Над 30.000 посетители на најголемиот годишен настан на Армијата на САД во Вашингтон оваа недела, можеа да слушнат и за новата технологија на македонската компанија ВЕДА, која летово доби прва награда на светски натпревар поддржан од Пентагон за решение кое спречува литиумските батерии да се запалат.
Иновацијата, која може да помогне да се спасат опремата и војниците од пожар, е на Борис Јанковски, чија компанија работи на истражување и развој на нови технологии 31 година, пишува Гласот на Америка (VOA).
Неговото најново решение за гасење пожар нуди систем на двостепена заштита на литиумските батерии, кои лесно се палат од надворешно прегревање, прегревање при полнење, при брзо празнење, удар и слично.
Тоа практично значи дека ако дојде до пожар на литиумската батерија, на пример, во армиско возило, овој производ ќе може да спречи возилото целосно да изгори.
Неговите карактеристики ги објаснуваа косопственичките на компанијата Искра Михајловска и Калина Сејфула, на македонскиот штанд во делот за иноватори во Центарот за конвенции во Вашингтон.
Заедно со македонската нова технологија, беа изложени уште над 600 други технолошки решенија од преку 80 држави, за развој и надградба на американската Армија.
„Интересот е повеќе од тоа што очекувавме. Големи компании доаѓаа со прашања по неколку пати на ден. Сите овие контакти што ги направивме ќе се обидеме да ги валоризираме. Како компанија што се занимава со развој и иновација проблем е што немаме производство. Тоа е предизвик што ќе треба да го решиме. Дали производството ќе го направиме тука по понуда на некој од тие што не` посетија или ќе го задржиме во Македонија, ќе зависи од периодот и како се` ќе се случува“, вели Михајловска за VOA.
Таа рече дека интересен за јавноста во Америка бил и оригиналниот производ на компанијата, кој помага да се гасат пожари во простории каде има луѓе.
Тој е направен според истата технологија како и првонагараденото решение, кое во август победи на меѓународниот натпревар за иновации во областа на струја и енергија, организиран од американскиот акцелератор „ексТекИнтернешнл“ (xTechInternational), поддржан од Одделот за одбрана на САД.
„Сега најголем приоритет и предизвик ќе биде поставувањето на производството. Сите иновативни технологии се ризични технологии за инвестирање. Се надевам дека ќе успееме да најдеме разбирање и инвеститор да го направиме тоа“, рече Михајловска.
ВЕДА е компанија за истражување и развој од Скопје. Компанијата постои од 1991 година, и се состои од тим на инженери со над 40 години експертиза во машинството, со посебен фокус на иновациите кои ја подобруваат ефикасноста на постоечките технологии.
Михајловска во август даде ексклузивно интервју за Иновативност објасни дека наградената иновација е на Борис Јанковски чија компанија уште од своето основање во 1991 работи исклучиво на истражување и развој на нови технологии. ВЕДА е компанија која во своето портфолио има неколку иновативни технологии што ги има продадено низ светот.
Последната иновација е решение за двостепена заштита на литиумските батерии но внатре во самото пакување како интегриран ситем на целата батерија. Литиум јонските батерии се употребуваат во електрични возила, тротинети, автобуси, акумулатори и друга опрема која користи електрична енергија.
Една од најзначајните слаби точки кај Li-ion батериите е појавата на термално распаѓање или Thermal Runaway, што е неконтролирана состојба на самозагревање и запалување на Li-ion батеријата. Ова е хемиска реакција во внатрешноста на батеријата во ќелиите.
Хемиската реакција, која штом се иницира не може да се запре, резултира со исфрлање на отровен гас, шрапнели и екстремно високи температури кои можат да ги загрозат животите на луѓето, како и безбедноста на секаков вид опрема или возила во кои се наоѓа батеријата. Пожарот во литиум-јонските батерии обично завршува со целосно уништување на батеријата, а во повеќето случаи со уништување на опремата во која се наоѓа (возило, електронска опрема, акумулатори за напојување и сл.).
Г-ѓа Јанковска може ли подетално да ни објасните за каква иновација станува збор?
Нашето решение се состои во примена на систем кој проблемот го решава на две нивоа со посебни подсистеми.
Првиот подсистем се состои во поставување на термална бариера помеѓу ќелиите во батеријата со што се оневозможува трансфер на висока температура од една на друга ќелија која се појавува со термалното распаѓање со тоа се штитат здравите ќелии да се запалат.
Вториот подсистем се базира на примена на аеросолниот систем за гасење на ВЕДА при што пламенот кој неминовно ќе се појави од ќелијата во фаза на термално разлагање веднаш ќе биде угаснат внатре во куќиштето на батеријата.
Со примената на системот на ВЕДА практично опожарениот објект ќе биде заштитен од масовен пожар и уништување на опремата.
Инаку LI-Ion батериите се палат од брзо полнење, удар или прегравање од различни причини или скриена фабричка грешка. Сите овие состојби предизвикуваат хемиска реакција во батеријата.
Применет е принципот на егзотермично-ендотермични хемиски реакции, така што ослободената топлина од клетката во фазата на термалното распаѓањесе користи во ендотермичките хемиски реакции на топлинската бариера.
Што понатаму? Колку ова светски значајно признание ќе ви помогне во комерцијализација на оваа иновација? Дали веќе имате некои побарувања за нејзина имплементација? Која е вашата визија и цел?
Патот на комерцијализација на иновативни производи не е лесен. Од 1991 фирмата се занимава со тоа. Секогаш некој чека друг да биде прв. Вложувањата во нови технологии се сметаат за ризични. Кај нас досега освен од ФИТР никој не не поддржал, па нашите производи досега, а најверојатно и понатаму, ќе ги продаваме и произведуваме надвор од земјава.
Многу би сакала да прераснеме од истражување и развој во производствена фирма. Ние можеме да изградиме фабрика и да поставиме производство. За тоа имаме знаење и искуство стекнато на странскиот пазар при поставување на неколку комплетни технолошки системи, но како развојна лабораторија не сме во состојба да ги обезбедиме потребните финансиски средства. Нашиот производ мора да заживее во најкраток можен рок. Интерес од странство постои, а ние мора да ја искористиме таа шанса.