Алжирската државна компанија „Сонатрах“ објави дека потпишала договор за снабдување со гас со словенечката компанија „Геоплин“ за период од три години, почнувајќи од јануари 2023 година. Гасот ќе се испорачува преку гасоводот Трансмед, кој преку Тунис го поврзува Алжир со Италија.
„Со овој договор ‘Сонатрах’ од една страна ќе освои дел од словенечкиот пазар кој го снабдуваше со природен гас од 1992 до 2012 година преку гасоводот Енрико Матеи (друго име за Трансмед), а од друга страна ќе помогне да се задоволи побарувачката за природен гас на европскиот пазар“, се наведува во соопштението на „Сонатрах“.
„Договорот потпишан денеска, а кој е резултат на успешни преговори меѓу двете компании, сведочи за нивната одлична соработка и заемна волја за зајакнување на врските на долг рок“, се наведува во соопштението, во кое нема информации за количествата гас.
Словенечките медиуми пишуваат дека договорената количина е 300 милиони кубни метри гас годишно, а ќе се испорачува преку „Трансмед“, чиј капацитет е 33 милијарди м3 годишно.
Договорот беше потпишан по повод посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон на Алжир, каде што беше примена од алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне.
„Договорот, исто така, ја зајакнува улогата на Алжир како сигурен долгорочен снабдувач на гас на европскиот пазар“, додава алжирската групација.
Алжир е најголемиот африкански извозник на природен гас и седми во светот. По руската инвазија на Украина, голем број европски земји се свртеа кон Алжир, сакајќи да ја намалат зависноста од рускиот гас.
Извор – Макфакс