Доколку ги рангираме и разгледуваме најздравите навики, коишто може да ги поседува модерниот човек, која би била на прво место? Во дигитално доба со намален фокус и примање на информации, најздравата навика на човекот дефинитивно би требало да биде токму читањето. Но зошто само модерниот? Читањето е и би требало да биде бeзвременска навика во секоја претстојна година, декада, век. Главната причина? Читањето нѐ прави луѓе.
Можеби најочекуваната културна манифестација во земјата, чија главна цел е славење на убавината на пишаниот збор, а и создавањето на бесконечен број на светови со моќта на јазикот, – и тоа од страна на голем број домашни, а и странски автори, е секако Саемот на Книга.
Организаторот, Скопски Саем, најавува богата седумдневна програма со над 60 издавачки куќи, а се очекува бројот на посетители да се искачи и до 30.000, како пред пандемичниот период. Цената на редовна влезница ќе изнесува 80 денари, а 50 денари по лице ќе изнесува цената за организирани групи ученици. Билетите ќе бидат достапни за купување на влезот на Арена – Борис Трајковски, но секако, – и за сите љубители на дигиталните услуги, сите заинтересирани ќе можат да ги набават своите билети за саемот и онлајн преку Karti.com.mk: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2023.nspx
Во рамките на неколкудневната програма, се очекува присуство на голем број интересни домашни и странски автори, со промоција на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената, а секако и на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги.
Една од главните цели на годинешното јубилејното 35. издание на Меѓународниот Саем на книга е одбележување на важноста за зачувувањето на мајчиниот македонски јазик, како главен идентитет на народот, а за истото, програмата на Саемот ќе се фокусира и на активност и програма која ги слави познатите легенди, кои имаат оставено значителен печат во македонската книжевност. На 5 мај, во петок, во 12:00 ч. ќе биде организирана трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи по повод Денот на македонскиот јазик.
Саемот на книга 2023 ќе трае од 4ти до 10ти мај 2023 година, во Арена – Борис Трајковски во Скопје, секој ден од 10:00 до 20:00 часот, а на 10.05.2023 година, саемот ќе биде отворен сѐ до 18:00 часот.
Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура на РСМ.
За сите дополнителни информации во текот на претстојниот саем, следете го Скопски Саем на www.skopskisaem.mk и на @skopski.saem на Instagram и Скопски саем – Skopski saem на Facebook.
Мирисот на нова книга ја најавува пролетта.