Инвестицијата во фотоволтаичен систем за домаќинство е од 5.000 до 8.000 евра и се враќа од три до четири години

- Advertisement -

Олеснувањето на административните процедури и зголемувањето на инсталираната моќност од четири на шест киловати, за инвестиции во фотоволтаични системи е една од најдобрите новини кои ги засегнуваат домаќинствата во земјава.

Искористувањето на енергијата од сонцето станува се поблиска опција за многу семејства, преку моделот производител-потрошувач, со што не само што ќе придонесат за намалување на сметките за струја и за домашниот буџет, туку ќе инвестираат и во сериозно намалување на зависноста на увоз на струја, намалување на импактот на климатските промени, а со тоа и во долгорочната иднина на земјата.

- Advertisement -

Едно од главните прашања кои се поставуваат, откако се најавија измените, е колкави се инвестициите за едно просечно домаќинство и за колку време може да се исплатат. Граѓаните ги интересира и колкав дел од потрошувачката задоволува системот од шест киловати, како и колку ќе може да вратат назад во мрежата како заштеда. Одговор на сите прашања, во интервју за Иновативност, дава професорот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Димитров. 

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Професор Димитров, што во пракса значи најавата за зголемување од четири на шест киловати и за олеснување на процедурите за инвестиции во фотоволтаични системи за домаќинствата?

Доколку домаќинствата на своите објекти инсталираат фотоволтаичен систем тие стануваат производители-потрошувачи. Со тоа имаат можност да заштедат електрична енергија и секако финансиски средства. Сепак, би споменал дека треба да се биде внимателен околу димензионирањето на системот, затоа што ако инсталираниот капацитет на фотоволтаичниот систем е преголем, од производителот-потрошувач ќе се добиваат големи вишоци на енергија, кои би биле минимално финансиски ефектуирани, па ваквата инвестиција може да биде и неисплатлива.

- Advertisement -

Зголемувањето на границата од 4 kW на 6 kW е позитивно и во ваков случај ќе може да се заштеди повеќе енергија. Ако ме прашате мене, јас би го избришал и ограничувањето од 6 kW. Но, сепак, бидејќи сме на почеток треба да се внимава, бидејќи никој не би можел да гарантира дека некои домаќинства, дали од неинформираност, дали поради погрешни проценки, ќе изградат преголеми капацитети во однос со нивната потрошувачка, што може да предизвика преоптоварувања на електродистрибутивната мрежа.

Дали фотоволтаичните системи на овој начин ќе станат попривлечни? Дали се доволни овие измени кои се најавени за да им се исплати инвестицијата на домаќинствата?

Не е тешко да се претпостави дека ќе бидат привлечни, особено заради порастот на цените на електричната енергија, но и поради новиот начин на наплата на електричната енергија, со блокови за високата тарифа. Доколку се правилно димензионирани и се внимава кога да се вклучуваат потрошувачите, заштедите можат да бидат големи. За да се постигнат таквите заштеди, е потребно произведената енергија веднаш да биде потрошена, а не како вишок да биде предадена на мрежата.

Исто така, потребно е дополнително да се поедностават или укинат постапките за добивање на дозволи, како и обемот на потребната документација што треба да се поднесе за добивање на одобренијата за поставување на опремата. Фотоволтаичните системи што се поставувват на покриви на куќи, освен тоа што треба да се поврзат со електричната мрежа и да се почитуваат препораките за безопасност, нивното инсталирањето не е ништо посложено отколку поставувањето на соларни колектори за загревање на вода. За вторите не е потребно да се поднесува никаква документација и нивната градба може да почне штом реши инвеститорот.

Колкав дел од потребите на едно домаќинство може да се задоволи инсталирање на фотоволтаични системи со моќност од шест киловати?

Пресметката зависи од многу фактори и ќе биде различна за секое домаќинство. Производството зависи од повеќе фактори како што се метеоролошките услови на локацијата, ориентацијата и наклонот на покривните површини, постоењето на засенувачки објекти (соседни објекти, оџаци, клима уреди, соларни колектори, дрвја и сл.), квалитетот на опремата, конфигурацијата, квалитетот на проектот и изведбата итн. Поради наведеното, производството може да варира од 1.000 kWh/kW до 1.500 kWh/kW. Така, фотоволтаичен систем со моќност од шест kW просечно годишно може да произведува од 6000 kWh до 9000 kWh електрична енергија. Во летните месеци се произведува три до четири пати повеќе електрична енергија во однос на зимските.

Дали има пресметки колкава би чинела ваква инвестиција за домаќинство и за компанија и за колку време би се вратила за едно домаќинство, а колку за една компанија?

Инвестицијата варира зависно од квалитетот на компонентите, конфигурацијата, начинот на изведба, материјалот од кој се направени покривите, косината и висината на покривите, итн. Очекуваната инвестиција за фотоволтаичен систем со моќност од шест kW може да изнесува од 5.000 до 8.000 евра.

И во случај енергетски да може да се покрие потрошувачката со производството, за подобра исплатливост е потребно тие што е можно повеќе да се совпаѓаат. За да се постигне тоа, потрошувачката треба да е поголема преку дневните часови, т.е. кога има производство од фотоволтаичниот систем. Треба да се има предвид дека во секој момент електричното броило мери дали се презема електрична енергија од мрежата или се дава на мрежата. Притоа, цената на предадената енергија е далеку пониска од преземената. Но, и оваа ниска вредност може дополнително да се намали ако фотоволтаичниот систем има превисока инсталирана моќност или пак се користи во објект каде потрошувачката на електрична енергија е ниска.

Сè на сè, зависно од наведеното, инвестицијата може да се исплати за три до четири години, па нагоре. За компаниите може исплатливоста да е побрза, бидејќи цената на електричната енергија што ја плаќаат е повисока.

Што ќе значат овие измени за енергетскиот систем и за зависноста од увоз на струја на земјава?

Во секој случај ќе се намали потрошувачката на електрична енергија во текот на дневните часови. Во последниве години Македонија е силно зависна од увозот на електрична енергија, при што зголеменото домашно производство, т.е. бидејќи се работи за производители-потрошувачи, намалената нето потрошувачка, ќе значи растоварување на државниот буџет, повеќе преостаната акумулирана вода во хидро акумулациите, намалено загадување и слично.

Има ли пресметки колкави инвестиции на ниво на држава се потребни за да се намали зависноста од увоз на струја?

Со оглед на поволниот потенцијал на сончевото зрачење во Македонија, голем е интересот за инвестирање во фотоволтаични централи и тоа државата мора да поддржи. Поради ниската производна цена на електричната енергија од фотоволтаичните централи, таа поддршка не треба да е директна, туку индиректна и тоа преку јакнење на електро-преносните капацитети, организирање на градба на трансформаторски станици во подрачјата каде има голем интерес од инвеститорите (со минимално учество од страна на државата), градба на флексибилни електроцентрали, итн. Македонија освен сонце, вода и делумно ветер нема други извори на енергија и затоа инвеститорите не треба да се дестимулираат. Поголемата застапеност на фотоволтаични централи, сами ќе ги натера инвеститорите во иднина да вложуваат во системи за складирање на енергијата.

Кои се еколошките бенефити, освен про има ли и контра аргументи кај инвестициите во фотоволтаични системи?

Најголемите производители на електрична енергија во Македонија се термоелектричните централи, што како гориво користат лигнит, но и природен гас. Тие се и најголеми производители на гасови кои создаваат ефект на стаклена градина и влијаат врз промените на климата, како и на квалитетот на воздухот. Супституцијата на овие извори со некои од системите што користат обновливи извори на енергија, ќе доведе до намалување на штетните влијанија врз околината. Контра аргументи речиси и да нема, освен тоа што треба да се води сметка фотоволтаичните централи да не користат плодно земјоделско земјиште.

Сподели!
- Advertisement -