Дури 41 процент од водоземците се на работ на истребување поради човечкото уништување на нивните живеалишта, болести и климатски промени, се вели во студијата објавена во списанието Nature, чии автори се залагаат за заштита на живеалиштата и намалување на емисиите на CO2.
Ова се резултатите од најновата глобална проценка на 8.011 видови водоземци – ‘рбетници кои живеат и во водни и во копнени живеалишта. Повеќе од 1.000 експерти од целиот свет учествуваа во ажурирањето на податоците за водоземците. Состојбата на водоземците во светот денес е многу полоша отколку во 2004 година, кога беше извршена првата ваква проценка. Според тогаш ажурираните податоци, 39 отсто од видовите биле загрозени. Од 2004 година, 306 видови водоземци се поблиску до истребување, покажа студијата.
Човечките активности и климатските промени ја нарушија деликатната рамнотежа на нашата планета на штета на нејзината флора и фауна. Од сите ‘рбетници, водоземците поминаа најлошо. Најновите податоци покажуваат дека, освен 41 отсто водоземци, загрозени се 27 отсто цицачи, 21 отсто влекачи и 13 отсто птици. На сите им се заканува исчезнување во догледна иднина, се наведува во написот. Загрозените видови се означени како „критично загрозени“ и ставени на „црвената листа“ на загрозени видови од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), глобалната власт за дивиот свет.
Научниците утврдиле дека најмногу видови на загрозени водоземци живеат на Карипските острови, во Мексико, Централна Америка, во тропскиот регион на Андите, Индија, Шри Ланка, Камерун, Нигерија и Мадагаскар.
„Треба да сфатиме дека водоземците се наши сојузници во разбирањето на здравјето на нашата планета“, рече Луедке.
„Со заштита и грижа за водоземците, ние истовремено ги штитиме и се грижиме за копнените и водните екосистеми, ја зачувуваме генетската разновидност на планетата и инвестираме во иднина во која целиот живот – вклучувајќи го и човечкиот живот – се развива, продолжува и напредува“, додаде таа.
Извор: Индекс
Фото: Wikimedia