Нова инвестиција на „Тиквеш“ во зголемување на капацитетот и квалитетот на приемот и преработката на грозјето

- Advertisement -

Винарската визба „Тиквеш“ инвестираше четири милиони евра во изградба на нов објект и набавка на современа опрема за прием и преработка на грозје, потврдувајќи ја со тоа својата долгорочна определба и стратегија за континуирани вложувања во натамошен одржлив развој и имплементација на ЕСГ стандардите.

Новата постојка и вградената опрема во неа му овозможуваат на „Тиквеш“ да го зголеми вкупниот капацитет за прием и примарна преработка на грозје во време на берба за дополнителни 1,25 милиони килограми грозје за премиум вино. „Тиквеш“ континуирано вложува и во сите останати сегменти кои овозможуваат континуиран раст и напредок на компанијата. Имено, до крајот на годинава, вкупните инвестиции во модернизација на производството и воведувањето современи технологии, методи и стандарди на работење, реализирани во последните дваесет години, од влезот на групацијата М6 во „Тиквеш“, ќе надминат 45 милиони евра.

- Advertisement -

„Ни беше многу важно поголемиот дел од оваа нова инвестицијата да се комплетира пред бербата и да функционира за годинешниот откуп на грозје, кој оваа година се одвива исклучиво со почитување на пазарните механизми, за што се залагаме одамна. Оваа година имавме неповолни временски услови и како резултат на таквата состојба, родот е значително намален. Но, затоа имаме извонреден квалитет на грозјето и заедно со оваа инвестиција која овозможува подобар квалитет на виното што го произведуваме и зголемен капацитет за прием и преработка на грозје за премиум вино, можеме да очекуваме исклучително квалитетно вино од оваа берба. Со реализацијата на оваа инвестиција придобивки имаат и нашите партнери – лозарите, затоа што само со инвестиции и почитување на светските стандарди за квалитетно производство може да се креира дополнителна вредност за сите, вклучувајќи и повисоки цени за грозјето “, изјави претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. 

Најновата инвестиција на „Тиквеш“ ја поздрави и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, истакнувајќи го нејзиното значење и улога во натамошното поттикнување на локалниот економски развој.

- Advertisement -

„Со оваа најнова инвестиција во проширување на капацитетот и зголемување на квалитетот при приемот и примарната преработка на грозјето, „Тиквеш“ уште еднаш  потврдува дека е генератор на развојот на лозарството и македонската винска индустрија, кој преку своето успешно работење и стратегија за одржлив развој влева дополнителна сигурност и има големо влијание во натамошно унапредување на благосостојбата на голем број семејства и бизниси во нашата општина и пошироко во целата Тиквешија“, изјави градоначалникот Јанчев, честитајќи им на сите во „Тиквеш“ за успешната реализација на овој инвестициски проект.

Водечката македонска винарница посветува особено внимание со целокупното свое работење и со сите нови вложувања да даде што позначаен придонес за заштитата на животната средина, за развојот на заедницата и општеството во целина, како и за примената на стандардите за добро управување (ESG – Environmental, Social and Governance Standards). Новата опрема овозможува висок степен на автоматизација и дигитализација на процесот, со што значително се зголемува ефикасноста и ефективноста при приемот и преработката на грозјето, а се остварува и заштеда на електрична енергија и се скратува времето на чекање на лозарите. Сето ова придонесува да се задржи квалитетот на грозјето, да се намали потрошувачката на енергенси во процесот на прием и преработка на грозје, како и да се намали емисијата на CO₂. На тој начин, ВВ „Тиквеш“ придонесува за заштитата на животната средина и засилување на општествената одговорност, како два клучни столба на својата ЕСГ- стратегија.

Сподели!
- Advertisement -