Голем успех на Филип Арсов: Луфтханза ќе ја користи платформата Airport Briefing на македонската компанија Synapse Аviation!

- Advertisement -

Пилотите на Луфтханза ќе ја користат македонската платформа Airport Briefing, која со помош на 3Д технологија за приказ на информации поврзани со рутите и аеродромите, мапите и графиконите им овозможува брз и ефикасен начин на брифирање и зголемена свесност за ситуацијата, што директно влијае на нивната моќ на расудување и носење на одлуки во процесот на пилотирање.

Филип Арсов, ко-основач и сопственик на компанијата Synapse Аviation, во интервју за Иновативност вели дека соработката со еден од водечките брендови на авио индустријата е големо признание и валидација за самата платформа и за нивната работа.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Филип, Synapse Аviation со платформата Airport Briefing започнува соработка со авиокомпанијата Луфтханза. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

- Advertisement -

Да, точно, после шест години постоење и речиси три години, вклучувајќи го и периодот на Covid-19, договарање и преговарање, конечно во јули минатата година, склучивме договор за користење на нашето софтверско решение со Lufthansa Group. Тоа е седумгодишен договор кој предвидува имплементација на нашето софтверско решение Airport Briefing на ниво на цела групација што вклучува десет авио компании од Луфтханза групацијата и опфаќа околу 10.000 пилоти, идни корисници на нашиот софтвер. Ова е многу важна фаза од нашиот развој, не само заради директните финансиски импликации за нашата компанија, туку и заради признанието и валидацијата која во светот на авио индустријата ја добиваме од еден од водечките брендови, кои самите по себе поставуваат стандарди и критериуми. Oва секако ќе го постави Airport Briefing високо на пиедесталот.

Airport Briefing е на пазарот веќе неколку години. Какво е вашето искуство досега? Тешко ли е да се следат потребите на клиентите и да се имплементираат иновациите?

- Advertisement -

Airport Briefing е на пазарот од 2017 година и ги помина сите можни почетни фази, како и секој нов производ, почнувајќи од Bootstraping фазата во која почнавме со првична „демо верзија“, па понатаму една стабилна верзија која дојде после првата инвестициска рунда, за да после втората инвестициска рунда стигнеме до верзијата број три. Моментално работиме на верзија број четири, која ќе биде достапна до крајот на годината.

Инаку, ако зборуваме за развојниот пат на еден производ, од наше искуство можеме да заклучиме дека секоја од гореспоменатите фази беше неопходна за да се стигне до верзијата која ќе биде добро прилагодена на потребите и барањата на пазарот. Клучен фактор при донесување на одлуки во врска со функционалностите, но и правилното позиционирање на производот на пазарот, е секако искуството од нашите постоечки и потенцијални клиенти. Со текот на годините внимателно слушавме и набљудувавме, корегиравме и надградувавме. Тоа е клучот. Се разбира дека не е лесно да се држи чекорот со барањата, желбите и потребите на клиентите и дека треба да се прават многу мудри компромиси. Но едно е јасно, не постои алтернатива, бидејќи клиентите најдобро знаат каков проблем имаат и за што им е потребно соодветно решение.

Кои се бенефитите за авиокомпаниите и аеродромите од користењето на Airport Briefing? Какви информации, односно погодности овозможува и какви се нивните искуства од користењето на платформата?

Airport Briefing е производ, пред се, наменет за авиокомпаниите и нивните пилоти како крајни корисници, кој нуди приказ на информации поврзани со рутите и аеродромите, мапите и графиконите, како и придружните документи кои ја покриваат областа на операциите при изведба на еден авио лет. Исто така, вклучува и специјални аеродромски процедури и процедури за непредвидени ситуации. Користењето на 3Д технологија за приказ на податоците им овозможува на пилотите брз и ефикасен начин на брифирање и зголемена свесност за ситуацијата (“situational awareness”) што директно влијае на нивната моќ на расудување и носење на (исправни) одлуки.

Од друга страна, сеопфатноста на целото решение, кое вклучува и администраторски алатки, систем за заштита и “back up” на податоците, мноштво статистички податоци и извештаи, целосна контрола на корисниците и содржините, го прави Airport Briefing потенцијално да биде интегрален дел од системот за менаџирање на сигурноста(“Safety Management System”) на секоја авиокомпанија, со што истите ја зголемуваат маргината на сигурност, оперативната ефикасност и ги намалуваат трошоците.

Според искуствата добиени од нашите клиенти и секако нашите истражувања, не постои слично решение на светскиот пазар кое е директно фокусирано на овој специфичен дел од оперативните активности на една авиокомпанија наречен “Operational Manual Part C” кој се однесува на брифирањето за аеродромите, рутите и областите на летање. Секако ова е и една од причините за задоволството од нашите корисници, кои конечно можат да користат цела платформа и низа професионални алатки за тој дел од нивното работење.

Кажете ни нешто повеќе за вас и тимот на Synapse Аviation

Synapse Аviation е тим од искусни професионалци од областа на авијацијата, информатичките технологии и претприемништвото. Почнувајќи од проблематиката која е од наш главен интерес, на англиски: Route, Area and Aerodrome Competence Qualification, среќни сме што имаме врвни експерти во нашиот тим, активни пилоти/капетани и тренери, кои работат за најголемите и најдобрите светски авиокомпании, кои несомнено со своето искуство успешно ги детектираа проблемите во нивното работење од конкретната област, но и ја донесоа и визијата за соодветното решение. Се разбира, не помалку важен е и тимот на искусни програмери и дигитални артисти, без кои немаше да можеме да ја реализираме нашата идеја и да испорачаме високо-квалитетно, иновативно решение како што е Airport Briefing.  На чело на овој тим, во улога на ко-основачи, сопственици и менаџери, стоиме јас и капетан Кочо Мојсов. Јас сум со повеќе од 18 години искуство во ИТ индустријата, пред се како претприемач и менаџер, но и одреден период како програмер, веб дизајнер и мултимедиа артист. Капетан Мојсов е активен капетан пилот и тренер со долгогодишно искуство во авиоиндустријата, кој “лета” за “5 star” авиокомпанија, а кој во рамките на Синапсе е главен “product owner” и носител на суштинските функционалности на производот.

Работите ли на други проекти во моментов?

Моментално нашиот примарен фокус е имплементација на целата платформа во сите авиокомпании од групацијата на Луфтханза, проект кој ќе трае уште најмалку една година. Се разбира, покрај вообичаените продажно-промотивни активности, активно работиме и на нови функционалности, но и на потполно нови модули кои ќе донесат уште повеќе вредност во нашиот производ.

Неодамна добивте и инвестиција од Сеавус Акцелераторот од 200.000 евра. За што ќе се искористат средствата?

Инвестицијата преку Сеавус Акселератор (половина од средставата се од Фондот за иновации и технолошки развој на Република Северна Македонија) доаѓа во вистински момент во период кога со стабилна трета верзија од продуктот Airport Briefing влегуваме во имплементација на договорот со Lufthansa Group според кој 10.000 пилоти од повеќе авиокомпании ќе го користат нашиот продукт. Изминатите 7 години, колку што го развиваме Airport Briefing, беа и период на внатрешно созревање и развој на тимот во кој Сеавус Акселератор и учеството во нивната програма беа голема поддршка за нас.

Кои се вашите планови за во иднина?

Несомнено е дека иднината на Синапс Авиатион ќе биде возбудлива. Имаме амбициозен развоен план кој вклучува отварање на нови сегменти од авио пазарот со воведување на нови функционалности и ново позиционирање, можеби развој на одвоени продукти, адресирање на поширока публика која вклучува и приватни пилоти, користење на виртуелна реалност, сертификации и лиценци за посебни области од авиоиндустријата, рапидно зголемување на бројот на авиокомпании кои го користат нашето решение со што ќе поставиме стандарди во индустријата во областа што ја покриваме итн итн. Со еден збор, ни претстои светла иднина и верувам, уште многу успеси.

Сподели!
- Advertisement -