Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) го укинува надоместокот за мрежарина при предавање на вишокот произведена електрична енергија од обновливи извори, како што се фотонапонски електроцентрали, што домаќинствата и малите потрошувачи ги имаат инсталирано, а се стекнале со статус на потрошувач-производител.
Марко Бислимовски, претседателот на РКЕ, истакна дека со одлуките што ги носат, сакаат да ги стимулираат потрошувачите да инсталираат фотоволтаични електроцентрали.
„Токму затоа РКЕ презеде иницијатива за олеснување на инвестициите и пристапивме кон измена на Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија. Со оваа одлука практично домаќинствата кои што инсталирале фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 6 киловати (кW) и останатите потрошувачи кои што инсталирале фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност до 40 кW нема да плаќаат повеќе надоместок за користење на дистрибутивниот систем за вишокот на електрична енергија која што ја предаваат во мрежа“, ја пренесува службата за информирање изјавата на Бислимоски.