Студијата која ја направи американскиот Национален институт за здравје, а беше објавена во списанието eBioMedicine, покажа дека возрасните кои внесуваат доволно течности и внимаваат да не останат жедни живеат подолго и развиваат помалку хронични болести.
Докторите во текот ан 30 години следеле 11.255 луѓе и ја анализирале врската меѓу нивото на натриум во крвта, кое се покажува ако не се внесуваат доволно течности, и здравствените индикатори. Тие утврдиле дека возрасните луѓе со повисоко ниво на натриум се склони кон развој на хронични болести и покажуваат знаци на забрзано биолошко стареење во споредба со возрасните кои имаат средни вредности на натриум во крвта.
Исто така, возрасните со покачено ниво на натриум во крвта имаат поголем ризик да умрат порано. Резултатите од истражувањето не наведуваат на заклучок дека внесувањето доволно течности го забавува стареењето и го продолжува животот без болести, вели Наталија Дмитриева, авторка на студијата и научник во Лабораторијата за кардиоваскуларна регенеративна медицина при Институтот за срце, бели дробови и крв.
Во студијата се користеле податоци за здравствената состојба на луѓе во 50-тите години и кога биле на возраст од 70 и 90 години. Вкупно имало пет посети од доктор. Секоја личност двапати била прегледана на возраст од 50-ина години, а останатите три посети биле направени во поодминати години. Во истражувањето не биле опфатени луѓе кои веќе имале високи нивоа на натриум во крвта или имале некои сериозни болести, како што е гојазноста.
За да утврдат на кој начин нивото на натриум во крвта влијае врз стареењето научниците користеле 15 маркери за здравје, вклучувајќи го крвниот притисок, холестеролот и шеќерот во крвта. Биле земени предвид и возраста, расата, полот, пушењето и покачениот крвен притисок.
Нормалното ниво на натриум во крвта е од 135 до 146 милиеквиваленти на литар (mEq/L). Возрасните со над 142mEq/L имаат за 64% поголеми шанси да развијат хронични болести како што е застој на срце, мозочен удар, дијабетес, оштетување на периферните артерии, белите дробови и деменција.
(Zimo)
(фото: Pixabay)