ХИПО, македонска иновација што предвидува покачен крвен притисок од ЕКГ

- Advertisement -

Моника Симјаноска-Мишева е доцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје и ко-основач и COO на компанијата iReason. Заедно со својот колега, д-р Костадин Мишев, своите академските истражувачки способности ги преточуват во реални и оригинални продукти во две различни области во кои истражуваат, биоинформатика/биомедицина и обработка на природни јазици.

Резултат на тоа се четири продукти, еден од областа на биомедицината и носливите вградливи уреди, и три од областа на обработка на природни јазици за потребите на асистивните технологии.

- Advertisement -

Во интервју за Иновативност, Симјаноска-Мишева вели дека кај неа и нејзините колеги поривот за иновација не стивнува, а како дел од нејзината визија за во иднина е формирање на научно-истражувачки центар за прототипизација на продукти базирани на ВИ и нова технологија од ИТ сферата, каков што во моментов не постои во земјава.

Новинар- Сања Наумовска

- Advertisement -

Проф. Симјаноска, кажете ни нешто повеќе за вас и вашите досегашни професионални ангажмани.

Најинтересниот и најпродуктивен професионален период започна во моментот кога се запишав на докторски студии. Дотогаш професионалните ангажмани беа насочени воглавно во насока на едуцирање и држење вежби, прво на Институтот за Информатика при ПМФ – Скопје, а потоа и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје, каде што сум и денес вработена како доцент. Кратко време бев ангажирана и на Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Целото академско вложување беше предиспозиција на сите други ангажмани кои оставија трага на мојата кариера во изминатите 10 години. За себе можам да кажам дека бев многу енергичен докторанд, па постојано трагав по напредок и бегав од комфорт зоната. Ја имав можноста во неколку наврати да работам на Институтот „Јожев Стефан“ во Љубљана каде се стекнав со истражувачко искуство кое многу ми помогна навремено да ја завршам докторската теза, но и ми овозможи резултатите од тезата да бидат објавени во престижни журнали. Токму тие резултати подоцна ќе се преточат во претприемачко искуство, за што ќе зборувам подоцна во интервјуто. Патувањата отсекогаш ми беа слабост, а особено доколку тие патувања се поврзани со професионален напредок. Имам учествувано на повеќе од 50 конференции со околу 70 објавени трудови. Активно учествував и во неколку COST акции преку кои имав можност да остварам научни престои во Франција и Ирска. Ангажманот на научно-истражувачки проекти е предуслов за инспирација и вмрежување на секој млад научник. Јас имав можност да учествувам во проект на НАТО кој беше појдовна точка за дел од моите понатамошни успеси. Во прилог се неколку фотографии од најинтересни проекти и настани во кои сум земала учество – AI во акција

- Advertisement -
Креирање на AI систем за испитување на состав на почва (Словенија, 2019)
Лабораторија за микроелектроника, Љубљана 2019

Освен што сте ангажирани на ФИНКИ, вие сте и ко-основач и COO на компанијата iReason. На какви проекти работите?

iReason ја оформивме јас и мојот колега д-р Костадин Мишев. Главниот мотив беше преточување на академските истражувачки способности во реални и оригинални продукти. Иако и двајцата работиме во полето на информатиката, сепак имаме две различни области во кои истражуваме, а тоа се биоинформатика/биомедицина и обработка на природни јазици. И двете полиња нудат океани од можности за создавање интелигентни продукти, па iReason ретко може да им одолее на предизвиците.

Така, нашата стартап компанија паралелно развива четири продукти, еден од областа на биомедицината и носливите вградливи уреди, и три од областа на обработка на природни јазици за потребите на асистивните технологии. Кон успехот чекориме заедно со тим млади луѓе со кои делиме иста визија и напредуваме заедно. Главната цел на iReason е да вложува и во академско растење на своите вработени, ја поддржува нивната научно-истражувачка дејност, со цел креирање на самостојни истражувачи кои во иднина ќе ги исполнуваат своите визии и ќе креираат иновативни продукти во компанијата.

Презентација на НАТО проект на вежба за справување со кризи во Тузла 2017 (На сликата: Димитар Богатинов, Моника Симјаноска Мишева, Бојана Котеска, Југослав Ачковски)
Startup Executive Academy, Салцбург, Австрија 2022 (На сликата: Моника Симјаноска Мишева, Костадин Мишев)

Во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој го креиравте HYPO, технологијата за носење што предвидува хипертензија од ЕКГ. Кажете ни до каде е развојот на оваа алатка.

ХИПО е „првото дете“ на iReason и ни претставува особено задоволство што ФИТР го виде потенцијалот и одлучи да вложи во оваа идеја. Да се развие една методологија за научно-истражувачки потреби е сосем различно од донесување на методологијата на пазарот во форма на уред. ХИПО е прилично побарувачки проект кој не вклучува само изработка на софтвер, туку и изработка на хардвер. Вклучени се експерти од областа на интелигентни системи, софтверско инженерство, креирање фирмвер, вградливи уреди, хардверски дизајн, 3Д моделирање и графички дизајн. Овој проект не би бил успешен без Костадин Мишев, Љупчо Карајановски, Горан Димов и Татјана Коцева Спирова.

ХИПО е специфичен, пред сѐ заради неговата уникатна функционалност – да предвидува хипертензија користејќи информации само од ЕКГ сигналот на индивидуата која го има уредот на себе. Ваквото непрекинато набљудување на статусот на хипертензија има предност пред традиционалните апарати за крвен притисок токму заради можноста за навремено предупредување дури и кога индивидуата не е свесна дека постои хипертензија.

ХИПО е во фаза на МВП кој ќе биде презентиран и на престојниот стартап настан 4YFN кој ќе се одржи од 27 Февруари до 2 Март во Барселона. Подготвени сме да одиме понатаму со развојот, да го надградиме уредот и да го донесеме на пазарот за масовна употреба. Засега поднесена е и патентна пријава која ја штити интелектуалната сопственост на ХИПО. Следат уште многу предизвици на кои сме подготвени да одговориме. Ексклузивно за Иновативност прикажуваме дел од ХИПО за прв пат. Целиот концепт ќе биде прикажан на настанот 4YFN.

Минатата година се најдовте и на листата на Топ 10 жени во ИТ индустријата. Како ја оценувате позицијата на жената во оваа индустрија?

Да, тоа беше една убава предновогодишна вест која наметна уште една обврска, а тоа е позицијата да се зајакне уште повеќе во престојната година. Ги поздравувам уредниците на ИТ.мк и ми претставува особено задоволство што некој истражува и ги препознава достигнувањата. ИТ секторот е индустрија во која навистина и жените и мажите влегуваат со еднакви перформанси. Сепак, да се биде успешен во овој сектор, како и во секоја друга област, побарува 100% фокус на работата, барем додека не се достигнат првите видливи резултати. Тој период е исполнет со многу возбудливи, но и континуирани тензични моменти. Хроничниот замор претставува секојдневие, заграбувањето на нови ангажмани преминува во рутина од која тешко може да се излезе, па сето тоа резултира со последици на приватен план – планирањето семејство се одложува постојано. Треба уште многу да се работи на општествени стратегии за поддршка на жените кои имаат тенденција да достигнат резултати во научниот/претприемачкиот ИТ сектор.

Кои се генерално можностите за развој на ИТ индустријата во земјава?

Во моментов ИТ индустријата кулминира во секој домен. Во последните години се отворија нови работни позиции кои до пред 10 години воопшто и не беа постоечки. ИТ индустријата повеќе не опфаќа само развој на веб апликации, туку има потреба и од AI научници/инженери кои имаат можност науката да ја стават во пракса. Со тоа апликабилноста на ИТ прерасна во услов за напредок на секој јавен и приватен сектор, ставајќи акцент на бенефитите од Вештачката интелигенција. Полека овие модерни трендови стануваат актуелни и во нашата земја, па можам да кажам дека климата за развој на ИТ индустријата во земјава е поволна.

Каква е конкурентноста на домашните ИТ компани и на светскиот пазар?

Нашата земја произведува висококвалитетен ИТ кадар. Јас, како дел од кадарот на ФИНКИ, можам да зборувам за квалитетот на програмите кои ги нуди ФИНКИ што резултира со оспособување на инженери, претприемачи и научници кои сакаат својата кариера да ја продолжат во некоја компанија, научно-истражувачка или академска институција било каде во светот. Голем дел од ИТ компаниите ширум светот се одлучуваат да аутсорсаат проекти во нашата земја, токму заради високиот квалитет на кадарот. Од друга страна, сѐ повеќе ИТ експерти со претприемачки дух се осмелуваат да креираат и свои стартап компании со идеи за оригинални продукти кои се конкурентни на светскиот пазар. Доказ за тоа се сѐ поголемиот број инвестиции и фондови кои ги добиваат нашите стартап компании, што создава една позитивна и конкурентна работна атмосфера.

Работевте и на проект на спојување на технологијата и уметноста по повод 100 години од раѓањето на академик проф. д-р Блаже Конески. Како дојдовте на идеја и на кој начин успеавте да го „реинкарнирате“ гласот и мислите на еден од најзначајните личности во македонската книжевност?

Оваа иницијатива сѐ уште предизвикува позитивни реакции во јавноста, што ми преставува особено задоволство. Неодамна OpenAI го лансираше ChatGPT моделот кој е базиран на понапредна верзија од моделот кој ние го користевме за „реинкарнирање“ на академик проф. д-р Блаже Конески, што значи дека работевме токму врз последните достигнувања од полето на процесирање природни јазици. Во периодот кога МАНУ се подготвуваше за настанот по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик проф. д-р Блаже Конески, тимот од неколку ИТ и АИ ентузијасти веќе имаше полни раце работа со креирање на македонскиот јазичен модел – MAKEDONIZER за кој напишавме и труд кој се објави пред неколку месеци.

Претседателот на МАНУ, академик проф. д-р Љупчо Коцарев, е наш близок соработник и не требаше многу за да се дојде до идејата за оживување на делото на академик проф. д-р Блаже Конески со користење на истата технологија врз која е изграден и MAKEDONIZER, но и пошироко, со употреба на првиот текст-во-говор модел на македонски јазик, MAKEDONKA, кој го објавивме година дена пред настанот. Со спојување на овие две моќни технологии, успеавме да генерираме нови стихови и уште повеќе, истите да бидат рецитирани со емоција преку гласот кој претставува клон на оригиналниот глас на Блаже Конески. Притисокот да се претстави едно вакво достигнување на Вештачката интелигенција пред публика составена од уметници, филолози, поети, прозаисти, есеисти, историчари, критичари и професори, беше голем и предуслов за прифаќањето на бенефитите на ВИ и во домен надвор од ИТ секторот. Голема благодарност до остатокот од тимот: Костадин Мишев, Стојанчо Туџарски, Јована Добрева, Ташко Павлов, Мартин Мишев и проф. д-р Димитар Трајанов.

Вие бевте дел од тимот што ја создаде првата е-платформа во нашата земја која е пристапна за студентите со попреченост. Како може да се користи и какви олеснувања им нуди на овие студенти?

Благодарение на Филозофскиот факултет и програмата ЕРАЗМУС беше покрената иницијатива за надградба на платформата за е-учење Мудл со дополнителни софтверски компоненти за три групи студенти со попреченост: студенти со оштетен вид, студенти со оштетен слух и студенти со специфични тешкотии во читањето. Во рамки на проектот воден од проф. д-р Александра Каровска-Ристовска веќе беше изработен македонски фонт за дислексија кој ние го интегриравме на Мудл заедно со специфична палета на бои предложена од експертите на ФЗФ.

За лицата со оштетен слух изработивме софтверски модул кој вклучува дополнително објаснување на функционалностите на знаковен јазик преку видеа изработени од Христина Божиновска. Вистински предизвик за нас беше делот со креирање на синтетизатор на говор на македонски јазик за студентите со оштетен вид. Во тоа време не постоеше систем кој ќе овозможи јасно исчитување на текст налик на човеков говор, па знаевме дека постигнувањето на таков систем ќе отвори многу можности. Се зафативме сериозно со проблемот, креиравме сопствено податочно множество со користење на мојот глас и успеавме да ја креираме MAKEDONKA која јавно ја објавивме истата година. Овој проект ни отвори нови погледи кон проблемот со достапноста на информации за сите луѓе. Правото на пристап до информации во РСМ е регулирано со член 16 од Уставот, а со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обврзуваат сите иматели на информации да ја информираат јавноста на соодветен начин. Секоја јавна информација треба да биде овозможена за пристап од страна на сите лица, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, со што ќе им се обезбеди правото за осознавање, слобода за изразување и мислење, стекнување идеи, а со тоа и земање на активно учество во општествени акции. Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост е ратификувана од страна на Собранието уште во 2011 година. Главната цел на Конвенцијата е токму унапредувањето, заштитата и обезбедувањето на целосно и еднакво уживање на сите човекови права и слободи на лицата со попреченост, независен живот и учествување во сите аспекти на животот.

За обезбедување на достапност до информации во форма соодветна за лицата со попреченост, имателите на информации треба да развијат механизми кои ќе ги опфатат препораките на WCAG 2.1 стандардот за презентирање на веб-содржините на начин кој ќе овозможи полесно пренесување на содржините за луѓе кои имаат форма на попреченост. Затоа ја креиравме платформата https://accessibility.mk/ на која се претставени сите модули за трансформирање на било која веб-базирана содржина за потребите на лицата со попреченост. Оваа прилика ја користам да ги повикам сите иматели на веб портали и сите владини веб портали кои секојдневно презентираат содржини, да го земат во предвид постоењето на оваа платформа и заедно да ги направиме содржините достапни за сите. Со само еден клик ќе покажеме голема општествена одговорност.

МАКЕДОНКА е првиот синтетизатор текст- во- говор на македонскиот јазик, а најавивте дека работите и на синтетизатор говор-во-текст. До каде се овие проекти?

Креирањето на овие AI алатки носи многу предизвици, но можностите кои ги нудат се неограничени. Македонскиот јазик го зборува популација од приближно 2 милиони луѓе. Независно од бројката, потребите од овие модели во различни сектори е иста како и онаа за англискиот јазик за кој вакви алатки веќе постојат и постојано се усовршуваат. Истата година кога ја креиравме МАКЕДОНКА, Министерството за култура на РСМ објави конкурс за поддршка на проекти, меѓу кои едниот повик беше насочен токму кон зачувување на македонското културно наследство. Оттука аплициравме со идеја за конзервација на македонските дијалекти со што би успеале да направиме корпус за креирање на синтетизатор на говор-во-текст, AI систем кој треба да го испише говорот на било кој говорник, без разлика на дијалектот кој го зборува и колку тој отстапува од стандардниот македонски јазик. Одевме чекор по чекор кон исполнување на оваа задача. Добивме голема поддршка од МАНУ и обезбедивме скоро еднаква должина на текстови објавени на охридски, гостиварски и велешки дијалект. Истите ги претворивме во говорна форма со помош на изворни зборувачи на секој од дијалектите. Првата верзија на синтетизаторот на говор-во-текст беше успешно креирана, но сѐ уште има простор за подобрување, бидејќи како што знаеме во нашата земја постојат дури 27 дијалекти.

Какви се вашите планови за во иднина?

Поривот за иновација не стивнува, опкружена сум од тим на добри, вредни и интелигентни млади луѓе со кои делиме иста визија, а верувам дека има многу такви кадри во нашата земја. Сите продукти коишто ги развиваме се во насока на подобрување на одреден сегмент од општественото живеење и мислам дека сме на прав пат. Во нашата земја не постои научно-истражувачки центар за прототипизација на продукти базирани на ВИ и нова технологија од ИТ сферата, па можам да кажам дека токму таков центар е дел од мојата визија за во иднина. Центар кој ќе биде медијатор помеѓу академијата и индустријата и кој ќе се самоодржува со поткрепа од фондови, нудење услуги на компании и од меѓународни научно-истражувачки проекти.

Сподели!
- Advertisement -