Универзитет Американ Колеџ Скопје формираше Фондација за подобра едукација

- Advertisement -

На 12 декември 2022 година, во Скопје се одржа 9-то Генерално Собрание на Деловниот Совет на Универзитет Американ Колеџ Скопје, настан кој е од огромно значење за развојот на високото образование во Северна Македонија и кој ја означи надежта и вербата во потенцијалот на младите луѓе.

Настанот се одржа во присуство на голем број претставници од деловната заедница во земјата, претставници од дипломатскиот тела и претставници од амбасадите од САД, Италија, Шпанија и Унгарија, како и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. На настанот беа врачени благодарници за успешната соработка на истакнати компании и поединци од бизнис заедницата, а прогласени беа и новите членови на Управниот одбор на Советот. Нова претседателка на Генералниот одбор на Деловниот совет на УАКС од годинава е Дита Старова Ќерими, истакната академска сликарка, професорка и директорка на Националната галерија. Таа ја изрази својата благодарност за изборот и се заложи за посветено работење со цел подобрување на квалитетот на високото образование во земјата, како и во насока на обезбедување еднакви можности за квалитетно образование за сите категории млади луѓе.

- Advertisement -

На овој настан беше промовирана и новата Фондација за подобра едукација, чија цел и мисија е токму посветеноста кон идните генерации. Како платформа за поддршка, Фондацијата функционира на неколку нивоа и опфаќа различни видови награди, стипендии и други видови финансиска помош за студентите. Во оваа пригода, свое официјално претставување имаше поранешната амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Џилијан Милованович, која ја најави наградата Злат Милованович, во спомен на нејзиниот сопруг и поранешен професор на УАКС, Злат Миловановиќ. Како дел од Фондацијата за подобра едукација, на настанот беше свечено промовирана и наградата Крлиу, од страна на семејството Крлиу и во спомен на Олјанда Крлиу, награда посветена на талентирани студенти. Интересот на публиката за Фондацијата беше голем, и дел од присутните се надоврзаа и го изразија својот придонес во Фондацијата.

Деловниот совет на УАКС е составен од голем број претставници од деловната заедница во нашата земја, кои ги обединува посветеноста кон подобрување на образованието. Советот активно учествува во работата на Универзитетот преку идеи и планови за развој на наставните содржини со цел усовршување на студентите и нивно приспособување кон реалните потреби на деловниот свет, а обезбедува и гости предавачи и предавачи од пракса. Компаниите-членки на Советот обезбедуваат обуки, тренинзи, пракси и вработувања за студентите на Универзитет Американ Колеџ Скопје, а покрај тоа, тие придонесуваат и со фондови за награди, стипендии и други видови финансиска помош за студентите.

Сподели!
- Advertisement -