Доделени награди за набавка на трактори, косилки, блендери и друга опрема за развој на македонски и српски социјални претпријатија

- Advertisement -

Минатиот викенд (17-ти и 18-ти декември), во Ниш-Србија,  беа прогласени победниците од Академијата за социјално претприемништво која се спроведе во рамки на прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“. Вкупниот фонд од 15 000 евра за награди во опрема и услуги се додели на 6 македонски и српски социјални претпријатија кои треба да ги развијат своите мали, одржливи бизниси/бизнис идеи. Социјални претпријатија кои ќе добијат поддршка во рамки на проектот се:

  1. ЦИП-ЦЕНТАР ЗА ИНТЕГРАЦИЈА И ПОДДРШКА (SIEC)- ќе вклучуваат млади и жени Ромки во производство на ранци направени од материјален вишок од фабриката за мебел “Биростил”- Скопје.  Наградата ќе служи за набавка на машини за шиење со кои понатаму ќе се пружаат и обуки.
  2. Countryside Retreat од с. Опила, Ранковце преку наградата ќе набави четирицикл, приколка и култиватор со кои ќе се собира трева и ќе се произведува компост и биохумус добиен од коњското ѓубре од спасените коњи и магариња на ранчот. Дополнително, со опремата ќе се помага во расчистување на дворови и полиња на повозрасните соседи и ќе се нудат прошетки за лица со физичка попреченост на ранчот.
  3. Социјално претпријатие Раданска РУЖА доо Лебане од Србија ќе ја искористи наградата за набавка на маси и садопери, опрема која ќе им овозможи да вработат повеќе жени од маргинализирани заедници и да ја унапредат својата работа.
  4. Фросина Лазаревска од Старо Нагоричане преку наградата ќе набави зелена тракторска косилка која е потребна за одржување на имотот на кој, заедно со тимот, одгледуваат еколошко овошје, зеленчук и јајца.
  5. Здружението „Среќотворци“ од Скопје ќе ја инвестира наградата во продукција на нови магионичарски претстави преку кои ќе се едуцираат децата, но и нови публики, за општествено корисни теми како селекција на отпад и ментално здравје.
  6. Биљана Кироска од Скопје со наградата ќе набави дел од опремата потребна за подготовка на намази за јадење приготвени од свежи и живи суровини (без термичка и хемиска преработка). Под брендот „Размази.се“ ќе се развива идеја за социјално претпријатие кое ќе промовира холистички начин на живеење.

Одлуката за победниците ја донесе жирито во состав на експерти од Србија: Владимир Тодоровиќ-консултант за стратешки комуникации и одржливо работење, Бранко Крсмановиќ -Млади амбасадори и Мирјана Шакиќ- независна консултантка, како и од нашата земја: Василка Стефановска – член на Национален одбор на Слоу Фуд Македонија и претседателка на Слоу Фуд Водно и Олга Рајчиќ -ко-основачка на Challenger.

- Advertisement -

Во следната фаза на проектот сите учесници ќе добијат менторска поддршка, победниците ќе работат на реализација на плановите, додека партнерските организации ќе работат на организација на настани за вмрежување со кои дополнително ќе се лобира за поддршка на солидарната економија и прекугранична соработка.

Проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ е финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020), а се имплементира во партнерство на здруженијата “АРНО” од Северна Македонија, Оптимист и Tраг фондација (координатор) од Република Србија.

Сподели!
- Advertisement -