Македонската музичка експедиција блесна на сцената во Монтекатини Терме, Италија. Диригирани од неуморната наставничка по музичко, Вера Ангеловска, хорот и оркестарот на ООУ “Кузман Јосифовски – Питу”, Скопје, Македонија, настапија на 11 -от Интернационален фестивал на народни песни и ора “Претстави ја својата традиција”.
Претставувајќи дел од македонските обичаи и народни песни, избраниците на Проф. Ангеловска изнудија аплаузи од насобраната публика на централниот плоштад во Монтекатини Терме.
Интересно е што мештаните на овој прекрасен италијански град, како и туристите, не ги криеја симпатиите кон македонската експедиција и за време на парадата која беше составен дел од официјалното отварање, довикуваа “Мачедоне, Мачедоне…”
Во публиката имаше и Македонци од околните италијански градчиња кои специјално беа дојдени во живо да ја слушнат изведбата на “Македонско девојче” и “Јовано Јованке”, а самата атмосфера направи и да запеат заедно со македонскиот хор. Се вееше македонското знаме на улиците на Монтекатини како официјален симбол на нашата делегација, но се вееше и во рацете на Македонците во публиката.
Настапот на Македонија на отварањето на овој престижен музички фестивал, ќе остане запаметен и по тоа што официјално сме најбројна група која настапила на досегашните 11-ет фестивали под мотото “Meet the tradition” и единствена група која ја сочинуваат исклучиво ученици од Основно училиште. Македонскиот хор и оркестар ќе има уште еден настап на овој фестивал, заедно со другите учесници од Бугарија (четири различни музички групи), две од Литванија, по една од Полска, Турција, Словачка, Израел, Естонија и Ирска.