Последните години се почесто имаме прилика да видиме брендови, компании или угостителски објекти кои својот маркетинг го вршат директно преку инфлуенсери, односно на некој начин влијателни личности на социјалните мрежи. Меѓутоа, ретко е да се слушне дека нафтени компании им плаќаат на инфлуенсерите да ги промовираат нивните брендови за да допрат до младите луѓе.
Компаниите како Shell и ExxonMobil работат со инфлуенсери и над 100 влијателни луѓе се здружиле со нафтените компании од 2017 година досега, проценуваат маркетинг експертите.
„Тие се обидуваат да ја стекнат довербата на младите генерации. Компаниите не промовираат само одреден производ, туку се обидуваат да ја сменат својата перцепција во очите на јавноста и да го задржат својот углед“ велат експертите.
„Многумина не знаат дека ние, исто така, на дисциплиниран начин, инвестираме милијарди долари во решенија и производи со ниска содржина на јаглерод диоксид, како поддршка за урамнотежување на енергетската транзиција. Информирањето на купувачите за тие производи преку социјалните мрежи е еден од начините на кои се стремиме кон успех и е голем дел од нашите маркетинг активности“ велат од Shell.
„ExxonMobil, како и многу други компании, работи со инфлуенсери на едукација на потрошувачите за сите предности на нашата програма за наградување“ велат од ExxonMobil.
Познатата инфлуенсерка Нора Капистрано Сангалонг, која има 1,7 милиони следбеници на социјалните мрежи TikTok и Instagram, го промовираше британскиот Shell. Американската TikTok инфлуенсерка Мередит Стил, пак, го рекламираше ExxsonMobil.
Shell ги здружи силите и со ПР агенцијата Edelman, која треба да ја смени перцепцијата на нафтената компанија во очите на младите. Како што пишува на страницата на агенцијата, нафтената компанија сака миленијалците да бидат емотивно поврзани со залагањето на компаниjата за екологија и одржлива иднина.
„Сакаме миленијалците да заборават на предрасудите за големите нафтени компании и да почнат да размислуваат за Shell од поинаква песпектива“ велат од агенцијата Edelman.
(Bizlife)
(фото: PeakPx)