Потребни ви се техники да направите CV или мотивациско писмо или да се подготвите за солиден настап за интервју за работа? Или пак имате идеја за бизнис, а потребни Ви се дополнителни информации или успешни луѓе кои ќе Ве мотивираат и инспирираат? Дали сте брзорастечка компанија која сака на полесен начин да се брендира како посакуван работодавец и да најдете нов член на тимот помеѓу учесниците на само еден настан?
Тогаш сите кои беа на нетворкинг настанот •WE HELP YOU GET NOTICED• кој на младите невработени луѓе им даде шанса да го вмрежат своето знаење и да ја стартуваат својата кариера, кој се одржа во новоотворениот SN FINTECH HUB во Битола, беа на вистинското место.
„Дојди и научи ги вештините на вмрежување со познати и успешни комапнии од светот на ИТ, Финтек и банкарство, архитектура и градежништво, туризам. Тие можат да бидат и местото на твоето прво вработување. Таква беше нашата покана до младите и се надевам не ги разочаравме. Ова беше начин за директна средба со HR-ите на неколку големи компании и можност да се научи како да не се прават грешки на првото интервју, како да се подобри пишувањето на своето CV и полесно да се креира својата иднина” – истакна Милчо Дули од СФЕРА Интернешнал, која се јавува како организатор на настанот, кој пак е дел од проектот ‚‚Зајакнување и вмрежување на НЕЕТ млади кој е дел од поголемиот проект ‚‚WB&T for EmploYouth” финансиран од Европска унија во соработка со мрежата „Youth Hub Western Balkan and Turkey Network“ и има за цел да придонесе кон намалување на младинската невработеност во Општина Битола.
На листата компании учесници беа: Taskforce, Cosmic Development, Unlimited Coders, SN fintech finance, Bintern, P2P, SmartBit, JK травел и Хотел Теата кои на присутните им ви презентираа шансите на отворени работни позиции кај нив и ги советуваа со конкретни тактики како да успеат да го добијат првото вработување.
На настанот се дистрибуираше и истражувањето “Иднината е во младите, шансите на Битола е во нивно вработување” – посветено на причините за младинска невработеност во Општина Битола. А имаше и промоција на прирачник со алатки за вработливост на НЕЕТ млади, издаден од Иновалаб кој го претставија авторите.
Проф. д-р Елизабета Тошева, претседател на ИНОВА ЛАБ Битола, ги адресираше посебните предизвици во врска со вработувањето на младите од Пелагонискиот регион: помала социјална интегрираност на НЕЕТ категоријата; недостаток од потребни вештини за вработливост: ниска самодоверба и мала иницијативност за активирање во општеството; недостаток на систем преку кој младите ќе се стекнат со работно искуство за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот; недостаток на можности за практична работа и волонтирање. Неопходна е координација на широк спектар институции и агенции, професионално поврзување со приватниот сектор и интеракција со релеватни чинители во осмислувањето адекватни инструменти за поддршка на преминот на младите луѓе кон вработување.
Проф. д-р Моника Ангелоска – Дичовска го истакна значењето на кариерното планирање како континуиран процес и се осврна на чекорите кои треба да ги следат младите во истиот. Ја потенцира корисноста и употребливоста на Прирачникот како за младите, така и за младинските работници, и нагласи дека истиот содржи и практични алатки, методи и вежби за идентификување, поттикнување, зголемување на личниот потенцијал и подготвено настапување на младите на пазарот на трудот.
Проф. д-р Катерина Бојковска порама младите да бидат што повеќе иновативни и да ги искористуваат сите маркетинг алатки за нивно професионално претставување и промовирање, бидејќи тоа е најдобриот пат во градењето на нивната успешна професионална кариера. Сите активности кои беа спроведени во рамките на проектот ,,Зајакнати млади-нови можности”, ќе им овозможат на младите НЕЕТ да го најдат своето соодветно место во деловниот свет.
Доц. д-р Лела Ивановска ја потенцираше важноста на критичкото мислење како комплексен психолошки процес, кој вклучува стратегии како дискусија, прашување и дебати и поттикнува активно интелектуално учество во општеството. Доколку младите луѓе ја подобруват способноста за мислење, ќе ја развијат и способноста за критичко размислување се со цел да бидат подобро подготвени за решавање на проблеми. Исто така, младите луѓе треба да да ги подобрат и комуникациските вештини потребни за да можат да ја испратат пораката на разбирлив начин.
За крај, Димитар Митревски од Бинтерн инспиративно го заокружи настанот со прашањето „Дали може да сонувате за успех во старт ап идеја уште додека сте во студентските клупи?“
„Може, ако сонувате големи соништа. И ако идејата е од милион долари. Ќе се насмеете на ова, но младоста не се плаши од големи соништа, таа знае да ризикува, зошто ништо не губи” – истакна тој.
Бинтерн е стартап компанија на неколкумина сега веќе поранешни студенти на ФИКТ, кои ја стартуваа од студентските денови а денес е функционална платформа која вмрежува студенти со реалниот бизнис сектор мошне успешно.