9.8 C
Skopje
сабота, декември 3, 2022

„Реституција“ им помага на клиентите да добијат целосно обештетување за настаната штета од осигурителите!

Kabtel desktop

Претприемништвото, како ментална асоцијација кај новата генерација минува низ една голема преобразба. И таа преобразба е позитивна.

Новите генерации на претприемачи веќе се свесни дека самите се креатори на својата судбина и сосем независно бараат начини како да ги реализираат своите потенцијали, независно од тоа какво образование завршиле или што наследиле од семејните бизниси. 

И овие нови генерации на бизнисмени, не инвестираат само во една бизнис идеја или во само една компанија, туку во исто време имаат свој удел во неколку тотално различни бизнис сфери. И тоа зборува за храброста на овој нов бран претприемачи и нивната одлука да бидат секогаш надвор од зоната на комфорот.

Ова општествено поместување во светот на бизнисот и новата претприемничка култура која дефинитивно го менува стариот конзервативен начин на водење бизнис кај нас, поврзани со врски, релации, влијание или инерција, новата генерација на амбициозни, паметни и во вистински смисла претпримачи – се млади луѓе со желби за промена и поглед на иднината, но тука во Македонија и тоа е екипата која за брзо ќе ги менува правилата на игра. Верувајте…

Деновиве во Скопје, запознав еден токму таков интересен човек кој ме поттикна да направам интервју со него. Тоа е Данило Апостолски, кој во џеб има диплома од Правниот факултет Јустинијан Први на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ од Скопје.  Седум години поминал во корпоративниот свет, работејќи за една странска компанија во сферата на осигурувањето. Имаше шанса да биде адвокат или нотар, но се одлучува да стартува прва од ваков тип компанија во Македонија, која се бави со обработка и наплата на штети, компанија која има капацитет да обработува оштетни побарувања за компаниите т.е. да замени цел или дел од Секторот за штети во осигурителниот сектор. 

Па така, освен оваа нова и единствена компанија на нашиот пазар за која сега ви зборувам, по име Реституција, тој е и коосновач на фирмата која управува со Адреналинскиот Парк во Скопје. Веќе влегува и во трет бизнис со диспечерство на камиони за транспорт во САД, каде што во фаза на основање е и NDI Logistics. И ова е само потврда каков е новиот свет на претпримачи.

Новинарка | Љубица Ангелкова

Реституција ДООЕЛ Скопје е првата компанија во Македонија која се бави со обработка и наплата на штети. Како дојдовте до идеја да отворите ваква компанија? 

Точно, Реституција е прва компанија од овој вид која, има капацитет да обработува оштетни побарувања за компаниите т.е. да замени цел или дел од Секторот за штети во осигурително друштво, врши посредство при наплата на регресни побарувања во име на осигурителните компании како outsourcing услуги, исто така и посредува при наплата на штети во име на оштетени лица. 

Идејата ми дојде откако ја напуштив Сава осигурување АД Скопје, каде бев вработен седум години во Секторот за штети од каде понесов големо знаење за проблематиката, па сакав да понудам на пазарот нешто ново и максимално професионално бидејќи истиот имаше потреба од ваква приказна. Еве веќе една година како постои Реституција и во ниту еден момент не зажалив зошто ја формирав.

Објаснете го поимот реституција и што во суштина е поле на Ваш интерес?

Терминолошкото значењето на зборот “реституција” претставува враќање во првобитна состојба, кој во правниот институтот “надомест на штета” има посебно значење, односно се што е оштетено со штетниково дејствие, штетникот е должен да го доведе во состојба пред оштетувањето, т.е. да го врати во првобитна состојба.

Какви се аспекти опфаќате при обработка и наплата на штетите?

Специјализирани сме за прашања поврзани со најпопуларните класи на осигурување како што се осигурување од автоодговорност вклучувајќи и зелена карта, имотни осигурувања, колективно осигурување од незгода и патничко осигурување. Работиме и штети предизвикани од каснување од куче, возила оштетени при удар во животно на пат итн.

Какви се законите во Македонија во оваа сфера?

Законската регулираност на правниот институт “надомест на штета” како и концептот на осигурување се содржани во Законот за облигациони односи како “Lex generlis” односно општ Закон. Како најекспониран специјален закон би го издвоил Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Тука би ги додал и Условите за осигурување како акти кои ги донесуваат осигурителните компании, а се многу битни при обработката и наплатата на оштетените побарувања.

Што покажува праксата? Колку македонскиот граѓанин е запознаен со правата при побарување на штета?

Сметам дека македонскиот граѓанин има базични познавања за правата при побарување на обештетување што е и нормално бидејќи се работи за многу комплексна и обемна тема. 

Најмногу грешат луѓето кога мислат дека самите можат да издејствуваат најквалитен надомест за својата штета, односно дека не им треба професионален полномошник, па неретко се соочуваат нивното барање да биде одбиено поради нешто што пропуштиле во целата постапка или да добијат ниска и неадекватна понуда за нивната штета.

Како вие тука им помагате?

За најбезбедна позиција на оштетеното лице, најдобро е да нé контактира веднаш при претрпената штета како би се запазиле сите битни чекори од самиот почеток. Потоа треба да не овласти како би можеле да го застапуваме пред одговорната осигурителна компанија, а со цел квалитетна услуга и адекватно, високо обештетување за клиентот.

Велите дека во тимот имате правници, адвокати, проценители, вештаци, инженери, доктори, осигурителни брокери… односно искусен тим на соработници со докажано искуство во проблематиката поврзана со надомест на штета. Може ли малку повеќе околу тоа?

Со оглед на комплексноста на проблематиката со која се бави Реституција неопходна е експертизата од споменатите соработници кои го сочинуваат тимот, во кој секој си ја знае работата, а јас го менаџирам и организирам целиот процес.

Објаснете низ пример како оди процедурата. Што треба да пријави клиентот, дали посредувате при преговори со осигурителни компании или одите пред суд за судско-правна заштита на клиентот?

Како што напоменав претходно, клиентот треба да нé овласти за да го застапуваме. Треба да ни ја отстапи целата документација, како нашиот тим би бил запознаен со какво барање располага клиентот. Потоа подготвуваме соодветни поднесоци и барања до одговорната осигурителна компанија и влегуваме во преговори до конечната понуда за обештетување. Доколку не сме задоволни поднесуваме приговор на понудата, па доколку истата остане непроменета бараме посебно овластување од клиентот предметот да го отстапиме на адвокат за да се поведе судски спор за штетата. 

Како функционира светот во оваа бранша и каде сме ние во однос на светот?

Светот познава доста друштва за посредство при наплата на штети, но јас не сум запознаен дека некаде има друштво како Реституција кое има капацитет да одработува 3 аспекти и тоа: outsourcing обработка на штети, outsourcing посредување при наплата на регесни побарувања и посредство при наплата на штети за оштетени лица.

Колку луѓето им веруваат на осигурителните компании? 

Во процесот на исплата на штетите кај некои од осигурителните компании секако дека има простор за подобрување, а со цел зголемување на довербата кај луѓето. Но тука е Реституција која им помага на оштетените клиенти да добијат справедлив паричен надомест, или целосно обештетување за настаната штета. 

Дали со вашиот ангажман како први и единствени на овој пазар помагате да се одржи добрата репутација на осигурителните компании, пред клиентите?

Сметам дека компаниската репутација зависи од политиките и деловната култура на самите осигурителни друштва. Улогата на „Реституција“ е умешно менаџирање помеѓу оштетното барање на клиентот и спремноста на осигурителната компанија да исплаќа штета и со која динамика. Пред се за нас најважно е клиентот да биде задоволен со реализацијата на обештетувањето, а тоа има дирекно влијание врз градењето на добрата репутација кај осигурителните друштва. 

Впрочем, осигурувањето не значи само продажба на осигурителни продукти и капитализација на средства преку собирање на премија, туку и фер ликвидна исплата на штети. 

Вие имавте шанса да бидете и адвокат и нотар но се одлучивте за оваа специфична сфера, зошто

Сметам дека сум иновативен човек кој би бил посреќен и покреативен во бизнисот, отколку да работам адвокатура или нотаријат. Секако не планирам да се ограничам само на водење на Реституција ДООЕЛ. 

Приватно, сте и личност која стои како еден основачите на фирмата која управува со Adventure Park Skopje. Дали сметате дека е можно да се балансира и професијата, хобито и желбата да се успее во светот на претприемништвото? Односно….ова е време на новите претприемачи кои умеат да менаџираат и неколку бизниси паралелно. 

Покрај тоа што сум основач на Реституција, коосновач сум и на фирмата која управува со Адреналинскиот Парк во Скопје. Новост е што влегувам и во бизнисот со диспечерство на камиони за транспорт во САД, каде што во фаза на основање е и NDI Logistics. 

Како што можете да забележите во сите проекти имам соработници, па затоа стасувам да бидам присутен во секој бизнис каде партиципирам. Како млад и образован човек посветен сум на деловниот и професионален предизвик за кој е неопходно е добро менаџирање, но секако и балансирање со приватниот живот. 

Каде се гледаш за 5 години? 

По природа сум човек кој што има многу соништа, желби и идеи, и настојувам со секој нов ден да бидам  подобра лична верзија од претходниот. За 5 години верувам дека ќе бидам здрав и жив, и со уште поголем елан за напредок на секое поле вклутелно и приватниот живот. Едно нешто со сигурност можам да потврдам е дека себе си се гледам во Македонија заедно со бизнисите во кои сум вклучен. Сметам дека креативноста и диверзитетот кои се карактеристични за моите бизнис активности имаат голем потенцијал за развивање во нашата држава.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!