Република Северна Македонија ќе биде повторно дел од Глобалната недела на претприемништвото која се одржува од 14 до 20 ноември. Станува збор за еднонеделна светска иницијатива која се случува истовремено во повеќе од 200 земји ширум светот и поврзува над 10 000 партнери во активности и настани насочени кон промоција на претприемништвото, зајакнување на постоечки и создавање нови партнерства како и основање нови релации за подобрување на условите за развој на претприемачкиот екосистем во државата. Оваа година е посебна за оваа светска иницијатива бидејќи одбележува 15 години од нејзиниот почеток.
За таа цел, на 14 ноември (понеделник) ќе се одржи промотивен настан за отворање на Глобалната недела на претприемништвото со почеток од 12:00 до 12:40 часот во Јавна соба – Public room (во просторијата Cozy room).
На настанот ќе се обратат Симона Чаминска, национална координаторка на Глобалната недела на претприемништвото 2022, Дерик Фефер (Derrick Pfeffer) од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Лусиен Егертер (Lucien Aegerter), заменик амбасадор во Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, Марк Берет (Mark Barrett), лидер на проектот ЕУ за економски развој на Федералното министерство за економски прашања и климатска акција, ко-финансиран од Европската унија, Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Игор Маџов, ко-основач на Стартап Македонија. По официјалните обраќање, ќе следи можност за прашања и одговори со претставници на медиумите.
Домаќин на Глобалната недела на претприемништвото во Република Северна Македонија е асоцијацијата Стартап Македонија која заедно со бројни партнери и соработници од приватниот и граѓанскиот сектор и високото образование ќе говорат на разни теми поврзани со можностите и предизвиците со кои се соочува екосистемот. Оваа година, четирите теми на Глобалната недела на претприемништвото се: стекнување претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование, инспирирање на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка, промовирање поголема инклузивност како и квалитетно креирање политики во рамки на соработката помеѓу екосистемот и носителите на одлуки. Дел од фокусот оваа година се младите и младинското претприемништво како и зелената технологија и одржливите претприемачки потфати. Во рамки на Глобалната недела на претприемништвото предвидени се повеќе од 45 настани со над 100 говорници.