Летонија планира да инвестира околу милијарда евра за изградба на ветерни електрани за да го зголеми производството на енергија од обновливи извори и да ја зајакне енергетската безбедност, изјави денеска премиерот Крисјанис Каринс.
– Ова е среднорочно решение што ќе ни дозволи да станеме целосно независни во нашето снабдување со енергија и да користиме помалку фосилни ресурси, додаде Каринс.
Тој ова го опиша како една од најголемите инвестиции некогаш преземени во малата балтичка земја што граничи со Русија.
Според премиерот, откако ќе се спроведе проектот, Летонија може да се префрли од увозник на електрична енергија од места како Русија, на извозник.
Министерката за економија Илзе Индриксоне појасни дека планираните ветерници ќе имаат капацитет од 800 мегавати. Како што таа истакна, ова може да произведе 2,4 терават часови електрична енергија годишно, што е еквивалент на околу 30 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Летонија во 2021 година.