Ентони Наумоф е директор на Cosmic Development. Роден и израснал во Чикаго, САД, a дипломирал на Универзитетот во Канзас.
Tој е дел од една фантастична приказна на враќање во татковината на неговите родители и стартување на компанија со свои партнери, која од мала канцеларија во Скопје пред 11 години, денес има своја глобална мрежа на канцеларии и близу 150 вработени. Позади неговата компанија е и еден од македонските unicorn стартапи, со вредност преку две милијарди, кој неодамна стана public на њујоршката берза NASDAQ. Дел од тимот на Cosmic Development имаше шанса да го искуси тој миг, да биде присутен на чинот кога берзата ја објави трансакцијата, веројатно искуство кое се памети цел живот.
Cosmic Development е инаку канадска компанија која спроведува ИТ решенија и услуги за дополнување на персоналот со повеќедецениски мандат. Обезбедуваат прилагодени решенија, на кој работи посветен кадар за компании од сите формати. Благодарение на нивниот индивидуален пристап, имаат квалификувани програмери и други професионалци од различни деловни области и создаваат адаптабилни и посветени тимови за нивните клиенти ширум светот.
Зад нивната врвна услуга стои широка мрежа на тимови распространети на неколку локации. Имаат канцеларии во Торонто, Скопје, Битола и Белград. Вака ориентираната компанија е new deal за IT индустријата.
Новинарка / Љубица Ангелкова
На чело сте на една од водечките консултантски и развојни информатички компании кои Македонија ја ставија на глобалната мапа по многу нешта. Да започнеме од она што можеби прво го правеше компанијата на почетоците пред 11 години и каде е денес…
Секако! Започнавме пред 11 полни години како компанија со само еден вработен, која работеше на пробен период со еден потенцијален клиент. За среќа, еден од сопствениците на Cosmic Development е многу познат и успешен бизнисмен од Канада, со потекло од Македонија и неговото срце и мисли се секогаш поврзани со Македонија. Неговата почит кон Македонија не останаа само на добри мисли, туку тој сакаше да и помогне на Македонија на најдобар можен начин. Идејата за оваа успешна приказна се роди кога тој беше дојден на патување тука, во Македонија кога и се отвари оваа комапнија.
Откако првиот пробен период се покажа многу поуспешен од очекуваното, го добивме и првиот клиент и започнавме да растеме полека но сигурно и да се промовираме како компанија и надворешно пред клиентите, но и во рамки на државата пред вработените.
Најпрво се отвори и се развиваше канцеларијата во Скопје. Растот на Cosmic Development беше добар, па се резултираше со отварање на канцеларии во Белград, Србија и во Битола. Канцеларијата во Белград ни даде директен пристап до поголема база на кандидати од ИТ секторот, што беше навистина добар потег во случај на неможност да се најде одреден кадар во Македонија, додека пак, канцеларијата во Битола ни помогна многу да пораснеме како компанија во делот на BPO (business process outsourcing) услуги.
Сега, со повеќе од 150 вработени, е навистина воодушевувачки да видиш до каде сме стигнале. За брзо отвараме нови канцеларии во Битола, модерни и футуристички. Многу сум среќен поради тоа и можам слободно да кажам дека компанијата е во стабилен раст и интензивен развој, како никогаш досега. Уште една добра работа е што иако постојано растеме, ние растеме на начин кој се покажува дека е ефективен и овозможува добра работна средина за вработените што е апсолутен императив за нас.
Неколку години, компанијата која ја водите е на листата на најпосакувани комапнии за работа од страна на вработените. Што е она што ве држи на оваа висока позиција во држава во која има бројни компании од ИТ секторот, а од друга страна знаеме колку на Балканот е тешко да се добијат квалитетни вработени со етика и навики кои се потребни на глобалниот пазар?
Мислам дека во прашање се повеќе фактори. Најпрво, ние секогаш практикуваме релаксирана и убава работна средина за сите. Понатаму, од една страна се стремиме кон овозможување на други пропатни работи од типот на play-зона или relax-зона, флексибилно работно време и локација, убави бенефити кои постојано се надополнуваат, но од друга страна ги ослободуваме вработените од административни задачи и микроменаџирање, што е апсолутен клуч да не ги изморите и да им ја убиете креативноста.
Ние исто така се стремиме да бидеме отворени и транспарентни кон вработените и тој наш искрен однос е нешто што е неверојатно важно. На тоа во последно време посветуваме многу внимание. Ги информираме вработените за нашите цели и постигнувања, за идните планови; секогаш сме реални – не ветуваме тоа што не може да се исполни и не испорачуваме помалку од ветеното и што е најзначајно – секогаш сме фер и искрени со целиот тим, без исклучоци.
Не сме совршени, всушност никој не е, но она што навистина ни помогнало низ годините да стигнеме таму каде што сме е фактот дека сме учеле и се уште учиме од грешките и се обидуваме да се подобриме и кон вработените, а и кон клиентите.
Cosmic Development е насочена кон outsourcing на секаков вид на ИТ услуги. Од тестемонијалите на вашите клиенти кои главно се од САД и Канада се читаат импресии кои зборуваат дека не е само обична нарачка на професионални услуги, туку е и интеракција на работење на проекти заедно со тимовите.
Да, ова е точно. Нашиот слоган е: We build teams for brands! Ова не значи дека ние само вработуваме луѓе кои ќе работат за одреден клиент и на кои ќе им биде кажано што треба да направат. Нашиот начин на работа се одликува со голема доверба меѓу компанијата и клиентите од една страна, и взаемна работа и почит помеѓу клиентите и вработените од друга.
Клиентите сакаат нашите вработени да соработуваат, да даваат идеи и сугестии за напредок, да го подобрат општото работење и да бидат тим кој ќе работи заедно и ефективно, а никако да не бидат само анонимни лица вработени некаде низ светот кои работат на дадена задача. И толку!
Ваквиот начин на соработка е доста сериозен, но помага да се воспостави ефективна соработка каде работата се завршува на обострано задоволство, а успешно завршената работа е клучна за клиентите и нивните бизниси.
Вашиот раст и развој Ве донесе во позиција да ги проширите Вашите услуги и во делот на нудење не-технички услуги (BPO). Во кој сектор се најмногу лоцирани вашите услуги?
Да, освен со ИТ, се занимаваме и со нудење на не-технички услуги, стручно наречени BPO услуги. Во моментов, повеќе сме насочени кон испорачување на вакви услуги и тоа се должи на фактот што ваквите услуги се полесно приспособливи од ИТ услугите. ИТ делот е секогаш побавен, но со постабилен раст бидејќи пазарот е исклучително заситен и конкурентен, додека пак BPO делот ни овозможува да растеме и да ги зголемуваме вработените со многу побрзо темпо. Дополнително, моменталната структура на клиенти која ја имаме има потреба од голем број на кадри за ваков вид на позиции, па токму поради тоа и нашиот раст во овој сектор се случи сосема природно и сеуште трае.
Кои се потенцијалите на Cosmic Development и како гледате на Македонија, како на држава која може уште повеќе да се насочи кон поддршка на ИТ секторот и преку кои инструменти. Односно, како другите држави успеваат да го зачуваат и развијат овој важен сектор.
Мислам дека Македонија има исклучително квалитетен и компетитивен ИТ сектор. Да се најде работа како програмер, независно дали е почетно или сениорско ниво во Македонија, во моментов е многу полесно од порано, а сето тоа се должи на големиот број на компании кои вработуваат во овој дел, а нивниот број се зголемува во секој нов ден.
Секако, ситуацијата со Ковид пандемијата го направи нормално работењето од дома, па така голем број на програмери сега претпочитаат да работат од дома или да работат на база на freelance. Ние како компанија апсолутно се прилагодивме во тој дел, па на нашите ИТ професионалци им нудиме опција сами да одберат на кој начин ќе работат со нашите клиенти.
Додека пак во делот на не-техничките услуги кои ги нудиме, сметам дека Македонија има неприкосновен потенцијал за развој во тој дел, со оглед на фактот што земјата има млади, исклучително талентирани, образовани кадри кои сакаат да работат. Најбитното тука е нашата држава да спознае кои компании се квалитетни во овој дел и нив да ги задржи, да се осигура дека нема компании кои само ја користат поволната клима и плаќаат многу ниски цени, изедначувајќи ја нашата работна сила со онаа во Индија. BPO услугите се одлична можност за економски раст на државата и може да бидат секако уште подобри ако вработените секаде се третираат фер.
За другите инструменти и политики на другите земји и не би коментирал бидејќи се надвор од мојот домен на работа и експертиза. Како и да е, она што сметам дека е универзално и каде никогаш не може да погрешиш е инвестирање во образованието на младината тука, и креирањето на добра клима за ИТ компаниите.
Вашата работа ве задржува во Македонија, кои се вашите впечатоци, што ви се допаѓа, кои интересни навики локални ги прифативте и кои се предностите или недостатоците да се живее во овој дел од светот.
Па, со текот на годините дојдов во ситуација да не е само работата тоа што ме држи тука. Моментално сум оженет и имам малечко дете, така што семејниот живот ми е во Македонија. Но, јас иако сум роден во САД, многу ја сакам Македонија и го сакам животот тука. Како и на секое место на светот, и тука има предности и слабости. Не е идеално, Но, каде е идеално? Јас го сакам начинот на живот тука. Македонија има луѓе кои се релаксирани и кои сакаат да се дружат и социјализираат, а и знаат да бидат одлични домаќини. Да можам, би седел по цел ден во кафеана, разговарајќи.
Она што друго многу ми годи се природата и убавините на земјата. Македонија изобилува со неверојатни планини, езера, историски градови, и секако најубави жени. Како што споменав, природно е да има и слабости, но јас никогаш не се фокусирам на тоа, ги гледам само добрите нешта.
Македонија има огромен потенцијал да биде одлично место за живеење, особено со тоа што е мала по површина, може многу полесно да се развие и да прерасне во одлично место за живеење, многу побрзо од другите земји, секако ако и се даде права прилика за тоа.
Кои се плановите на Cosmic Development и кои тактики на менаџирање ќе ги носат комапниите напред. Дајте ни мал поглед кон иднината…
Следниот план на Cosmic Development ќе да продолжи да расте како и досега и да креира позитивна и добра работна средина за нашите тимови, кои ќе можат да се реализираат и професионално да растат со нас.
Никој не може да ја предвиди иднината, но она што можеме ние лично (а и другите компании секако) да го контролираме е да продолжиме да се стремиме кон постојано подобрување, соработување и третирање на вработените на најдобар можен начин и да продолжиме да креираме компаниска култура во духот на успехот.
Отворањето на новата канцеларија во Битола е нешто што навистина не мотивира сите и лично сметам дека ќе даде одличен пример кој ќе го поттикне духот на град кој е мека за ИТ компании и ќе делува позитивно на животот во овој прекрасен град. Со овој раст кој е инвестирање во одлични услови за работа, практично на нашите вработени ќе им овозможиме возбудливо кариерно патување, како и досега, зошто остануваме компанија која е целосно посветена на своите луѓе.