Договори за финансиска помош ќе бидат потпишани со 280 компании кои влегуваат во инвестициски циклус од околу 145 милиони евра и ќе креираат повеќе од 3.700 работни места.
Станува збор за компании кои во 2021 година инвестирале околу 50 милиони евра и креирале над 1.500 нови работни места. За првпат државната помош ќе се исплаќа во две транши со што им се помага на компаниите за зачувување на нивната ликвидност, а поголем процент од поддршката добиваат компании кои инвестираат во помалку развиените планиски региони. Годинава, повеќе од 70 проценти од компаниите се надвор од најразвиениот Скопски регион, а има и 22 компании кои аплицирале за финансиска поддршка за истражување и развој.
„Нашите компании уште еднаш покажаа колку се агилни и во овие тешки времиња инвестираат во подобрување на нивната конкуретност, нивните продукти и воведување на нови производствени линии“, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција во Владата.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции во изминатите пет години, колку што се спроведува ова законско решение, склучени се вкупно 633 договори. Дел од договорите, околу 20-тина, се раскинати поради неисполнување на обврските.
„Договорите за финансиска поддршка кога се склучуваат, имаат договорни обврски. Секоја инвестиција има рок од инвестициски циклус од неколку години и процент на исполнетот. Ги следиме сите и соодветно на тоа постапуваме. Има инвеститори кои заради одредени причини, а една од причините може да биде и Ковид, прекинуваат со своите инвестиции и бараат прекин на договорот и таму нема пенали. Има 15 договори во кои имаме побарано едностранпрекин од наша страна бидејќи инвеститорот не реализирал дел од инвестицијата“, појасни Битиќи.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, како резултат на олеснетите критериуми и проширувањето на видовите на финансиска помош, денес се потпишуваат договори со 280 компании.
„Од 2018 година се до денес, ако правиме споредба со она што е направено претходно, може да видиме дека над 50 милиони евра се дадени само преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите“, рече Бектеши.
Во моментот се работи и на новата стратегија за паметна специјализација со која, според Бектеши, ќе се идентификуваат главните сектори кои можат да имаат додадена вредност.
(фото: Flickr)