Најновата епизода на култниот стрип „Алан Форд“ содржи промоција на македонското вино, која допира до публиката од речиси сите држави на бивша Југославија, пренесува порталот Мета.
Во епизодата насловена „Лудост“, јунаците решаваат интриги во измислената европска микродржава Баронство Баварија, која е слична на Кнежевството Лихтенштајн. Во еден момент, еден од ликовите, со цел да натера локален поп – пијаница да соработува, му нуди поткуп со шише – „вино од Тиквеш“.
„Лудост“ (Follia) е 571. месечна епизода на долговечниот „Алан Форд“, која во Италија за прв пат била објавена во јануари 2017 година, по сценарио од Макс Бункер и со цртеж на Дарио Перука. Од пред неколку дена увезеното издание е достапно и во одделни македонски трафики.
Може да се очекува дека во оригиналното, италијанско издание се реферира на некое сосем друго вино, бидејќи една од тајните на долгогодишната популарност на овој стрип, уште од првобитното издание на „Вијесник“ од Загреб (1971), е креативниот превод, кој не се држи слепо до оригиналниот текст.
Во изданието не е достапна информацијата дали станува збор за рекламирање или едноставна пофалба за македонското вино од преведувачите и прилагодување на вкусот на читателите и винопијците од регионот.
Италијанскиот стрип „Алан Форд“ на просторите на бивша Југославија моментално го издава српската фирма „Колор медиа интернешнал“ од Нови Сад. При тоа, и во српското издание преводот од италијански е на хрватски, бидејќи публиката е навикната токму на таков превод уште од времето на првиот уредник и преведувач, легендарниот Ненад Брикси (1924-1984).
Фото – Мета.мк – Читател ја држи епизодата „Лудост“ на стрипот „Алан Форд“ пред огледало, при што се гледа делот во кој се промовира македонско вино и насловната страница. „Алан Форд“ е издание на „Колор медиа интернешнал“ од Србија