Филип Костадиноски, студент на Факулетот за електротехника и информатички технологии и Горјан Спировски, Даниел Јованоски и Михаил Петрушевски од Факулетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, се тимот на македонската компанија „Фиксиго“ која работи на создавање IT платформа чија цел е да ги направи индустриите паметни, на тој начин што ги поврзува компаниите со нивните потребни податоци и им помага да донесат подобри одлуки.
Во разговор за Иновативност, Филип Костадиноски вели дека „Фиксиго“ се развива веќе три години, а може да се користи во повеќе сектори како земјоделството, здравството, раната детекција на пожари, транспортот, градежништвото…. Веќе е имплементирана во земјоделството и им помага на производителите да ги следат критичните параметри кои се важни во циклусот на одгледувањето на земјоделски култури и да донесуваат правилни одлуки.
Која е идејата зад Fixigo, за каква платформа се работи?
Koмпанијата „Фиксиго“ развива IT платформа која ги поврзува компаниите со нивните потребни податоци и им помага да донесат подобри одлуки со цел подобрување и оптимизирање на нивните секојдневни процеси. Земјоделието го одбравме како наш почетен пазар и индустрија во која ќе го докажеме концептот на оваа платформа. Платформата во земјоделието е составена од уреди кои се инсталирани на земјоделски површини и кои мерат критични параметри на почвата кои се важни во циклусот на одгледувањето на земјоделски култури. И понатаму, врз база на податочната анализа од претходно собраните податоци се испраќаат преку мобилна апликација известувања до земјоделските компании за критични ситуации и известувања за соодветни препораки. Исто така, компании ќе имаат пристап до аналитики кои ќе ги подржат нивните понатамошните R&D активности на компаниите.
Во кој стадиум е развојот на платформата?
Развојот до овој период одеше побавно, но сега откако добивме грант од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и влеговме во преговори со потенцијални инвеститори развојот дефинитвно ќе оди значително побрзо. Инаку, платформата е на терен поставена повеќе од една година, од кадешто прибираме податоци и ја тестираме. Ги финализираме и последните работи околу тестирањето и правиме подготовки за комерцијализација на самиот продукт и останатите услуги, а планираме да ги пуштиме во продажба на почетокот од третиот квартал од оваа година.
За кои индустрии е прилагодена „Фиксиго“ и за кои пазари е наменета?
Самиот концепт на „Фиксиго“ е универзален, а целта е да ги направи индустриите и компаниите паметни, што значи поврзување на индустриите со нивните податоци и помагање во донесување на подобри одлуки. Едноставно со мали прилагодувања на хардверот и софтверот ќе може да се креираат решенија кои ќе ги оптимизираат процесите во многу други индустрии. На пример, здравствениот сектор, рана детекција на пожари, транспорт, градежништво и така натаму.
Рековте дека веќе се користи во земјоделството преку уреди кои мерат критични параметри на почвата. Кажете ни нешто повеќе за тоа.
Нашите уреди мерат параметри на почва и атмосферски услови како што се ПХ вредност, температура, влажност, солливост, температура на воздух и така натаму, и ги праќаат податоците до база кадешто се врши податочна анализа. Со помош на нашите модели се даваат известувања до земјоделците преку мобилна апликација за планирање на нивните секојдневни процеси (заштита, наводнување, прихрана и тн). Тие добиваат известување и за некои критични ситуации на нивните посеви и препораки како понатаму да постапуваат. На мобилната апликација ќе имаат и наши трендови кои исто ќе им помогнат за нивниот развој и дополнително оптимизирање на нивните процеси.
Зошто развивате токму ваков тип платформа?
Целата 2020 година беше голем предизвик за сите нас, во тој период имавме малку повеќе слободно време, а голема желба да правиме нешто. Предводени од тоа, го креиравме концептот и мотивирани продолживме во развојот. Генерално, решенијата за IoT имаат потенцијал да револуционизираат многу индустрии и да го трансформираат начинот на кој функционираат бизнисите. Со искористување на податоците во реално време генерирани од IoT уредите, компаниите можат да донесуваат одлуки засновани на податоци и да добијат конкурентска предност. Понатаму, решенијата за IoT можат да придонесат за поодржлива иднина преку овозможување енергетски ефикасни системи и намалување на отпадот.
Кои се бенефитите за бизнисите кои би ја користеле оваа платформа, што е нејзината иновативност?
На земјоделскиот сектор му овозможуваме да произведува високи и квалитетни приноси со ниски трошоци за производство. Оваа платформа ќе помогне во одржливото користење на природните ресурси кои се со се помала достапност во светот, ќе придонесе за безбедност на храната, управување со кризи, транспарентност и отпорност. Исто така ќе одговори на трендот за одржлива и здрава храна во корист на потрошувачите и ќе ја зголеми конкурентноста и одржливоста на прехранбената индустрија во нашата држава.
Влеговте во акцелераторската програма на South East European University. Какви се вашите очекувања?
Чест ни е да сме дел од првата генерација на акцелераторската програма на SEEU Techpark, затоа што тие воведоа нова иновативна програма која се состои од менторска и финансиска поддршка. Иновацијата во оваа програма е во тоа што вие како компанија сте подобни за нивна инвестиција во вредност до 40,000 евра, но доколку претходно има некој друг приватен инвеститор кој ќе инвестира во вашата компанија. Се разбира, дека и не остануваат на тоа во цел тој процес, туку на располагање вие и целата нивна мрежа на инвеститори, бизнис ангели и фондови кои би можеле да го олеснат процесот. Менторската поддршка ќе биде одлична алатка за остранување на нашите планови и стратегии.
Дали сте работеле и на други проекти?
Како студенти од различни факулети имаме работено на претходно средношколки, а сега и различни студентски проекти, но и по формирањето на комапнијата работиме на проекти од оваа сфера или друга сфера, со цел финансиска поддршка на овој проект.
Какви се вашите планови и очекувања за во иднина?
Плановите ни се да се развиваме, да креираме решенија кои ќе решааваат проблеми во повеќе индустрии и да бидеме водечка ИТ компнија во забрзувањето на развојот на свет што е воден од податоци. Ние ќе се стремиме да направиме поотпорни и одржливи индустрии, истовремено создавајќи влијание врз животната средина, врз светот, таргетирајќи го секој поединец, секоја компанија и секоја вклучена заинтересирана страна.