Летен камп за млади новинари: Дигитализацијата на медиумите носи нови предизвици за младите новинари

- Advertisement -

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје од 13 до 16 јули одржаа летен камп за млади новинари во Охрид.

Од ЗНМ информираат дека целта на едукативната работилница е преку дружење и размена на искуства и вештини да се придонесе кон градење на капацитетите и унапредување на професионалните стандарди на младите новинари во редакциите. Клучен акцент беше даден и на подобрување на соработката на младите новинари со своите поискусни колеги во редакциите, како и потребата од континуирано новинарско формално и неформално образование.

- Advertisement -

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, рече дека денес младите новинари се ставени пред уште поголеми предизвици заради дигитализацијата на медиумите.

„Ако ја разгледаме одблиску оваа проблематика, од една страна навистина дава поголема слобода во смисла на пристап до информации, но од друга страна ако не се канализира како што треба, носи ризик од дезинформации, погрешно толкување на вести и информации, или со еден збор го доведува во прашање професионалното известување. Ова е моментот кој што треба сите да го препознаеме и да имплементираме искуство и млада сила која ќе направи промена. Да го прифатиме заедно предизвикот, бидејќи само така можеме да се движиме кон позитивни промени и да го вратиме новинарството онаму каде што му е местото со вистински професионалци кои гордо ќе застанат зад секој свој медиумски производ“, рече Чадиковски.

- Advertisement -

Поздравно обраќање имаше и Џеф Голдсајт, заминик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Тој истакна дека новинарството игра многу важна улгоа во демократските држави, а особено истражувачкото новинарство.

„Сепак новинарството е тешка професија насекаде, и предизвиците во Северна Македонија се посебни, бидејќи има важен економски фактор – како што вие знаете подобро од било кој друг. Како резултат на тоа, премал е бројот на млади луѓе, кои се запишуваат на студии по новинарство во универзитети. Со цел да се спротивстави на овие негативни тенденции и во насока на стимулирање на интересот кај младите за професијата, кон унапредување на нивните професионални вештини, нашата Мисија, во партнерство со ЗНМ, го организира овој летен камп“, рече Голдстајн.

- Advertisement -

Темите кои беа разработени и на кои се разви дискусија меѓу учесниците и предавачите беа родовата еднаквост во медиумското известување, иднината на медиумите, искуствата и праксата во раскажувачкото новинарство и новинарството во дигиталната ера.

Дел од учесниците во летниот камп се и членови на Секцијата на млади новинари при ЗНМ, која беше формирана кон крајот на минатата година и чија цел, меѓу другото, е вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската професија.

(Meta.mk)

(фото: Pxfuel)

Сподели!
- Advertisement -