Штрајкот на целокупниот сообраќај во Германија, еден од најголемите во последните неколку децении во најголемата европска економија, го парализираше во понеделникот утрото воздухопловниот, железничкиот, поморскиот и автобускиот сообраќај во земјата.
Еднодневниот штрајк на повик на синдикатот Verdi и синдикатот на вработените во железницата EVG е последниот во повеќемесечните индустриски акции кои ги погодија големите европски економии, бидејќи високите цени на храната и енергијата го намалуваат животниот стандард.
Двата најголеми германски аеродрома, во Франкфурт и во Минхен, ги запреа летовите, додека железничкиот оператор „Deutsche Bahn“ го откажа меѓуградските железнички услуги. Штрајкот го опфаќа и водниот сообраќај во Германија, како и управувањето со автопатите.
Поради штрајкот на вработените на германските автопати, се стравува од големи застои во понеделник поради преоптовареност, но и од затворањето на тунелите кои поради штрајкот нема да бидат под надзор.
Синдикатот Verdi преговара во името на 2,5 милиони вработени во јавниот сектор, вклучително и во јавниот транспорт и на аеродромите, додека синдикатот EVG преговара за околу 230.000 вработени на железничкиот оператор „Deutsche Bahn“ и компаниите за автобуски транспорт.
Франк Вернеке, челник на синдикатот Verdi, кој вели дека станува збор за најголемиот штрајк по децении, изјави дека работничката акција е прашање на опстанок на милиони работници во текот на високата инфлација, пренесува весникот Bild am Sonntag.
Потрошувачките цени во Германија пораснаа повеќе отколку што се очекуваше во февруари, за 9,3 отсто во однос на истиот месец минатата 2022 година.