Oд 29 август од 03 септември се одржа првата теренска школа на археолошкиот локалитет „Стоби“, каде што десет млади (од 18 до 35 години) претставници на културниот и креативниот сектор, од повеќе земји од регионот и Европа учеа, разменуваа искуства и работеа на развој на дигитални алатки кои користат нови технологии во промоцијата и дисеминацијата на културното наследство.
Еднонеделната програма вклучуваше предавања, работилници, практични искуства од регионот, културни посети и хакатон за развој на имерзивни културни искуства. Претставници од културниот и креативниот сектор од Македонија, Словенија и Грција преку своите презентации ги воведуваа учесниците во примената на новите технологии, како виртуелна и аугментирана реалност, гемификација и интерактивни содржини во развојот на нови имерзивни културни доживувања на археолошките и културните локалитети.
Учесниците воедно имаа можност и да се запознаат со локалитетот „Стоби“ преку предавања на археолозите и преку користење на двете дигитални алатки кои се веќе достапни за посетителите: првата VR апликација „Гладијаторите се враќаат во Стоби“ и новиот „Аудио и QR водич“.
Во рамки на школата учесниците и вработените на „Стоби“ беа и првите корисници кои ја тестираа новата мобилна апликација Immersium, која претставува дигитална алатка за самостојно истражување и забава на посетителите. Мобилната апликација користи игри, интерактивен наратив, аугментирана реалност и мултимедијални содржини и ги води посетителите низ незаборавно културно доживување. Апликацијата од оваа есен ќе биде достапна за три археолошки локалитети: „Стоби“ (Македонија), „Емона“ (Словенија) и „Виминациум“ (Србија).
Коосновачите на БЛИНК 42 – 21, Зорица Велковска и Милан Танчески ја истакнаа важноста од воведувањето на новите технологии во истражувањето и промоцијата на културното наследство: „Имајќи предвид дека живееме во ера на дигитализација, на виртуелна и аугментирана реалност, гемификација, како и останатите сектори, вклучително и културниот сектор треба да се прилагодува на промените. Само со користење на новите технологии, може археолошките локалитети и културното наследство да го доближиме до младите, локалитетите да понудат повеќе содржини и поинаку да го доживееме целокупното културно наследство“.
Програмата „IMMERSIUM Heritage Field Schools“ се организира во рамки на проектот „Соработка за имерзивно раскажување за десиминација и промоција на културното наследство на Западен Балкан”, поддржан од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“.
Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 како водечка организација, во соработка со Балканската Фондација за Наследство (Balkan Heritage Foundation) ги организира овие теренски школи на уште два археолошки локалитети во регионот и тоа во „Емона“, Словенија (од 20 до 26 септември) и „Виминациум“, Србија (од 27 септември до 3 октомври).
Повеќе информации за проектот можете да добиете преку посета на официјалната Facebook страница и Instagram профил – @immersium.eu .