Игор Арсовски го креираше македонскиот Booking! Уникатната Merakzy веќе се користи и во други земји!

- Advertisement -

Да се одлучите каде на одмор или на патување, со еден клик и да го избегнете отворањето на десетици страници на туристички агенции, да споредувате цени, датуми и програми, е желбата на секој човек што сака да патува. Решение има и доаѓа од македонска стартап компанија, платформата „Меракзи“ (Merakzy), која овозможува тур-операторите да внесуваат понуди, да ги менаџираат и да ги споделуваат, а патниците преку агрегаторот „Ајде на одмор“, да си букираат летување и да платат онлајн без да мора да одат до туристичката агенција.

Игор Арсовски, коосновач на „Ајде на одмор“ и творец на „Меракзи“, во интервју за иновативност вели дека имаат големи планови за развој на платформата, а од скоро таа е активна и во Србија.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Игор, Merakzy е платформа за целосно управување и автоматизација на работните процеси кај тур-операторите, соработка со туристички агенции од продажната мрежа и онлајн резервирање на пакет аранжмани. Кажете ни колку време постои и како се користи?

- Advertisement -

Merakzy како софтверска платформа е развивана повеќе од пет години, додека сегашната верзија која се користи од страна на тур-операторите и туристичките агенции е активна повеќе од една година. На самата платформа, тур-операторите внесуваат понуди, ги менаџираат и ги споделуваат со нивната мрежа на агенти и туристички агенции. Благодарение на 100% точните информации, понудите и слободните места се прикажуваат на агрегаторот „Ајде на одмор“, каде крајните корисници можат да си букираат летување и за истото да платат онлајн без посета на туристичката агенција.

Како се разви оваа идеја, да иновирате токму во туристичкиот сектор?

- Advertisement -

Идејата дојде спонтано, заради неможноста за онлајн букирање на туристички пакет аранжмани од страна на крајни корисници. Како што тимот ја анализираше проблематиката и начинот на функционирање на овие продукти, ни стануваше сè појасно дека треба да се дигитализираат повеќе процеси на секторско ниво, како би можело на крајниот корисник да му се понуди потреба за онлајн букирања.

Така и започна развојот на софтверска платформа, која преку дигитализација на туристичкиот сектор кој организира и продава пакет аранжмани, на крајните корисници ќе може да им овозможи целосно точни информации за слободните места во секој момент, односно да овозможи онлајн букирање на овие понуди.

Меракзи е првата веб-базирана софтверска платформа на Балканот. Кои агенции се дел од платформата?

Во моментов 15 тур-оператори и 30 туристички агенции ја користат платформата за забрзување на интерните процеси на продажба, како и на меѓусебната соработка. Добрата страна на платформата е што во неа се вклучени агенции од сите градови во Македонија, па така на ajdenaodmor.mk многу лесно заинтересирани патници од Скопје можат да купат аранжман од туристичка агенција која се наоѓа во Битола, Кавадарци, Прилеп или обратно.

Каков е бенефитот за агенциите, а каков за патниците од постоењето на Меракзи?

Бенефитот за патниците е што можат онлајн, преку користење на агрегаторот „Ајде на Одмор“, со само неколку кликови и со користење на неколку филтри, според нивните преференци и потреби, да пребараат низ база од илјадници аранжмани кои ќе бидат достапни онлајн и лесно и едноставно да го букираат своето следно патување.

Сите информации се синхронизирани и 100% точни благодарение на софтверската платформа Merakzy која ја користат тур-операторите. По завршување на онлјан букирањето, аранжманот за кој уплатиле директно се пополнува во системот кој го користат агенциите. Бидејќи се работи за централизирано клауд-базирано решение кое работи нонстоп, информациите за слободни места се синхронизираат во реално време, овозможувајќи целосна точност во секој момент, со што се одбегнува ризикот од двојно букирање.

Агенциите од друга страна добиваат моќна алатка за целосно работење и дигитализирање на нивните интерни процеси, притоа заштедувајќи време и пари. Особено значајно за агенциите и тур-операторите е забрзувањето на соработката на ниво на целата продажна мрежа.

Неодамна добивте поддршка и од БАУ. Што ќе значи тоа во развојот на платформата?

Поддршката од БАУ беше клучна за брзо ширење на решението на пазарот, вклучување на повеќе македонски тур-оператори и туристички агенции, како и презентација на решението на српскиот пазар, каде веќе се идентификувани првите корисници кои ќе го дигитализираат своето работење со помош на Merakzy од месец април 2023.

Спроведувањето на овие активности во краток временски период немаше да биде возможно без проширување на тимот, како и надградување на софтверската платформа со нови модули според фидбекот од корисниците.

Какви се вашите планови за во иднина?

Визијата се основа на креирање на софтверска платформа која ќе овозможи дигитализација и автоматизација на работните процеси на тур-операторите и туристичките агенции во регионот. На тој начин, со вмрежување на тур-операторите и туристичките агенции на регионално ниво, Merakzy ќе ја олесни и забрза нивната веќе постоечка соработка, а од друга страна на крајниот корисник, односно на патниците, ќе овозможи пристап за брзо пребарување на слободните места низ илјадници аранжмани, како и лесно букирање и плаќање онлајн за кој било аранжман од регионот, со што истите ќе можат да пребаруваат низ поголема понуда за нивниот одмор, како и да ги избегнат високите банкарски трошоци кои се јавуваат при резервации направени во соседните држави.

Дополнително, оваа визија се поклопува и со бенефитите кои произлегуваат од иницијативата Опен Балкан, која отвора можности за заедничка промоција на туристичките капацитети на земјите од регионот. Иницијативата во целост ќе ја помага регионалната соработка во туризмот со цел заедничкиот развој и подобра иднина на регионот.

Сподели!
- Advertisement -