Елена Миовска е млада Mакедонка која има богата интернационална кариера во ИТ индустријата. Во моментов работи за американскиот стартап Mynd, што се занимава со менаџирање на недвижнини и каде го раководи тимот за технологија.
Таа се најде на листата Топ 10 жени во ИТ индустријата во 2022 година и вели дека, иако оваа бранша е предводена од мажите, а жените се недоволно присутни, сепак во неа родовата дискриминација е целосно елиминирана.
Миовска смета дека во земјава има одличен ИТ професионален работен кадар и сѐ повеќе млади со претпримачки дух кои се одлучуваат да почнат свои бизниси во државата, но кои најчесто се финансирани од странски инвестициски фондови.
Новинар-Сања Наумовска
Елена, кажете ни нешто за вашата кариера, на какви проекти и во кои компании сте работеле досега?
Мојата кариера започнува една година пред моето дипломирање на ФИНКИ, како практикант во Т-Mobile и демонстратор по објектно програмирање на ФИНКИ. Од таму продолжив како full-stack девелопер во S&T каде што имав прилика да работам на платформа за менаџирање на човечки ресурси. Како контрактор во IBM преку Musala Soft, го имав моето прво искуство во областа на NLP (natural language processing) работејќи на IBM Watson Supply Chain Insights продуктот. По речиси три години работа за IBM мојата кариера продолжи во американскиот стартап Mynd како дел од девелопмент тимот за финансии. На почетокот во Mynd работев како backend девелопер, а во моментот работам како манаџер на истиот.
Во моментов професионално сте ангажирани во Mynd. Со што се занимава оваа компанија?
Mynd е компанија за менаџирање на недвижнини. За поефективно менаџирање Mynd има развиено интерна апликација која ги опфаќа сите аспекти за манаџирање на недвижнините. Целата платформа нуди веб базирано решение за нашите интерни корисници и веб и мобилни решенија за нашите надворешни корисници. Најголемиот број на предизвици со кои се соочуваме се најчесто во областа на финансиите. Финансискиот дел во манаџирањето на недвижнините бара многу приспособувања кон различните барања на нашите клиенти. Тимот кој работи во финансии е составен два дела, оперативен тим и тим за технологија. Јас моментално го водам тимот за технологија. Да се биде одговорен во оваа област побарува навистина голема посветеност и деталност во работата имајќи предвид дека секоја грешка е со многу висока цена.
Што значи на клиентите да им се обезбеди менаџирање на недвижнините со помош на технологија? Каква предност им дава на актуелниот пазар?
Нашиот интегриран модел од технологија и услуга, создава уникатна платформа за манаџирање на недвижнините од крај до крај. На сопствениците на недвижнини им овозможуваме целосно менаџирање на истите притоа обезбедувајќи им максимален профит од нивното изнајмување. На луѓето кои се во потрага по нивните следни домови им нудиме огромен избор на недвижнини, можност виртуелно да ги прегледаат и да аплицираат со неколку клика. Секојa успешна апликација за изнајмување е поддржана со дигитално потпишување на договор кој понатаму ги отклучува сите останати услуги за изнајмувачите, како плаќање месечна рата и пријавување на штета преку нашата веб или мобилна апликација.
На кои пазари функционира платформата на Mynd?
Mynd моментално е достапен само на пазарот во САД, каде функционира во повеќе од 25 држави, но овој број рапидно се зголемува. Она што Mynd го нуди е спој од технологија и локална експертиза во менаџирањето на недвижни. Преку технологија им овозможуваме на корисниците да превземат акција на далечина, додека нашиот оперативен тим е тука за да понуди професионални услуги во сите аспекти од менаџирањето. Тесната соработка помеѓу тимот за технологија и оперативниот тим резултира во голем број на иновативни решенија кои му овозможуваат на Mynd да понуди нови поефикасни и уникатни услуги на пазарот. Дополнително, Mynd на своите корисници им нуди финансиско менаџирање кое ги опфаќа сите приходи и расходи со детални финансиски извештаи.
Во вашата кариера стои дека сте одбиле работа за Мајкрософт. Кои беа причините за оваа одлука и од сегашен аспект дали може да кажете дали добро сте постапиле?
Интервјуата и самата комуникација со Microsoft беше навистина пријатно искуство за мене. Понудата за интервју дојде од LinkedIn, целосно неочекувано. Иако во тој период не бев сигурна дека мојата следна работна позиција ќе биде во голема компанија, сепак се одлучив да го почнам процесот. На самите интервјуа гледав како еден нов предизвик, тест на моето знаење и можност за комунијација со врвни експерти во областа. Позитивниот резултат од последното интервју предизвика бура од емоции во мене. Можноста за работа во Мајкрософт веќе беше реалност, но амбицијата за работа на стартап беше уште посилна. Во тој период мојата пасија беше насочена кон брзо развивачка околина, работа со најнови технологии, брзи резултати и агилност. Како резултат на ова ја одбив понудата од Microsoft и така ја почнав соработката со Mynd. Денес, после 4 години, сметам дека ја донесов правилната одлука. Во Mynd имав можност да работам на различни позиции во различни етапи од развојот на компанијата. Секоја етепа беше проследена со различни предизвици кои вродија нови искуства и знаења.
Неодамна бевте ставени и на листата на Топ 10 жени во ИТ индустријата во 2022 година. Што би кажале за позицијата на жените во оваа индустрија во земјава, но и пошироко?
Најпрво сакам јавно да им се заблагодарам на it.mk за целата иницијатива да ја креираат оваа листа, која создаде голема позитивна енергија во мене, а верувам и кај останатите. Навистина е чест и привилегија да се биде покрај сите овие успешни жени.
Статистиките за минатата година јасно покажуваат дека жените се недоволно присутни во бизнис светот вклучувајќи ја и ИТ индустријата, како во земјава така и во светот. Статистички гледано ИТ индустријата е дефинитивно предводена од мажите, но истовремено е и индустрија каде што родовата дискриминација е целосно елиминирана. Во последниве неколку години, процентот на жените полека се зголемува што се должи на фактот дека ИТ компаниите ги вреднуваат вработените врз основа на нивниот придонес независно од нивната родова припадност.
Родовата еднаквост е дефинитивно клучна за нови поиновативни промени во глобалниот бизнис светот. Во ИТ индустријата, секојдневно сме сведоци на нови бизниси оформени и предводени од жени, што навистина е мотивирачки да се продолжи во оваа бизнис сфера. Да се биде жена лидер и претприемач во ИТ е навистина тешко и понекогаш побарува голема пожртвуваност на приватен план.
Како ги оценувате состојбите во ИТ индустријата генерално, кај нас и во светот?
За време на пандемијата, ИТ индустрија забележа огромен раст. Можноста за работа на далечина го амплифицираше бројот на ново отворени работни позиции и голем број на нови компании беа отворени насекаде во светот.
Во моментот сме сведоци на големи отпуштања во ИТ компании. Сето ова се должи на големата неизвесност предизвикана од случувањата во светската економија. За дел од компаниите ова е единствен начин за да останат на пазарот, но за некои е само заштитен механизам од големата неизвесност што следува во иднина. Овие отпуштања се навистина нешто неочекувано кое предизвикаа огромни емоции кај луѓето насекаде во светот.
Позитивната работа од оваа ситуација е дека голем број на талентирани луѓе, погодени од истата, моментално се високо мотивирани и спремни да почнат нешто ново. Сето ова ја прави моменталната состојба погодна за почнување на нови бизниси кои можат да го почнат следниот голем тренд во ИТ индустријата.
Има ли во Македонија потенцијал за финансирање и поддршка на иновативни бизниси на млади?
Во однос на професионален работен кадар, Македонија навистина има што да понуди на пазарот што е и причина за се поголем број на странски компании да почнат соработка со индивидуи или компании од земјава. Сѐ повеќе млади со претпримачки дух се одлучуваат да почнат свои бизниси во државата, но во нашата индустријата најчесто овие бизниси се финансирани од странски инвестициски фондови.
Какви се вашите планови за во иднина, каде се гледате за пет години?
Во последната декада ИТ индустријата беше фокусирана кон дигитализирање на веќе постоечките бизниси. Последните неколку години гледаме еден нов тренд насочен кон виртуелната реалност, вештачката интелигенција и blockchain. Овие области се уште не се целосно истражени и можат да понудат огромни можности во иднина. За високо развивачка индистрија како ИТ, пет години се навистина долг период во кој многу работи можат да се променат, но за нас како нејзини креатори останува да го следиме трендот и нашата амбиција.