Кога ќе се каже изреката “Точен како Швајцарец“ се алудира на прецизноста со која работат светски познатите часовници традиционално произведени во оваа европска земја, но дефинитивно се однесува и на техничките способности по кои се познати професионалците во Швајцарија. По посетата на “Иновативност“ на SwissSkills2022, саемот во Берн на кој беа претставени околу 150 професии застапени во швајцарскиот дуален систем на образование дефинитивно ни е јасно зошто Швајцарија е една од најразвиените земји во Европа. Големиот углед кој го имаат професиите и запазувањето на високо поставените стандарди од страна на самиот еснаф придонесуваат стручното образование и стекнувањето вештини од најмала возраст да биде сосема природен избор на голем број ученици.
Според официјалните податоци, две третини од младите во Швајцарија се одлучуваат за дуално средно образование, во кое се опфатени 250 различни професии. Најпопуларни се економските профили, па професиите за здравствена и социјална грижа, по што следуваат ИТ и други техничари.
На саемот се претатвија дури 150 професии. Паркетари, електричари, фризери, цвеќари, лозари, ѕидари, графичари, веб дизајнери, медицински и лабораториски техничари, хотелски работници, сомелиери, автомеханичари, месари, пекари, моделари, козметичари, плочкари, метал конструктори, техничари по мехатроника, изолатори, проектантите на вентилација и водоводи… се само дел од професиите со кои можеа да се запознаат идните средношколци и нивните родители присутни во огромен број на саемот во Берн кој се одржа од 7 до 11 септември.
Младите претприемачи рано стартуваат сопствен бизнис
За време на посетата на SwissSkills имавме прилика да се запознаеме и со голем број на млади кои веќе се докажале во професијаат која ја избрале, а некои од нив веќе имаат и сопствени мали бизниси. Реми Ередеро, техничар за автоматика, е еден од таканаречените „амбасадори“ кои на претходните изданија на SwissSkills победил во својата категорија. Сега студира технички факултет, а во меѓувреме започнал своја компанија која нуди автоматизирани решенија за “escape rooms”.
„Вообичаено ова е начинот на кој се развива еден професионалец во Швајцарија“, вели Реми а тоа е да започнете со избор на професија која ја „печете“ преку работа во реален сектор. Понатаму, системот дава голема флексибилност за доусовршување или развој во академска сфера.
Исто така, од младите со кои имавме прилика да поразговараме евидентно беше дека изборот на идна професија зависи и од професијата на родителите. Така, мајсторот за грејни системи Роман Руфенер љубовта кон професијата ја наследил од неговите татко и дедо, а слична е и приказната на Софи Шумахер чии што брат и татко се автомеханичари. Софи ја затекнавме задлабочена во поправката на камион, струка во кој таа се остручува во моментов. “Започнав да учам за автомеханичар, не ми се допадна и во моментов учам да бидам механичар за камиони, професија во која во моментов се натпреварувам“, вели Софи задоволна што во текот на самото образование има можност да ги промени своите приоритети и на крај да заврши со онаа професија која навистина сака да ја работи.
Висок респект кон стручноста и безкомпромисност со квалитетот!
Неколкуте денови поминати на Bern Expo ни покажаа уште неколку важни работи. Прво и најважно, децата и нивните родители имаат позитивен однос кон стручното образование. Цели семејства се забавуваа додека нивните деца возеа багери, залемуваа електрични кола, молзеа крави или управуваа роботи. Евидентен беше позитивниот однос кој сите го имаат кон професиите, но и големите инвестиции кои бизнис секторот ги прави во најнова технолошка опрема и добри услови за работа. Фасцинантно е што на годишно ниво ВЕТ системот чини 8 милијарди франци, од кои 60% доаѓаат од приватниот сектор (најмногу за плата на учениците-практиканти), 30% од кантоните и 10% од централната влада. Фирмите не добиваат никакви даночни или други олеснувања за примањето ученици на практична работа, односно остручување. Нивен интерес е со оваа инвестиција тие во иднина да добијат што поквалитетен кадар, на кој впрочем и базира развиената швајцарска економија. Голем дел од младите излезени од дуалниот образовен систем подоцна во развојот на својата кариера основаат свои компании и самостојно се развиваат. Затоа и високи 99,7% од швајцарската економија е составена од микро и мали фирми со помалку од 10 вработени. Овде шансите секој сам да си биде свој газда навистина се огромни.
Токму занаетот во рака, односно научените вештини уште од 15 години креира економија во која младинската невработеност е само 2,5%, најниска во последните две децении. Младите кои растат во економија базирана на знаење и трудољубивост не трчаат по факултетски дипломи по секоја цена.
“Не е важно да се трча по диплома, туку да се усовршите во работата што ви дава и задоволство и егзистенција“, вели младиот Филип Јованов, по потекло од Радовиш и еден од шампионите на SwissSkills2022 кој се натпреваруваше за проектирање на водоинсталација. Започнал во дуално образование за водоинсталатер, па работел за подоцна да учи уште две години за да се остручи за оваа професија. Инспирацијата му била неговиот брат, кој е во истата професија.
При ваквиот избор поддршката и охрабрувањето од родителите е од клулна важност ако се знае дека тие имаат најголемо влијание при изборот на училиште.
„Најважно е моите деца да го работат тоа што го сакаат и тоа што им се допаѓаВо Швајцарија има многу добро развиен образовен систем. За да бидеш лекар треба да одиш на Универзитет, но има многу индустрии, како механичката, за кои е неопходна стручна обука. Ги охрабрувам младите да почнат со стручно образование, а потоа, ако сакаат да го продолжат своето школување на факултет“, советува Тобиас Мосер, родител кој со сопруга и четирите малолетни деца беше еден од посетителите на SwissSkills 2022.
Швајцарскиот систем за стручно образование базира на партнерство!
Федерацијата е во постојана соработка со кантоните и приватниот сектор кога се планира, организира и имплементира стручното образование. Активното учество на бизнис секторот, пак, е нужно ако сакаме да зборуваме за успешен систем на стручно образование.
„Во однос на ова и кај нас веќе има поместувања. Од минатата година официјално во нашиот систем се воведува дуален модел на стручно образование при што од самиот почеток на своето остручување учениците знаат во која компанија ќе изведуваат практично образование. Ова е правецот во кој треба да продолжиме да се движиме и да го зајакнуваме.Наскоро ќе има промени и во Законот за стручно образование и обука, но клучна е имплементацијата. Мора да се имплементираат работите, да се работи на терен зашто само така можеме да видиме дали функционира тоа што го воспоставуваме. Во овој момент не можеме да речеме дека целосно го дефиниравме овој модел, но почнуваме да го воспоставуваме. Само низ пракса и реализација, може да увидиме што функционира и да го зајакнуваме, а тоа што недоволно функционира да го подобруваме. За ова, како што веќе кажав, е нужна посветеност од сите страни – и на јавниот и на приватниот сектор“, вели Ивана Георгиевска, раководител за стручно образование и обука во проектот Образование за вработување, поддржан од швајцарската Влада, кој ги поддржува реформите за стручно образование во земјава.
Сепак, најважната реформа која треба да ни се случи е реформа на свесноста дека економијата ја движат имплементирано знаење, стручни вештини и мотивирани и дисциплинирани млади. Да ја напуштиме тезата дека само факултетскаат диплома е гаранција за успех. Но, паралелно со ова мора да се зајакнат и човечките капацитети и техничките услови во стручните училишта паралелно со инвестиции од шриватниот сектор. Патот не е лесен и брз, но мора да започне од некаде. Лекциите научени на SwissSkills2022 се одлична стартна основа.
Посетата на SwissSkills 2022 се реализираше преку проектот „Образование за вработување“ https://www.e4e.mk/ кој ги поддржува реформите за стручно образование во Република Севеврна Македонија, а истиот е поддржан од Швајцарската Влада.
Новинар – Верица Јорданова