Успешно претставување на македонското вино на најголемиот вински саем во светот „Prowein“

- Advertisement -

Дванаесет македонски винарници ги претставија своите вина на „Prowein“ – најголемиот вински настан во светот, кој се одржа од 19 до 21 март 2023 во Дизелдорф. „Prowein“ е еден од најпрестижните саеми во светот кадешто компаниите воспоставуваат и одржуваат деловни односи со меѓународни соработници и увозници. На овој саем се претставуваат извозно ориентирани винарници, чие производство ги задоволува потребите за пласман на странските пазари во однос на квалитетот на виното и бараните количини.

- Advertisement -

Бројните посетители искажаа задоволство и интерес за понудата и квалитетот на нашите вина кои беа изложени на заедничкиот штанд. Таму беа присутни вината на „Тиквеш“, „Tikves Cheataux&Domaines”, „Стоби“, „Камник“, „Бовин“, „Венец“, „Шато Сопот“, „Милев“, „Далвина“, „Езимит“, „Попов“ и „Имако“.

Ова се само дел од нашите извозни компании кои се вистински амбасадори на нашата држава. Над 80% од произведеното вино се извезува додека вредноста на извезеното вино во 2022 е околу 58 милиони евра со што виното е значаен учесник во трговската размена и придонесува кон економскиот развој на државата. Од година во година расте учеството на извезено вино во шишиња на сметка на наливното вино, расте просечната цена на извезен литар, што значи дека напорите за промена на стратегијата на секторот вродуваат со плод и се гради имиџот на државата како винска земја.

- Advertisement -

Во официјалната програма на саемот нашите вина од сортата Вранец беа претставени на мастеркласот „Вранец: Откривање на најдобро сочуваната тајна во винскиот свет“ презентиран од страна на Керолајн Гилби (Caroline Gilby) Master of Wine. Дел од посетителите за прв пат ја пробаа оваа сорта која е наша перјаница и гордост на винската индустрија. Настанот го посети и македонскиот амбасадор во Берлин, Васко Грков; директорот на саемот, Питер Шмиц (Peter Schmitz).

Заедничкиот штанд и претставувањето на овие винарници беше  организирано од Здружението „Вина од Македонија“, со финансиска поддршка од винариницте и од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

- Advertisement -

На „Prowein“ годинава присуствуваа 49.000 посетители од 141 земја кои имаа можност да посетат околу 6.000 изложувачи од повеќе од 60 земји. Повеќе од 65% од посетителите беа лица кои се вклучени во набавки на вино. Преку богатата програма на различни содржини, дегустации и мастеркласови, производителите на вино и алкохолни пијалоци ги приближија своите понуди на бројните купувачи, дистрибутери и увозници.

Сподели!
- Advertisement -