која е собрана од нивните општини, користејќи ја како суровина. Целта, според нашата соговорничка Драгица Чобанова од „Еко лајф“, е овој производ да ги замени стандардните плочки произведни од цемент и со тоа да придонесе за подобрување на состојбата со зачувувањето на животната средина во овие општини и во земјата.

Новинар – Сања Наумовска

Драгица, кажете ни нешто повеќе за вашиот проект за производство на еколошки плочки од отпадна пластика.

Се работи за проект чија главна цел е намалување на отпадната пластика во општините и нејзина реупотреба како секундарна суровина. Конкретно, како краен продукт на нашиот проект „Намалување на отпадната пластика на територија на Општина Гевгелија преку воспоставување на систем за производство на еко плочки за надворешно уредување од отпадна ПЕТ пласика“ е изработката на еколошки плочки, кои можат да се искористат за поплочување на јавни површини како тротоари, патеки и слично.

Бенефитот од ваквиот тип на искористување на отпадната пластика е многустран. Првенствено, обезбедуваме пластиката која веќе е искористена да не заврши на депонија и да ја загадува животната средина, а од друга страна овозможуваме производство на многу употребуван и корисен продукт кој има голема употреба во секојдневието.

Проектот започна да се реализира преку Здружението за заштита на животна средина и едукација на деца и млади „Еко Лајф“ од Гевгелија од април минатата година и ќе заврши во август годинава. Вкупниот буџет е 50.000 долари, од кои половината се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд, Програма за мали грантови, а останатите од компанијата „Близнак-ком“ од Гевгелија, како партнер на проектот, а ист проект се спроведува и во Кочани.

Од каде идејата за ваков начин на искористување на отпадната пластика?

Технологијата за производство на еко плочки за надворешна употреба е позната на светскиот пазар. Сепак, и покрај тоа, во земјава, како и во регионот, досега немало производство на плочки од отпадна ПЕТ пластика. Ние нашето искуство го пресликавме од Ерменија, па заради тоа и нашиот македонски производ се прави со технологија која се користи во рамки на сличен проект кој се спроведува во оваа земја.

Објаснете го процесот на производство на плочките.

Во текот на спроведувањето на проектот ја набавивме опремата за производство на еко плочките и направивме пробно производство за кое користевме отпадна пластика собрана во нашата општина и песок како додаток. Сè уште сме во фаза на пробно производство по кое ќе следува и сертификација на производот.

Што се однесува до самото производство, тоа започнува со дробење на отпадна пластика во посебна машина – дробилка. Откако ќе се издроби пластиката се префрла во машина заедно со песокот за да се измешаат. Вака измешаната смеса се става во електричен екструдер каде се топи на температура од 230 Целзиусови степени. Стопената смеса потоа се става во калап на преса, каде се пресува и се добива готова плочка. Таа на крајот од процесот се става во ладилник, за да ја задржи формата.

Колкав е капацитетот на производство и од каде набавувате материјал?

Отпадната пластика ја набавуваме од партнер компаниите на проектот „Близнак – ком“ од Гевгелија и „Екопроект – Ко“ од Кочани. Според количините направени во рамките на пробното производство проценуваме дека капацитетот на производството треба да биде околу три квадратни метри плочки произведени за едн час. Сепак сè уште не можеме да сметаме дека тоа е точната бројка. Реалните податоци ќе ги имаме кога ќе започнеме со континуирано производство.

Каде и за што можат да се користат вашите еколошки плочки?

Плочките од еколошка пластика произведени по истата технологија во Ерменија, како и според слични технологии направени во други држави покажуваат одлични карактеристики. Според направените испитувања на нивните својства тие се безбедни, издржливи, цврсти, а пред сè еколошки. Тоа значи дека може да се користат за истата немена како и конвенционалните плочки. На пример за поплочување на тротоари, детски игралишта, дворови и други надворешни површини.

Ние, во моментот сме во фаза на пробно производство по што ќе следува  испитување на физичко – механичките својства на еко плочките од страна на ЗИМ АД Скопје и сертификација на производот. По завршувањето на овој процес и добивањето на сертификатот ќе започнеме со реално производство.

Кој е еколошкиот бенефот од овој тип на употреба на пластиката?

Во Македонија отпадот е втор емитер на стакленичкин гасови и се наоѓa веднаш зад секторот енергетика. Од 2004 година па сè до денес, количините на стакленички гасови од отпад се во постојан пораст.  Најголем дел од отпадот во земјава се депонира на легалните и дивите депонии. На депониите, особено во летниот период е карактеристична појавата на самозапалување, со што тие се закана за биодиверзитетот, земјоделското земјиште и за здравјето на луѓето. Согледувајќи ги ваквите проблеми, ние ја идентификувавме потребата од намалување на отпадот во нашата општина, како и генерално во целата земја. Ова особено се однесува на отпадната ПЕТ пластика, како еден од најтешко разградливите отпадни материјали. Намалувањето на овој вид отпад ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови, а воедно ќе се создаде почиста и поздрава животна средина. Во рамки на проектот се предвидува да се соберат и рециклират 20 отсто повеќе отпадна ПЕТ пластика за период од една година, споредбено со претходната. Со тоа, според нашите проценки емисиите на ЦО2 ќе се намалат за околу 11 тони. 

Какви се вашите планови за иднина?

Во рамки на проектот предвидено е да се искористат пет тони отпадна пластика собрана од Гевгелија и Кочани преку партнер компаниите на проектот, која ќе се искористи за производство на околу 15 тони еко плочки. Со оглед на фактот дека станува збор за иновативен еколошки производ очекуваме да се заинтересираат општините и општествено одговорните компании, кои би ги искористиле еко плочките во своите активности со што би ни дале поддршка да ги зголемуваме количините и прозиводството да го направиме одржливо, а со тоа и да ја намалиме пластиката која завршува на депонија.

Има ли интерес кај потенцијални купувачи?

Уште на самиот почеток кога проектот беше само идеја предизвика интерес кај дел од општините и други чинители од Југоисточниот и Источниот регион. Сега планираме да потпишеме Меморандуми за соработка за употреба на еко плочките помеѓу нашите здруженија на граѓани и сите заинтересирани купувачи.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!