Мултимилијардерот Илон Маск продаде уште 22 милиони акции на производителот за електрични автомобили Tesla, во вредност од 3,58 милијарди долари. Акциите ги продаваше во понеделникот, вторникот и вчера. Со тоа вкупно годинава има продадено акции на Tesla вредни 40 милијарди долари. Не е позната причината за продавањето акции. Но, тој, сепак, останува најголем акционер во компанијата со удел од 13,4%.
Минатиот месец Маск откри дека продал 19,5 милиони акции на Tesla вредни 3,95 милијарди долари, и тоа неколку дена откако беше финализиран договорот за купување на Twitter.
Tesla моментално има најниска вредност на акциите меѓу поголемите производители на автомобили и технолошките компании годинава, затоа што инвеститорите се загрижени дека Twitter му го одвлекува вниманието на Маск. Вредноста на Tesla вчера на Nasdaq берзата по прв пат од 2020 година беше 500 милијарди долари. На крајот на минатата година компанијата вредеше над 1 трилион долари.
Неделава Маск ја изгуби и титулата најбогат човек во светот, според рангирањето и на Forbes и на Bloomberg. На негово место се искачи францускиот милијардер Бернар Арно, кој е извршен директор на компанијата за луксузни стоки LVMH. Маск моментално вреди 174 милијарди долари, додека Арно има богатство кое се проценува на 191 милијарди долари.
(BBC)
(фото: erp today)