Благодарение на глобални сателитски анализи откриено е дека постојат речиси 20.000 непознати подводни планини, со што бројот на познати планини во океаните на Земјата е речиси дуплиран, објави научното списание Earth and Space Science.
Со новата техника на мапирање која се базира на сателитски податоци откриени се илјадници претходно непознати подводни планини. Подводните планини се познати по морскиот биодиверзитет со оглед на тоа дека нивните карпести ѕидови настанале од вулкански активности и се плодна почва за бројни живи суштества.
Истовремено, подводните планини поттикнуваат кружење на вода богата со хранливи материи како нитрати и фосфати. Вообичаената метода за пронаоѓање скриени планини е испитување на морското дно со сонар, со кој се мапира дното на океаните, но станува збор за скап и долготраен процес, поради што на тој начин се мапираат само 20% од океаните.
Тим од научници предводен од Џулија Геворгијан од Океанографскиот институт Скрипс при државниот Универзитет Сан Диего и нејзиниот колега, геофизичарот Дејвид Сандвел, со помош на сателитски анализи направи тпографско истражување на морското дно и најде досега непознати подводни планини.
Како што пишува порталот Science News, истражувачите успеале да ја одредат висината на морското дно и идентификувале испакнатини, кои се резултат на гравитациските влијанија на подводните планини.
Со оглед на тоа дека карпите се погусти од водата, присуството на подвнодни планини малку го менува гравитациското поле на Земјата на одредени локации, што предизвикува акумулација на вода над подводните планини. Користејќи сателитски снимки научниците забележале 19.325 претходно непознати подводни планини. Со претходни истражувања досега беа мапирани нешто над 24.600 подводни планини.
Некои свои анализи ги споредиле со податоци од соларни мапи на морското дно за да ги потврдат своите откритија. Најголем дел од новооткриените подводни планини се релативно мали. Висината им се проценува на 700-2.500 метри. И покрај тоа, некои од нив може да се опасни за пловидба затоа што некои плитки планини се наоѓаат во подрачја каде што пловат воени подморници.
(N1)
(фото: Pxhere)