Ангела Јовановиќ е млада жена која е родена и порасната во земјоделско семејство во неготинското село Тимјаник. Одгледувањето на виновата лоза и производството на грозје и преработки на грозје се дел од нејзината семејна традиција, која таа, откако ги завршила студиите на Факултетот за земјоделски науки во Скопје, решила да ја продолжи.
Денес Ангела и нејзината фирма „Агро Калем Тимјаник“ се препознатливи по прозводството на маџун, гроздов сируп што се користи и како природен засладувач, но и како лек за многу болести.
Ангела, иако е млад земјоделец, веќе има долгогодишно искуство во производството. Таа во интервју за Иновативност вели дека има планови да воведе нови технологии во производството на маџун, но и да го прошири асортиманот со нови продукти.
Новинар – Верица Јорданова
Ангела, какви се условите и перспективите за работа на младите земјоделци?
Моите родители се занимаваат со земјоделство, односно производство на винско и трпезно грозје и со производство на лозови и овошни садници. Единствената егзистенција на моето семејство е земјоделството, а со вклученоста во нашата работа љубовта кон производството на храна едноставно ми се всади во душата. Средно и основно образование завршив во Неготино со одличен успех. Кога завршив средно училиште без размислување одлучив да студирам и да го надоградувам знаењето, кое што со пракса го имав стекнато во моето семејство и во нашите лозови насади. Се запишав на Факултетот за Земјоделство и храна во Скопје, во предвидениот рок го завршив факултетот и сега сум дипломиран инженер по лозарство и овоштарство.
По завршувањето на студиите имав можност да останам во Скопје и да работам по мојата струка, но јас одлучив да се вратам во моето родно село Тимјаник и активно да се вклучам во работата на лозовите насади и во производството на садниците и веќе трета година сум главен агроном во нашата семејна фирма.
Како стручно лице можам да кажам дека земјоделскиот сектор, особено лозарството се соочуваат со многу проблеми. Од една страна се влијанијата на климатските промени, а од друга страна ниските откупни цени на грозјето, особено на винското грозје. Тоа ме мотивираше да размислувам како да му додадам вредност на нашето грозје и решив да се обидам дел да преработам во маџун.
Производството на маџун е традиција во Тиквешкиот крај. Имате ли ваш семеен рецепт?
Секако, рецептот е наследство од претците на моите родители и посебно сум горда на тоа затоа што моите прабаби токму така го правеле маџунот како јас денес. Тие го правеле за да обезбедат засладувач за сопствени потреби бидејќи немале шеќер, додека јас сакам да го модернизирам производот и да го развивам како семеен бизнис. Морам да напоменам дека и мојот сопруг многу ми помага и ме поддржува околу производството на маџунот и сметам дека таа поддршка многу ми значи за понатамошната моја работа. Правилникот за продажба од куќен праг многу ни ја олесни работата и оваа година произведовме околу 5.000 литри маџун спакувани во тегла.
Планирам да се надоградувам во поглед на производството и понатаму, преку разни обуки и работилници кои што ми ги овозможува моето членство во Националната Федерација на Фармери и како член на Мрежата на млади фармери. Исто така сум и член на здружението ШИРА од с.Тимјаник и сметам дека само преку здружување и надоградување на сите земјоделци можеме да сметаме на светла иднина на нашето земјоделство.
Објаснете ни како се добива маџунот и каков е неговиот состав?
Во градот на виновата лоза највкусната храна се прави од грозје, а само од неговиот сок се добива производ со карактеристичен мирис, слатко-кисел вкус и арома, тоа е чудо од лек кој потекнува од Тиквешијата. Научно е докажано дека маџунот се наоѓа на прво место како лек за регенерација на црниот дроб, а болните од жолтица и цироза имаат доста подобрување по консумирањето маџун. Полн е со хранливи материи и спаѓа меѓу најздравите природни сирупи кои што можат да се внесат во човечкиот организам.
Тој е уште наречен и гроздов слад и е 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси. За маџунот се вели дека е хранлив како мајчиното млеко. Овој гроздов засладувач е густ како сируп или мед и е моќен напиток за јакнење на имунитетот. Тој содржи природен антиоксидант ресвератрол, кој спаѓа во групата на полифеноли. Го има во лушпата на црното грозје, боровинките и малинките и е одговорен за заштита на крвните садови и одржување на нивната еластичност.
Структурата на шеќери е идентична како кај пчелиниот мед, 50 % гликоза (гроздов шеќер) и 50 % фруктоза (овошен шеќер), потоа минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо), витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д), енергетски супстанци, танини, флавоноиди, антиоксиданси и органски киселини (винска, јаболкова, лимонска).
Какви здравствени придобовки за здравјето на луѓето има консумирањето маџун?
Научно е докажано е дека е лек за регенерација на црниот дроб, а болните од жолтица и цироза имаат доста подобрување на состојбата по консумирањето маџун. Придонесува за зајакнување на имунолошкиот систем кај деца, возрасни, постари лица и спортисти, подобрување на крвната слика, регулирање зголемено ниво на холестерол, помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, психички нарушувања, прекумерна телесна тежина, запек, анемија и болести на кардиоваскуларниот систем.
Може да се користи и за засладување на чај, млеко, мусли или пак како прелив на торти, сладоледи и колачи. Маџунот претставува вистинска ризница на хранливи состојки, а секојдневната конзумација придонесува за подобрување на целокупно здравје. Се препорачува да се внесува по 2-3 супени лажици дневно.
По кој принцип го продавате производот, со оглед на фактот дека сте мали производители и колку е баран ваков производ кај нас?
Нашиот производ може да се најде во сите подобро снабдени маркети во Македонија, да се нарача на социјалните мрежи, директно од нашата семејна фирма „Агро Калем Тимјаник“ и секако на саемите кои што се организираат за изложување и продажба на земјоделските производи.
Каква е поддршката од државата која ја добиваат младите земјоделци? Колку се важни субвенциите и другите мерките кои се носат и што би посочиле како потреба да се промени за да се подобрат условите за работа во земјоделството?
Донесувањето на правилниците за продажба од куќен праг е од многу големо значење за нас малите производители и оператори на храна. Грантовите за преработките кои што ги дава МЗШВ исто така даваат поттик за осовременување на производството, а субвенциите се неопходни за одржување на лозовите насади од кои што го береме грозјето за маџунот.
Каков е пристапот до пазарите за малите производители и колку е важна промоцијата?
Пристапот до големите пазари оди потешко затоа што ние како мали производители и почетници не сме доволно познати за трговците, а маџунот како производ не е доволно познат на потрошувачите. Неопходна е промоција и маркетинг за да сме препознаени. Ние веќе трета година опстојуваме на пазарот и веќе не препознаваат како бренд, а за овој период сметам дека најголема промоција ни беше пренесувањето на искуството од човек на човек. Со добар и стандарден квалитет на производот препораката од еден на друг е најдобра за производ кој што се пробива на пазарот.
Кои се вашите идни планови за развој?
Планираме инвестиции за осовременување на производството на маџунот со нова опрема и напредна технологија, но сепак со задржување на традиционалниот рецепт. Исто планираме проширување на производите од грозје, како што се слаткото, сокот, компотот и други, но се чекор по чекор.