Вештачката интелигенција не е закана за работните места на луѓето!

- Advertisement -

Интервју со Елена Димовска,раководител на Академијата за вештачка интелигенција во Семос Едукација

Новинар – Верица Јорданова

Што претставува вештачката интелигенција, темин кој во последно време е доста актуелен. Како најлесно може да се дефинира овој поим?

- Advertisement -

Постојат различни дефиниции за вештачката интелигенција, но онаа која е најприфатена и најдобро го објаснува поимот е дефиницијата според која машините учат да ја манифестираат човечката интелигенција. Или попрактично, вештачката интелигенција е научна дисциплина која го покрива истражувањето, креацијата и оперативните активности на машинската интелигенција. Иако ова е научна дисциплина која опфаќа доста техничко знаење и многу концепти, за да го сфатиме влијанието во секојдневниот живот и во економијата треба да ги знаеме основните концепти на вештачката интелигенција. Таа се базира на податоци и потоа со помош на алгоритми гради одговори. За да го доближам ова со пример би го искористила примерот на Chat GPT каде движечка сила е моделот со извонредна количина на податоци во својата основа, секое прашање до Chat GPT води кон сетот на податоци низ кој моделот пребарува и потоа го дава резултатот во текстуален облик. Oва значи дека сетот на податоци содржи огромен број информации кои човекот ги вградил во овој модел. Mоделот не е совршен, што значи дека човекот секогаш ќе ја унапредува вештачката интелигенција, тренирајќи ги машините со нови податоци.

Каква е нејзината намена во светски рамки? Кои се нејзини предности, а кои се најголемите предизвици?

- Advertisement -

Намената во светски рамки е дисперзирана. Вештачката интелигенција (AI) се употребува во различни индустрии, помага во медицината, ја унапредува животната средина и го олеснува секојдневието на луѓето. за индустриите и бизнисите ќе дадам неколку примери кои доволно зборуваат за предноста која ја овозможува AI:

  • Google ја намалува потрошената енергија за разладување на своите центри за податоци за 40% користејќи предиктивни модели каде е најпотребна енергијата за разладување;
  • Аmazon ги намалува оперативните трошоци за 20% воведувајќи роботика при пакувањето;

Замислете, се очекува дека вештачката интелигенција ќе ја зголеми просечната профитабилност до 38% до 2035 година. Предностите кои произлегуваат од вештачката интелигенција се во насока на автоматизирање на некои репетитивни задачи кои ги фрустрираат луѓето, што значи се заштедува на време, се намалува можноста за грешка која постои кога одредена активност ја прават луѓе, може да ги замени луѓето во некои професии кои се животно-загрозувачки, како пожарникари, рудари… Но, постојат и предизвици, а тие се во најголема мера врзани со етичноста и со човековиот разум и инстинкт. Во смисла на етиката треба да се напомене дека треба да се размислува како да се спречат малициозни обиди на одредени ai корисници да наштетат на други индивидуи, бизниси или земји, исто така разумот може да надвладее кај човекот кога би се нашол во ситуација да возејќи налета на пешак и за да го избегне мора да излезе од патот во провалија. Тука настапува проценката кај човекот, но не и кај машината зошто таа ќе постапи онака како што и е посочено во алгоритмот.

- Advertisement -

Колку во Македонија се применува вештачката интелигенција? Гледаме примени и на јавни институции кои промовираат дигитални асистенти?

Македонија не заостанува во користење на вештачката интелигенција. Се разбира, поголема примена наоѓа во бизнис секторот. Компаниите ги следат трендовите во технологиите и се прилагодуваат, во различни сектори присуството на вештачката интелигенција е различно. Најмногу ги користат machine learning моделите за наоѓање некакви патокази на база на претходни податоци за носење на соодветни бизнис одлуки, но за поздравување е иновативноста и на јавните институции и олеснувањето на деловната комуникација помеѓу државата и бизнисот со помош на вештачката интелигенција и воведување на виртуелни асистенти или chat bots кои во себе ги содржат сите потребни податоци на одредена тема и со едноставна патека ги насочуваат корисниците кон податоците кои им се потребни. Што е предноста на овие решенија? Нивната достапност и одржливост, поточно достапни се било кога и од било која локација и може да се надградуваат и менуваат многу поедноставно и побрзо.

Кои се опасностите од користење на вештачката интелигенција без познавање на нејзините принципи?

Во светски рамки поставени се принципите на вештачка интелигенција од различни меѓународни организации, но се разбира, секој голем вендор кој работи со ai производи има свои рамки на правила и принципи, како и координативни тела во рамките на организацијата кои се грижат за спроведување на принципите при развој на еден производ. Главните принципи околу кои се позиционира развојот на вештачката интелигенција се инклузивност, одржлив развој и благосостојба на луѓето, фер и демократски вредности со почитување на законски рамки, транспарентност и заштита на лични податоци. Кога не би се почитувале овие правила, постои ризик да се наруши приватноста на луѓето, да се прекршат закони, дури некогаш и несвесно обработувајќи огромни количини на податоци може да се анализираат податоци кои подлежат на закон за заштита на лични податоци. Тоа се ризици за кои се бара решение како да се надминат.

Зошто организирате академија за вештачката интелигенција и која ви е таргет група?

Како лидер во регионот за ИТ обуки ние во Семос Едукација чувствуваме одговорност дека треба да придонесеме во овој процес со што е можно повеќе професионалци кои ќе се вклучат во различни сегменти на вештачката интелигенција. Академијата е производ кој подготвува кандидати кои би можеле да се впуштат веднаш во вештачката интелигенција еко-системот. Ги едуцираме кандидатите со програмски јазик, концепти на вештачка интелигенција и работа на проекти со реални податоци. Целна група се и млади луѓе кои размислуваат своето образование да го продолжат во оваа насока, но и професионалци кои сакаат да го надградат своето знаење.

Потребна ли е според вас поширока едукација на населението?

Демократизацијата на вештачката интелигенција според мене е најдобриот пристап за ширење на концептите на AI. Самата демократизација значи користење на low-code или no code алатки за развивање на софтверски решенија кои во себе имаат АI компонента. Светските ИТ компании овој пристап веќе го користат преку постоечки производи или воведувајќи нови, па така еден виртуелен агент може да се развие за неколку денови, мобилна или десктоп апликација за неколку часови, а пак автоматизиран процес за препознавање текст од документ и зачувување на истиот на одредена локација за неколку минути. Тоа е широката примена на вештачката интелигенција во секојдневието без користење на програмски јазик, нешто што бизнис корисниците и луѓето кои не се во ИТ светот може да ги доближи до вештачката интелигенција и заедно со машините да го олеснат сопственото функционирање. Од друга страна бидејќи предноста на брзото ширење на информации е негативност кај дезинформациите, секојдневно слушаме дека машините ќе не заменат, па во таа насока ќе дадам само еден податок од последните истражувања на Светскиот Економски Форум кој вели:

– вештачката интелигенција ќе замени 85 милиони работни места, но ќе создаде нови 97 милиони, а дури на 50% од вработените ќе им треба дополнителна обука или реструктуирање.

Интервјуто е направено за емисијата Агенда 35

Сподели!
- Advertisement -