Живееме во време во кои цените на храната постојано растат, а воедно се заканува и недостиг на храна, а голем проблем е што Македонија е нето увозник на говедско месо, рече деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје проф. д-р Лазо Пендовски, во рамки на двете работилници на кои беа презентирани физибилити студијата и Проектот за воспоставување едукативен и тренинг центар за развој на товни раси на говеда во земјава.
– Овој проект ќе овозможи значителна супституција на увозот со домашно производство и намалување на девизниот суфицит. Едукативниот и репроцентарот би одиграле голема улога во развојот на сточарството и производството на говедско месо, а директните бенефити од еден ваков центар се обезбедување и дисеминација на супериорен генетски материјал, едукација и тренинг на фармери, рече деканот.
Како што појасни Пендовски на овој начин ќе се зголеми продуктивноста и профитабилноста во домашното производство на говедско месо, а ќе се обезбеди и помош и водство на придружните индустрии и подобрување на националните капацитети за бизнис во овој сектор.
-Според статистичките податоци, во Македонија се увезуваат 7.420 тони свежо и 2.530 тони смрзнато говедско месо со вкупна вредност од 30 до 36 милиони евра. Од аспект на тоа, според пресметките на овој Проект, годишната вредност на говедско производство би изнесувала 1.374 илјади евра и би супституирала 4,20 отсто од вредноста на увозот, истакна проф. д-р Пендовски.
Тој додаде дека проектот носи и многу други придобивки за развој на земјоделството во земјава, а тоа се и директните вработувања во центарот, но и индиректно на фармерите кои ќе влезат во процесот, како и развој на нови работни места од други учесници кои ќе влезат во еден ваков синџир, на пример кланици, месарници, ресторани и слично.
-Супституцијата на увозот ќе создаде можност за креирање сопствен национален бренд, па и можности за извоз, а ќе се подобри и квалитетот на пасиштата и можност за нивно поефикасно искористување. Ќе се зголемат приходите на семејствата во руралните подрачја, особено во маргинализираните подрачја и создавање можности за пораст на руралната економија преку развој на други комплементарни бизниси, како туризам, угостителство, додаде тој.
Според Пендовски на овој начин ќе се подобри сигурноста за храна на населението, особено за протеинска храна што е значајно не само од економски, туку и од социјален и политички аспект, а освен месо ќе има и други производи и комплементарни на нив бизниси, како производство на органско ѓубриво, биогас, кожа, коски, рогови итн.
На презентацијата на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје присуствуваа бројни гости од сите релевантни институции од областа на земјоделството, претставници на ФАО, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од бизнисот и академската фела.