Македонскиот бренд „Фејдом“ го освојува светот, отвори продавници во Лисабон и Чикаго

- Advertisement -

„Кeep changing!“ е мотото под кое веќе 17 години македонската фабрика „Фејдом“ го дизајнира модуларниот мебел што може да одговори на потребите на секое семејство и секој дом. Со отворањето на продажните салони во Лисабон и Чикаго во март годинава „Фејдом“ веќе има 32 продавници во 16 земји низ целиот свет. Тие неодамна го промовираа и најновиот модел софа „Каскаис“, со максимална корисна површина и квалитет и со минимална зафатнина на простор.

Во разговор за „Иновативност“, Ивана Ѓоргоска, генерален менаџер на фабриката и Сања Вељаноска, менаџер за продажба во Македонија и раководител на продажниот салон во Скопје, велат дека нивните бестселери се најновиот „Каскаис“ и веднаш после него и моделите „Клаудс“, „Бонбон“ и „Матакао“. Посочуваат дека кај нив не постои целна група на купувачи кои се од сите нации, возрасти, професии и социјални статуси, а заедничка им е желбата секој да си направи гарнитура по сопствен вкус.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Вашата компанија „Фејдом“ неодамна ja лансираше најновата софа „Каскаис“. Што ве инспирираше во создавањето на овој модел?

- Advertisement -

Моделот „Каскаис“ е одговорот на FEYDOM на еден историски предизвик во светот на дизајнот на каучи: да се добие софа со максимална корисна површина и квалитет, во услови на минимална зафатнина на простор, средства и ресурси.

Но, исто така би можеле да кажеме дека „Каскаис“ беше изнудено решение од страна на нашите дизајнери , кога требаше да се сместат четворица во стан од 50 м2 а да ги задржат навиките за удобност и слобода на движење во просторот. Како и да е, задачата беше да се креира раскошен производ од висока класа кој може да се смести во модерна дневна соба со скромни димензии во рамки на еден нормален и непретенциозен буџет. Со моделот „Каскаис“ ние успеавме да го имплементираме сето тоа во нашиот веќе од порано развиен концепт на модуларност и трансформабилност.

- Advertisement -

Кои се предностите на модуларните гарнитури што вие ги создавате?

„Кeep changing!“ или продолжи да менуваш, е мотото под кое се рекламираме и нашиот производ буквално секојдневно го овозможува тоа.

Гарнитурите се пред сѐ модуларни и можат да се прилагодат на простори со најразлични димензии. Освен тоа, тие се и лесно трансформабилни, па во неколку минути дневната соба може да се пренамени во работна, гостинска, детска, спална или нешто друго. На сите нови модели штофот лесно може да се извади, испере или едноставно смени за друг материјал или боја за промена и освежување. Збирот на сите овие карактеристики го прават целиот концепт прилично уникатен во нашата индустрија.

Она што е особено интересно за купувачите од западните пазари е кога ќе откријат дека нашата посветеност за заштита на природата не е само декларативна туку дека веќе многу години сериозно инвестираме во проекти кои ќе ни овозможат да создадеме услови за 100% циркуларна економија.

На тамошните купувачи им значи фактот дека енергијата која се користи за производните линии се произведува од фотонапонските соларни централи поставени на крововите на нашите фабрики. За нив е исто така важно кога ќе дознаат дека за секое дрво кое е искористено во производствениот процес ние одгледуваме по 10 нови дрвја на нашата 50 хектарска плантажа со паулонија која сега веќе прераснува во сериозна шума од близу 30.000 посадени дрвја.

Салонот во Словенија

Фејдом е подолго време присутен и на светскиот пазар. Колку производствени погони и продажни салони имате и каде се наоѓаат? Кој е последниот што е отворен?

Главната производна линија на FEYDOM веќе 17 години се наоѓа во Скопје, а од пред две години еден помал дел од гарнитурите почнавме да ги произведуваме во Врање – Србија. Продажбата е организирана преку 32 продавници во 16 земји. Од нив, 20 се FEYDOM моно-бренд франшизи, а останатите се Shop in shop концепти во состав на продавници на локални партнери. Последните FEYDOM продавници беа отворени во март годинава во Лисабон и Чикаго.

Колку е тешко една македонска компанија да биде конкурентна на светскиот пазар во сегашни услови?

Ова прашање е прилично незгодно со оглед на тоа дека сѐ уште немаме одредено мерка за таква тежина. Но за споредба, зборувајќи за индустријата за мебел, сигурно е полесно за македонска компанија да биде конкурентна на светскиот пазар, отколку некоја светска компанија да биде конкурентна на македонскиот пазар во сегашни услови.

Во случај да се работи за пласман на производ, доволно е да се постигне задоволителен капацитет, релативно ниска цена со континуиран просечен квалитет. Светот е преполн со импортери, големопродавачи, малопродавачи, претставници, застапници, агенти, и разноразни посредници кои со задоволство ќе примат се што имаме да понудиме.

Тешкиот дел е кога на светските пазари треба да се постави бренд. За тоа, освен исклучително квалитетен производ, треба да се направи и систем за дистрибуција, маркетинг и продажба и секако издржана приказна. За да се успее на тој пат постојат два метода: едниот е со вложување на години во посветена работа, а вториот е да се има некоја луда среќа. Ние, за сега, сѐ уште сме на првиот метод.

Кој модел е најголем фаворит на купувачите кај нас, а кои се во другите земји каде што извезувате? Што ја прави разликата во вкусовите меѓу нашите и странските купувачи?

Ние промовираме по еден нов модел годишно и обично тој модел за извесно време станува фаворит на сите пазари. Моментално тоа е моделот „Каскаис“ и веднаш после се нашите бестселери, моделите „Клаудс“, „Бонбон“ и „Матакао“.

Што се однесува до купувачите, тука ни после многу години не успеавме да одредиме некаква јасна целна група бидејќи се од сите можни нации, возрасти, професии и социјални статуси. Она што ги привлекува кај нас е можноста секој да си направи своја гарнитра по сопствен вкус. На тој начин кога зборуваме за вкусови, порачките се движат од најконзервативни класични решенија, до артистички конфигурации надвор од сите познати естетски норми. И тоа се повторува на сите пазари во сите земји.

Какви се вашите планови за во иднина, имате ли некои нови модели во најава или нови пазари кои би сакале да ги освоите?

Имаме многу енергија, јасна визија за многу нови модели и не постои земја на планетава која не ја гледаме како потенцијален пазар. Она што ќе ни треба да го реализираме сето тоа е време, бидејќи постојаната работа на креација на нови модели истовремено создава потреба за унапредување и на производствениот процес и на дистрибутивните мрежи.

Во моментот, освен постојано ширење на мрежата низ западна Европа, во главен фокус ни е понатамошен развој на брендот на Северноамериканскиот пазар. Најголемиот предизвик за сега за тој дел од планетава ни е организацијата на ефикасен маркетинг. Таму, на нивен терен се натпреваруваме со компании од кои некои имаат годишни продажби поголеми од целиот БДП на Македонија. За таа цел од минатата година во нашиот центар за развој на производи и проекти се работи на создавање на еден сосема нов сектор за дигитален маркетинг, креација на содржини за социјални медиуми и онлајн продажба. Се надеваме во блиска иднина ќе се креира тим кој ќе може да се носи со врвните агенции од овој тип низ светот.

Кажете ни нешто за вас и вашата улога во компанијата?

Ивана Ѓоргоска: Позицијата на менаџер на производство е исклучително одговорна, динамична и кретивна работа. Она што најмногу прави да уживам во тоа што го работам е аденалинот при решавањето на секојдневните предизвици со кои се соочуваме секој ден, како и балансирањето помеѓу тоа што го бараат клиентите, секојдневните предизвици на вработените, а притоа исполнувањето на зададениот производствен капацитет и квалитет. Најдоброто во оваа работа е тоа што тука во Фејдом работиме под тотална кооперативна транспарентност, иновативност и креативност и секој од нас независно од која земја работи е дел од нашето семејство кое работи на константен раст и развој кој веруваме дека ќе има голем удел и веќе прави разлика во општеството.

Сања Вељаноска: Заедно со тимот на маркетинг, продажба и дистрибуција на производите, активно работам за ефикасно реализирање на предизвиците на динамичниот пазар за најдобра презентација и продажба на нашите производи на териоторијата на матичната земја на производство. Предизвикот е голем бидеќи се работи динамично со производи кои се модуларни и секоја порачка е производ на дизајн и на самиот купувач кој одбира софа според димензиите на просторот, боја и штоф кои најдобро одговараат на тој простор и спрема проектираниот буџет на самиот купувач. Задоволството е големо бидејќи гледаме среќни купувачи и голем дел од нив кога повторно имаат потреба од гарнитура, одбираат Фејдом.

Сподели!
- Advertisement -