Островот Барлоко, кој е блиску до јужниот брег на Шкотска, се продава по цена од околу 169.000 евра, пренесува CNN.
„Уште постојат многу романтични чувства врзани за поседувањето сопствен приватен остров, каде што можете да побегнете од гужвата на секојдневието и да уживате во мирот и тишината во најубавите пејзажи во околината“ се вели во соопштението на агентот за продажба.
Купувачот веројатно нема да биде некој кој секојдневно патува на работа затоа што најблискиот град е на околу 10 км, а најблиската железничка станица Дамфрис е на еден час возење од градот. Лондон и Единбург се оддалечени над 500, односно 160 км.
Со бујната зелена трева и карпите кои се протегаат до морето, островот покрива површина од околу 25 хектари, но на него нема згради, туку има само езерце кое обезбедува вода за добитокот и дивите животни во зимските месеци.
Никој досега не побарал дозвола за градба на островот, па затоа купувачот би требало да ги истражи опциите за развој со локалните власти, се вели во соопштението.
Во периодот на осека до островот може да се дојде пеш, со трактор или со квад. Остатокот од времето има плажа на која можат да се закотват чамци и е совршена база за истражување на островот, пливање во ладна вода или уживање во пикник крај вода, вели агентот за продажба.
Островот се наоѓа во регион кој е од посебен научен интерес, односно на локација дефинирана како подрачје од посебен интерес поради ретките врсти на фауна и флора кои ги содржи, како и засолниште за сите видови диви животни, како и ретки билки како морска лаванда и миризлива орхидеја.
Агентот за продажба очекува голем интерес за ова минијатурно кралство.
(Cafe del Montenegro)
(фото: Hippopx)