Венера Гелебешева Крстиќ: Тероар вината на „Јостела“ се спој од свежината на Кожув планина и сонцето од Гевгелија

- Advertisement -

Јостела“ е мала семејна бутик винарија, која плени со својата традиција. Три генерации сплотени околу визијата на еден од првите школувани енолози во пошироките простори, кој ја основа Јостела. 

Неговото име е Јован Гелебешев, познато и признато име низ светот на винариите. Иако не е меѓу живите, почина во својата 82 година во далечната 2000-та, но споменот е жив. Негови фотографии направени кај лозовите насади и зачетоците на винаријата, денес ги красат ѕидовите на убавиот интимен простор на оваа мала семејна македонска винарија. Има и една негова карикатура, направена во Љубљана пред не многу години, на една од редицата дегустации по светот каде што патувал.

Лозовите насади и винаријата ги наследува неговата ќерка Венера Гелебешева Крстиќ, позната во светот на македонските винарии како експерт за технологија на ферментација, со академска титула магистер и специјализации по светот како енолог.

- Advertisement -

Благодарение на неа, винаријата Јостела сместена на крајниот југ во подножјето на Кожуф, ја предводи винската ренесанса во оваа област. Денес таа со својот син Стефан Крстиќ ја водат винаријата. Во ова интервју за Иновативност Венера Гелебешева Крстиќ, зборува за нивниот возбудлив вински пат и за научената вистина од нејзиниот татко, дека земјата не можеш да ја лажеш. Колку ќе ѝ дадеш, толку таа враќа.

Новинарка | Љубица Ангелкова 

- Advertisement -

Раскажете ни ја семејната приказна од неколку генерации на Винаријата Јостела

Винарија Јостела ја започна својата приказна во 2005 година. Татко ми, кој беше меѓу првите школувани енолози во Македонија, откако се пензионира реши да продолжи со она што најдобро го знаеше, да прави вино. Имавме земја, па одлучи да посади лозје и да направи мала бутик винарија. Иако неговата замисла беше тоа да му биде хоби, сериозно пристапи кон реализација на својата идеја. Направи проект за винаријата, одбра интересен сортимент на грозје (каберне франк и мерло) за подигање на лозјето и ја регистрираше винаријата. Вложуваше во маркетинг и градење на брендот Јостела.

- Advertisement -

Традицијата ја продолживме јас и мојот син. Всушност мојот син го превзеде производството пред мене, во 2018 година. Јас тогаш работев во друга винарија, а од 2021 г. заедно правиме вино, се грижиме за лозјето и го продолжуваме бизнисот. Нашата приказана е специфична затоа што три генерации правиме вино.

На кои приказни од вашиот татко се сеќавате од детство и како одлучивте и вие да се посветите на оваа љубов кон лозјата?

Уште како дете, мајка ми не водеше за време на бербата во Винојуг, каде што татко ми започна како енолог. Едноставно да го видиме, затоа што во време на берба, ангажманот е целодневен, нема работно време, нема викенди, празници…

Тогаш се живееше само за грозјето и виното. Тој мирис на берба едноставно ми влезе во меморија и од него нема спас. Татко ми знаеше да каже дека енолозите се аристократијата во земјоделието. Тие создаваат уметност.

Подоцна, додека бев во гимназија, ме водеше со себе на дегустации и оценувања на вино, што мислам дека тоа беше клучен момент за мојата професионална определба. Тоа е посебен свет на луѓе. Сите опуштени, профеционалци во својата струка, патуваат по светот, се дружат и разменуваат искуства.

Каде се школувавте вие?

Јас завршив на Земјоделскиот факултет во Скопје, сега Факултет за земјоделски науки и храна, лозаро-овоштарска насока. После дипломирањето, бидејќи немаше последипломски студии за енологија во Македонија, отидов во Белград. Таму се запишав на биотехнолошка насока, поточно технологија на ферментација, каде и се стекнав со звањето магистер по биотехнички науки.

Каде по дипломирањето собравте искуства?

После дипломирањето, работев на Факултетот, на катедра за лозарство и винарство, во Институтот за лозарство и винарство и од 2008 година влегов во производство на вино. 

Искуство стекнував секаде кај што сум работела, но најмногу во винариите. Работев во големи винарии, па средно големи и еве сега сум во најмалата, бутик винарија. Во меѓувреме, одев на обуки во странство, специјализации, студиски престои и од секаде стекнував по некое искуство.

Како се одлучивте на овој чекор да ја официјализирате винаријата?

Кога веќе татко ми не можеше да се посвети со тој ентузијазам во правењето на вино, заради годините, одлучив јас да продолжам. Жално беше да се остави нешто што некој го направил со толку љубов и ентузијазам, а јас ја имам истата струка. Така да продолжив таму каде што застана татко ми. Иако, ние никогаш од 2005 не застанавме со производство на вино.

Како успеавте да го вклучивте вашето семејство во оваа винска приказна?

Со оглед на тоа што јас работев во друга винарија и бев обврзана со договор, син ми ја превзеде работата. Три берби сам ги изработи и не се осети никаков прекин. Баш напротив, се забележа нова енергија во нашите вина, помлад дух.

Која беше првата сорта на вино која ја извадивте со етикетата на Винарија Јостела?

Првите типови на вина со кои излеговме на пазарот беа мерло, каберне совињон и вранец. Тоа беа сортни вина со специфичен печат на нашата винарија. Полни, екстрактивни, ароматични. Се до 2008 произведувавме само црвени вина. Не “биеше глас” во Јостела се прават само црвени вина.

Најпознати сте во Македонија, помеѓу добрите познавачи на вино по вашето розе. По што е тоа толку специфично?

2008 го направивме првото наше розе, од сортата каберне франк, од нашето лозје. Во тој период розе виното полека се пробиваше на винската сцена и ние го потрефивме моментот. Нашето розе е со пинк розе боја, жива и заводлива. Аромите на јагода и малина го прават примамливо.

Сите вински земји посветуваат внимание на автохтоните сорти. Како е ситуацијата кај нас?

Македонија не може да се пофали со многу автохтони сорти. Единствено Станушината е македонска автохтона сорта. Таа е карактеристика на тиквешкиот регион и според мене, таму и треба да се задржи. Го дава печатот и уникатноста на тоа поднебје.

Вранецот не е автохтона сорта, но е најмногу застапен во Македонија и претставува синоним за македонско црвено вино.

Кои сорти најмногу успеваат на климата под Кожув?

Климата под Кожуф е многу специфична, заради влијанието на планината. Кожуф е доста висока планина која се простира од Кавадаречко па се до Грција. Долго време на пролет се задржува снегот и од таму се спушта ладен воздух, кој може да доведе до рани пролетни мразеви.

Од друга страна, во летните месеци, во текот на ноќта се спуштаат свежи струи, кои го освежуваат лозјето, кое цел ден го печело сонцето.

Има ли шанса за развој на тероар вино во Јостела?

Во гевгелиско успеваат сите сорти, но најпознато е виногорјето по мускат хамбург, жилавка (која порано ја имало многу) и некои трпезни сорти на грозје, како афусали, валандовски дренак и белозимско.

Да, токму жилавката е сорта на грозје која може да го даде тероарот на Гевгелија. Тоа е сорта која потекнува од Херцеговина, а климатските карактеристики на Кожув, како што се топлата и сува клима, се тие што одговараат на оваа сорта во гевгелиското виногорје.

Што се однесува до почвените услови тие се доста поразлични, но токму тоа ја прави специфична македонската жилавка која ја произведува Јостела.

Направивте редизајн на етикетите. Колку вложувате во дизајн, промоција и маркетинг. И колку е тоа специфично кај вината со оглед на фактот што бутик винариите имаат niche market?

Направивме редизајн на етикетите. Ни требаше подолго време за тоа, затоа што сакав да биде нешто поразлично и уникатно. И мислам дека успеавме. Изминатава година многу вложивме во маркетинг. Денес маркетингот е поразличен и полесен од порано. Постојат социјални медиуми кои се достапни до секого и луѓето пратат се што се случува и тоа е одлична можност за реклама и промоција.

Направивме редизајн на етикетите и направивме две линии на производи. Линија на сортни вина каде ги имаме жилавката, розе, каберне совињон и мерло. Другата линија се куве вината. Таму имаме три типа: Куве барик, Гаудиум и Нуит. Куве барик е куве од каберне франк и мерло, одлежано во дабови буриња (барик). Гаудиум е куве од каберне совињон, мерло и каберне франк одлежано во барик, а Нуит се куве розе вината од каберне франк и мерло.

Често патувате и имате шанса да ја следите винската сцена надвор. Каде сме споредно со светот и на што треба во оваа фаза да работиме за развој на малите семејни винарии?

Кај малите бутик винарии треба да се запази специфичноста и уникатноста. Според мене, а тоа е наш принцип, не треба да се оди на голем асортиман на вина, туку секоја година да се работи на подобрување на квалитетот и од тие неколку сорти на грозје да се прават различни стилови на вино.

Кое е најдоброто вино кое сте го пробале?

Постојат многу добри вина што сум ги пробала по светот. Не можам да издвојам посебно некое. Но можам да кажам дека сум пробала најдобри совињони во Јужна Африка, пино црн во Баварија, сира и каберне во Франција и уште многу други. Секоја земја има вина по кои е позната и кои вреди да се пробат.

Вино кое сонувате да го дегустирате?

Би сакала да дегустирам добро Пино. Тоа е сорта која е специфична и е предизвик за секој енолог.

За жал, Македонија не е земја за Пино, а го има доста. Но во наши услови, не може пиното да ги даде своите прави карактеристики.

Ваша омилена сорта виноваше омилено Јостела вино?

Мене ми е омилено вино Гаудуим. А и мерлото ми е исто така.

Зависи од расположението. Гаудиум го комбинирам со црвено месо, печено со зачински тревки, а Мерлото со различни видови на зрели сирења.

Правите и ликери и слатко од смокви и маџун

Ракиите се дел од македонската традиција. Секоја визба прави и ракија. Јас во делот на ракиите експериментирам и тоа е пред се за лична консумација или со пријатели. Така ја направив траварицата и ракијата од дуњи. Ликерот Шери е слична приказна.

Слаткото од смокви е најпознато слатко во Гевгелија. Го правиме од зелени и од зрели смокви. Нашето поднебје ни дава многу можности, заради тоа што сме под влијание на медитеранската клима и треба да се искористат сите можности.

Гостите кои доаѓаат во нашата винарија сакаат да пробат нешто уникатно и со печат на нашиот крај.

Каде ја гледате Јостела после 10 години?

За 10 години планирам да продолжиме по патот по кој сега одиме, да го подигнеме квалитетот на нашите вина, да се етаблираме на пазарот и да станеме уште попрепознатливи. 

Луѓето кои што не посетуваат да знаат дека дошле во винарија каде што ќе можат да пробаат добро вино и да си поминат незаборавни моменти. И нормално, повторно да се вратат.

Сподели!
- Advertisement -